




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
О, КОЛКУ Е ТЕШКО ДА СЕ ЉУБАТ СВОИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ…!
Св. Гавриил Ургебадзе
Врз Св. Гавриил неправедно била наложена епитимија 35 години да не смее да служи Литургија.
За себе го раскажувал ова:
„Кога бев млад, слушнав за свештеник кој се опивал. Не го познавав, но реков: Тој е недостоен да претстои пред Господовиот олтар.
Самиот живеев како незнабожец, а се осмелив да осудувам човек во свештен чин!
И Господ ми покажа кој е недостоен. Отстранет сум од Него веќе триесет и пет години. Често во сон се гледам себеси како принесувам Свети Дарови, но можеби и ќе умрам, а никогаш повеќе да не отслужам ни една Литургија.”
Ова го зборувал со насолзени очи. А потоа ги повторил зборовите на Јов: „Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено Името Господово!”
Отец Гаврил претрпел многу маки од своите мачители, но никогаш никого не осудил. Тој строго им забранувал на своите духовни чеда да судат било кој и вака ги поучувал:
„Ако видеш убиец, или блудница,
коишто се валкаат во калта,
никогаш не ги осудувај,
зашто Самиот Бог им ја отпуштил уздата,
а твојата ја држи во рака.
Ако реши да ја отпушти и твојата, ти ќе се најдеш дури и во полоша состојба и ќе паднеш во уште поголем грев од на оној што го судиш, и ќе загинеш…
Треба да ги сакаме сите, но ако не можеме, тогаш барем да им посакуваме добро. Сè она што е лошо во човекот е небитно.
И вие, младите, не презирајте никогаш никого, дури и кога ќе видите луѓе какви што денес има сè повеќе – луѓе за очи страшни, нечисти, пијани и навредувајте ги.
Божјиот лик е зачуван дури и во нив, на едно подлабоко ниво, за кое можеби ниту самите тие не се свесни.
Едноставно, непријателот го извалкал овој лик и го покрил со нечистотија, како што и иконата може да биде извалкана.
Но, ако дојде во добри раце, ќе биде исчистена и ќе почне да сјае и зрачи.
Ако мразиш макар само еден човек, во неговото лице го мразиш и самиот Христос и далеку си од Божјото Царство…
Во последните времиња љубовта, смирението и добрината ќе ги спасуваат луѓето.
Добрината ги отвора вратите на Рајот,
смирението воведува во Рајот,
а љубовта ќе ни го покаже Бога.
Тешко е да се види Божјиот лик во луѓе што ве понижуваат, кои се појавуваат во ѕверски лик. Но, нив мора уште повеќе да ги жалиме, зашто душите им се осакатени, можеби непоправливо – за вечно мачење.
Колку е тешко тоа – да се љубат своите непријатели; о, колку е тешко!
За да се научи тоа – треба целиот живот да се освети. Но, во таквата љубов, човек се уподобува на Распнатиот Бог.”
Извадок од житието
Обработи
Отец Митко Попоски 2022