www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,669,069
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM V

Свети Григориј Синаит

Поука за безмолвниците

1. Како треба да се седи во ќелијата

Кога седиш во твојата ќелија, биди трпелив во молитвата, според зборовите на апостолот: „Бидете постојани во молитвата“ (Кол. 4, 1; Рим. 12, 12). Собери го умот твој во срцето свое, а оттаму, со духовно извикување, повикувај Го на помош Господа Исуса велејќи: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ Не предавај им се на малодушноста и мрзливоста, туку тагувај во срцето свое и потруди се со твоето тело, барајќи Го Господа во своето срце, зашто, како што рекол Господ: „Царството небесно со напор се освојува и силните го грабаат“ (Матеј 11, 12), а тоа покажува, дека за неговото придобивање се потребни големи трудови и подвизи.

2. Како треба да се изговара молитвата

Некои од светите отци говорат дека молитвата Исусова треба да ја изговараме целосно: „Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, а други велат дека треба да ја изговараме само едната нејзина половина: „Исусе, Сине Божји, помилуј ме!“ Или: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ Или дека треба да ја изговараме со измени: и целосно и скратено. Но, кога ја читаме, не треба од мрзливост да ги менуваме нејзините зборови; треба да ја читаме полека и со трпение. Исто така, едни од отците нѐ учат дека оваа молитва треба да ја изговараме гласно, а други нечујно, само во нашиот ум. Јас мислам дека треба да го правиме и едното и другото. Зашто, понекогаш умот се изморува да ја повторува само во себе, па паѓа во униние, а понекогаш се уморуваме, ако ја изговараме само гласно. Затоа треба да се молиме и со устата и со умот. Сепак, потребно е да повикуваме кон Господа тивко и без брзање, за да не го расееме вниманието на умот и да не ја прекинеме молитвата, додека умот не свикне со неа и, откако ќе ја прими силата од Духот, не почне самиот по себе да се моли во себе. Тогаш нема да има потреба да ја изговараме молитвата усно, а и не е можно тоа, зашто оној што го придобил ова, тој се задоволува да се моли само со својот ум и нема желба да ја напушта оваа молитва.

3. Како треба да го држиме умот

Знај дека никој не може сам да го додржи својот ум, ако не биде држан и додржуван од Светиот Дух, зашто тој е недодржлив, не затоа што секогаш е во движење, туку затоа што поради мрзливост, придобил да кружи и да талка ваму-таму. Кога, преку неизвршувањето на заповедите на Спасителот, Кој нѐ препородил преку светото крштение и сме се оддалечиле од Бога, тогаш сме го загубиле соединувањето со Бога и сме го загубиле Неговото чувство во нашето чувство. Таквиот ум станува секогаш и секаде пленик. Тој не може да се смири поинаку, освен, ако се утврди во Бога, ако не Му се потчини и не се соедини со Него. И тогаш ќе може често и трпеливо да му се моли Нему и секој со својот ум Му се исповеда на Бога за сѐ што греши, а Бог им проштева веднаш на сите, кои Му се молат со смиреност и скрушеност за простување на своите гревови и кои името Негово секогаш го повикуваат. Кога, поради таквиот молитвен труд, ќе се водвори молитвата во таквото срце, тогаш ќе почне да го задржува умот во себе си, ќе го весели и нема да му дозволува да е заробуван. Впрочем, и по ова има непостојанство на мислите, кои им се покоруваат само на оние кои се совршени во Светиот Дух, кои со силата на Господа Исуса Христа придобиле ум, кој е во состојба да не талка.

4. Како да ги отклонуваме помислите

Никој од почетниците не може да ја одгони лошата помисла, ако Бог не ја одгони. Само силните можат да се борат со неа и да ја прогонуваат. Но, и тие не сами и не само со своите сили ја прогонуваат, туку со Божјата помош се борат против лошите помисли и се вооружени со сето Божјо оружје. А ти, кога ќе ти дојдат лоши помисли, често и трпеливо повикај Го Господа на помош, и тие ќе избегаат, зашто не можат да ја истрпат духовната топлина, која доаѓа од молитвата, и тие, како од оган обгорувани, бегаат. Свети Јован Лествичник вели: „Бичувај го противникот“. Нашиот Бог е оган, ја уништува злобата. Тој брзо доаѓа на помош и брзо го победува противникот; брзо им помага на оние што Му се молат, дење и ноќе. А оној што нема дејство на молитвата, тој, слично на Мојсеја, ги победува противниците. Зашто, кога ќе стане и ќе ги подигне своите раце и очи кон небото (сп. 2. Мој. 17, 11), Бог веднаш ги прогонува непријателите. А тогаш, пак, седнува и ја продолжува молитвата со трпение. Еве уште со што се служи оној, кај кого молитвата нема дејство. Кога молитвата нема дејство поради раздвижувањето на страстите на мрзливоста и на блудот, кои се страшни и тешки; тој, тогаш, станува и подава раце за помош против нив. Но, поради прелеста, не го прави ова долго, веднаш седнува, за да не биде прелестен од ѓаволот, покажувајќи му некаков призрак. Зашто, да се има ум, кој не е во опасност од паѓање тоа им е својствено само на чистите и на совршените.

5. Како треба да ги пееме псалмите

Едни говорат дека треба да ги пееме често, други – дека не треба да ги пееме често, а трети – дека воопшто не треба да ги пееме. А ти, пеј ги, ни често – за да ја избегнеш збунетоста, ниту да го изоставаш сосема пеењето, за да ги избегнеш раслабеноста и мрзливоста, но, угледај се, на оние што ги пеат почесто, зашто умереноста во сѐ е прекрасна, според зборовите на премудрите. За оние што живеат дејствителен живот – добро е да пеат многу, затоа што тие не ги знаат духовните вежби и поради нивниот труд, но ова не е препорачливо за безмолвниците, кои треба да бидат само во Бога, молејќи се во своето срце и воздржувајќи се од своите помисли. Зашто, според зборовите на свети Јован Лествичник безмолвието е отфрлање на помислите за светските и телесните работи. Ако безмолвникот ја истошти сета своја сила во пеењето, тогаш неговиот ум не ќе може силно и трпеливо да престојува во молитвата. Свети Јован Лествичник поучува дека треба ноќе повеќе време да ѝ се посветува на молитвата, а помалку на пеењето. Така треба и ти да постапуваш. Кога ќе видиш дека, додека седиш, твојата молитва не престанува да дејствува во твоето срце, не оставај ја, за да станеш и да почнеш да пееш, сѐ додека таа самата, по Божја волја не те остави. Зашто, во спротивно, ти би Го оставил Бога, Кој е во тебе, ќе застанеш и од надвор ќе почнеш да му се обраќаш со зборови, преминувајќи од погорното – кон подолното. Со тоа ќе предизвикаш збрканост во својот ум, изведувајќи го вон мирното затишје. Безмолвието има во себе такви работи, кои можат само во мир и во тишина да се извршуваат. Зашто, нашиот Бог е Бог на мирот, далеку од секаква врева и обеспокојување. Според нашиот начин на живеење, кој е ангелски, и нашето пеење треба да биде ангелско, а не телесно. Гласното пеење укажува на внатрешно умствено извикување, а ни е дадено само за случај кога сме напаѓани од мрзливоста и нечувствителноста, за да нѐ воведува пак во исправно духовно расположение. Тие што уште не ја познаваат молитвата, што уште не ја доживеале нејзината сила и нејзиното дејство, која е според свети Јован Лествичник, извор на добродетелите, кој ги наводнува нашите душевни сили, – тие треба да пеат многу, да пеат без мерка и секогаш да бидат зафатени со некакви работи и никогаш да не бидат без нив, сѐ додека од тешкиот труд не дојдат во состојба на соѕерцанне, додека не ја придобијат умствената молитва, која ќе дејствува внатре во нив. – Еден е начинот на дејствувањето на безмолвието, а друг е на заедничкиот – манастирскиот живот; секој од монасите – во што е повикан, во тоа и ќе се спаси. Затоа и се плашам да пишувам поради немоќните, знаејќи дека си во нивната средина. Попусто се труди оној што сака да се научи да се моли само според она што го слуша и што го чита, што го учи, ако нема свој духовен раководител и учител. Оној што ја вкусил благодатта, тој треба умерено да пее; тој е должен, според зборовите на духовните учители повеќе да се вежба во молитвата, а тогаш, кога го напаѓа мрзливоста, тогаш нека пее и нека ги чита дејствителните глави на духовните отци. Коработ нема потреба од весла тогаш кога ќе дувне ветер, зашто тогаш ветрот ги надувува едрата и му дава доволно сили за да може лесно да го преплива соленото море на страстите; а кога ќе престане ветрот, и кога коработ ќе сопре да плови, тогаш треба да почнеме да го движиме со силата на веслата.

Некои укажуваат на светите отци, кои стоеле по цели ноќи и за сето време пееле. На ова ќе речеме дека сите тие оделе по ист пат и до крајот на својот живот се раководеле од едно исто правило. Многумина од оние што живееле дејствително, преминувале кон соѕерцание, па кога ќе престанеле со делата, почнувале да празнуваат во духовниот живот, според духовниот закон и само на Бога Му се радувале, насладувајќи се со духовната сладост, но тогаш благодатта не им допуштала да пеат и да помислуваат за нешто друго, туку секогаш биле во духовна восхитеност, како да стигнале до крајот на своите желби, па макар и делумно. А други, до крајот на својот живот дејствително живееле и добиле спасение; се упокоиле со надеж дека ќе ги добијат наградите во идниот живот. Некои од нив, на смртниот час добиле уверување дека се спасени, а по смртта, за потврда на тоа, од нив излегувала благопријатна миризба. Тоа се оние што ја добиле благодатта на крштевањето, на кои, поради тоа што биле пленети, или поради незнаењето на нивниот ум, не го вкусиле најсаканото, иако, додека биле живи, биле во таинствено општење со него. Има и такви, кои многу вешто го извршуваат и едното и другото – и пеењето и молитвата; и, живеејќи така имаат богата благодат, која постојано се движи и во ништо не среќава пречки. А други, до крајот на својот живот останале во безмолвие, иако биле прости и неучени, потполно се соединиле со Единиот Бог и само од молитвата го црпеле сето свое задоволство. Совршените можат сѐ со Исуса Христа, Кој ги укрепува во секое добро, на Кого нека Му е слава сега, во сите векови и во сета вечност. Амин.

6. Како треба да се храниме

Што да кажеме за утробата, царицата на страстите? Ако можеш да ја умртвиш и да ја направиш полумртва, не попуштај во своите трудови. Возљубени, јас сум победен од неа и ѝ служам како роб. Преку неа паѓаме и преку неа стануваме – кога ја победуваме. Таа им е помошничка на демоните и живеалиште на страстите. Преку неа сме го загубиле и првото и второто божествено достоинство. По првото паѓање и распаѓање, во Христа сме биле обновени, но сега пак сме отпаднале од Бога преку занемарувањето на заповедите, кои ја запазуваат и ја враќаат благодатта во преуспевањето, макар и да не го сознаваме ова, се гордееме, се превознесуваме, мислејќи дека сме со Бога.

Во телесната исхрана има голема разлика, како што говореле отците: на еден му е потребно малку, на друг многу за одржување на неговите телесни сили; секој се задоволува со толку храна, со колку што свикнал и според своите сили. Но, безмолвникот секогаш треба да гладува, не дозволувајќи си никогаш да се насити. Зашто, секогаш кога е стомакот пренатоварен, тогаш преку тоа и умот се заматува; тогаш не можеме да се молиме силно и чисто, туку под дејството на испарувањето на многу храна има желба што поскоро да легне и да заспие и од што, за време на спиењето, безбројни мечтаења го исполнуваат умот.

Па затоа, оној што сака да добие спасение и што се труди заради Господа да живее безмолвно, мислам дека тој треба да јаде околу 350 грама леб, а да пие 3 или 4 чаши вода или вино, а од други јадења, ако случајно му бидат понудени, да зема сосема малку, не дозволувајќи си никогаш со нив да се насити. На тој начин, употребувајќи ја мудро секоја храна, од една страна ја одбегнува гордоста, а, од друга, покажува дека не се гнаси од она што е создадено од Бога, што е создадено многу добро, и за се Му благодари на Бога. На оние што се немоќни во верата, воздржувањето од јадење им е многу корисно и апостолот на таквите им заповеда да јадат зелје (сп. Рим. 14, 2), зашто тие не веруваат дека Бог ќе ги запази.

А што да ти кажам тебе? Ти побара да ти дадам правило, а тоа е, обично, тешко, особено за тебе стариот. Младите не се секогаш во состојба да ја запазат мерката, а како ќе можеш ти да го направиш тоа? По однос на храната, ти треба да бидеш слободен. А кога ќе бидеш победен, кај се и самоосудувај се, и прави нови усилби. Не престанувај вака да постапуваш секогаш; секогаш кога паѓаш и кога стануваш, секогаш прекорувај се себе, а не некој друг, – и ќе имаш мир и преку паѓањата ќе придобиеш победа. Но, впрочем не преминувај ја веќе поставената граница, и тоа ќе биде доволно, зашто другите јадења нема да го оснажат телото како што би го направиле тоа лебот и водата. Затоа и светиот пророк Језекиил, не сметајќи ги другите јадења рекол: „А ти, сине човечки… направи си лебови, според бројот на деновите, и пиј вода со мерка… (Језек. 4, 1, 9, 11). Јадењето има три степенувања: воздржувањето, недојадувањето и наситувањето. Воздржувањето е кога сме малку гладни, иако сме се хранеле; недојадувањето – е кога човек не е ни гладен ни презаситен; а наситувањето е оптоварување со многу храна. А од наситувањето преку прејадувањето и преку чревобесието, како преку врата, се навлегува во блудот, а ти секако го знаеш сето ова, па труди се да го одбираш она што е најдобро, без да ги преминуваш границите, зашто на совршените им е својствено и тоа, според зборовите на апостолот, да знаат да живеат и во скудност и во изобилство, да трпат и да бидат во немање (сп. Филип. 4, 12).

7. За прелеста и за друго

Внимавај, сакам да ти кажам точно што е прелеста, за да се пазиш од неа, и, од незнаење, да не ѝ нанесеш штета на твојата душа и да не ја загубиш. Зашто, самоволието на човекот лесно се свртува кон непријателите, особено, ако се неопитни и не знаат дека постојано се прогонувани. Бесовите, обично, ги поставуваат своите мрежи околу почетниците и самоволните. Тие мрежи се мрежи на помисли и мечтаења, приготвени за паѓање во демонски јами, зашто нивниот град се наоѓа уште под власта на овие духовни варвари. И не треба да се чудиме, ако некој од нив биде измамен или умствено се промени и биде прелестен или види нешто што не ѝ одговара на вистината, или говори нешто што не е прилично – од неопитност и од незнаење. Често се случува некој да говори за вистината од незнаење и да говори едно место друго, без да знае како точно стојат работите и со тоа ги вчудовидува оние што го слушаат, а со ова ги посрамува безмолвниците и ги изложува на подбивање поради нивното неразумно дејствување. Нема ништо чудно во тоа што се измамуваат почетниците и тоа по многу трудови. Така се случува со многумина кои Го бараат Бога. Така било во минатото, така е и сега.

Спомнувањето на Бога или умствената молитва е над сите дејности. Таа е и глава на добродетелите, како Божја љубов, но оној што бесрамно и дрско сака да навлегува во Бога и да го исповеда чисто кој се труди да Го придобие за себе, лесно бидува умртвуван од бесовите, само, ако им биде дозволено. Зашто, е дрско и самонадежно да бараме да го достигнеме пред време она што го бараме – под присилување на гордоста. Милостивиот Бог, гледајќи колку сме склони да се издигнуваме и гордееме, често ни дозволува да паднеме во искушение, така што секој од нас, откако ќе го сознае своето горделиво умување, самиот треба да се освести и дојде на себе пред да стане за срам и да биде исмеан од демоните и оплакан од луѓето. Ова треба да се извршува особено со трпение и смирени, со послушност и барање совети од опитните, така што, место пченица, да не жнее какол, горчина место сладост и место спасение – вечна пропаст. Зашто, на силните и совршените им претстои секогаш да се борат само со бесовите и против нив непрестано да го насочуваат својот духовен меч – „кој е словото Божјо“ (Ефес. 6, 17). Оние што се почетници и немоќните се користат со бегството, како со тврдина, со побожноста и со стравот, се окажуваат од спротивставување, не осмелувајќи се да навлезат во него, и на таков начин ја избегнуваат смртта.

А ти, ако добро безмолствуваш, чекајќи да бидеш со Бога, никогаш не треба да примаш, духовно или телесно, внатре или надвор од тебе, макар да е тоа и самиот Христов образ, или на ангел или на некој од светиите, или да гледаш некаква светлина во својот ум. И самиот ум според својата природа има сила и способност да мечтае и да создава привидни ликови од она што го посакува, па затоа оние невнимателните можат да си нанесат преку ова голема штета. Исто така, и спомнувањата за добрите и лошите работи обично добиваат вид на ликови, па и тие водат кон мечтаење. Оној што го доживува ова – во тој миг веќе не е безмолвник туку мечтател. А потоа, внимавај, да не поверуваш во нешто од тоа, да не се занесеш по тоа, па макар тоа било и нешто убаво, додека не ги прашаш искусните и не ја испиташ работата, за да не претрпиш некаква штета; секогаш внимателно пази го твојот ум од вакви привиди и ликови. Често и она што е испратено од Бога, заради испитување и награда, и во ова треба да бидеш внимателен, бидејќи на многумина им наштетувало. Господ сака да ја испита нашата слободна волја, за да види на која страна тежнее. Секогаш има опасност за оние што брзо се занесуваат по некои свои помисли и чувства, кои им се пријатни. Затоа почетникот треба да внимава што се случува во неговото срце и да не прифаќа ништо сѐ додека не се смират страстите во него. Бог не се срди на оној кој внимава добро на себе, ако тој, пазејќи се да не биде измамен и прелестен, не го прифаќа и она што е од Него, без да се допраша и не провери, туку го пофалува како мудар. Впрочем, не треба да ги прашуваме сите, туку само еден, оној кому му се доверени и други и кој и со својот живот свети и кој, иако сиромав, многумина збогатува (сп. 2. Кор. 6, 10). Многумина духовно неискусни им нанеле штета на многумина неразумни; за нив тие ќе одговараат на Судот, зашто, на сите не им припаѓа да ги раководат духовно другите, туку само на оние, на кои им е дадено „да ги разликуваат духовите“ (1, Кор. 12, 10), способност со мечот на верата да го разликуваат и одвојуваат доброто од лошото. Секој има свој разум и свое природно расудување, од опит или научено, но не сите имаат духовно расудување. Затоа и премудриот Исус Син Сирахов вели: „Оние, што живеат со тебе во мир, нека бидат многумина, но еден од илјада нека биле твој советник“ (Мудр. Сир. 6, 6). Не е мала работа да се најде вистински духовен раководител, кој не се заблудува ни во дела, ни во зборови, ниту во расудувања. Дали некој не се заблудува, тоа се гледа оттаму дали има сведоштво од Светото Писмо и за она што го прави и за она што го расудува и кој со смирение го прави она за што треба да мудрува. Зашто, е потребен голем труд да се разбере вистината јасно и чисто и да се одвои од она што ѝ е спротивно на благодатта, зашто ѓаволот има обичај, обично кај почетниците, да ја претставува својата прелест како вистина, преобразувајќи го своето лукавство како нешто духовно.

Затоа оној што се труди да има чиста молитва во своето безмолвие, тој треба да оди кон ваквиот духовник со голем страв и трепет и со плач, за да бара совети од него, и постојано да пролева солзи за своите гревови, со тажна скрушеност и со страв, за да не падне во пеколот, да не отпадне од Бога и да не биде одвоен од Него во сегашниот и во идниот живот. Зашто, кога ќе види некого да живее во плач, тој брза да му се приближи, плашејќи се од неговото смирение од кое се раѓа плачот. Ако некој мечтае да го постигне она возвишеното преку високото мислење за себе, тој има не вистинска, туку демонска желба; тогаш демонот може лесно да го обмотува со своите мрежи, како свој послушен слуга. Затоа е силно оружје – да имаме молитва и плач, така што молитвената наша радост не ни стане причина да паднеме во високо мислење за себе си, туку да го избереме сигурниот начин за запазување и да не бидеме повредени – да избереме радост во жалоста. Зашто, молитвата ѝ е туѓа на прелеста; тоа е молитвата Исусова, која ни дава духовна топлина, таа топлина става оган во нашите срца; таа ги запалува и изгорува трњето на страстите и на тој начин ги вселува во нашата душа веселбата и тишината, а која не доаѓа ни оддесно ни одлево, ни озгора ни оздола, туку извира во самото срце, како од извор – од Самиот животворен Дух. Труди се да го придобиеш ова во своето срце; пази го твојот ум далеку од секакви мечтаења и од помисли, кои не ги разбираш, – и не плаши се, зашто Господ говори: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ (Матеј 14, 27). Тој Самиот секогаш е со нас, Тој Кого Го бараме и Кој секогаш нѐ заштитува, па затоа не треба да се плашиме и да воздивнуваме кога Го повикуваме Бога.

А, ако некои полуделе, ако го повредиле својот ум, знај дека пострадале затоа што биле горди и што имале високо мислење за себе, што биле своеволни и горделиви. Зашто, послушниот, оној што со прашување и смирено Го бара Бога, тој никогаш нема да претрпи штета, затоа што Господ Исус Христос со Својата благодат му помага; Тој сака сите луѓе да се спасат. Ако со ваквите и се случи некое искушение, тоа ќе биде за испитување и овенчување со награда; набрзо по искушението доаѓа помошта од Бога, Кој го допушта искушението сообразно со своето знаење и својата љубов. Зашто, оној што живее праведно и беспрекорно се однесува со сите, кој се оддалечува од себељубието и високото мислење за себе, нему, иако бесовските мноштва подигаат против него безбројни искушенија, според зборовите на отците, не можат никаква штета да му причинат. А оние што дејствуваат самонадежно и самоволно, тие лесно подлегнуваат на оштетување. Затоа безволникот секогаш треба да оди по царскиот пат. Зашто, преизобилството во сѐ бива придружувано од високото мислење за себе си, а по тоа следува паѓањето во прелест.

Во безмолвието треба да имаме три добродетели и секој час да бидат со нас, да живееме во нив и со нив, да не бидеме никогаш оддалечени од нив, да не се заборавиме и да не ги напуштиме. Тие добродетели се: воздржувањето, молчењето и самопонижувањето или смирението. Тие една со друга се потпомагаат и запазуваат, а од нив се раѓа молитвата и непрестано продолжува и зајакнува.

Почетокот на благодатта во молитвата се пројавува различно, зашто, според апостолот, распределувањето на Духот бива различно, според Божјата власт (сп. 1. Кор. 12, 11). Кај некои доаѓа духот на стравот, кој ги урива планините на страстите, ги крши срцата како камења; од овој страв телото како да е приковано и умртвено. Кај други се јавува потресување или радост, која отците ја нарекле „разигрување“. Најпосле, кај трети се јавува, главно, како засилување на молитвата, а кога Христос ќе се всели во срцето (сп. Ефес. 3, 17), тогаш таинствено почнува да сјае во духот. Затоа Бог Му говорел на Илија, на гората Хорив (сп. 2. Цар. 19, 12), дека Господ не е во едно – во едно или во друго, – не е во поодделните дејствувања на почетниците, – туку во неискажаната светлина – во совршенството на молитвата.

8. Прашање: Што треба да правиме кога демонот ќе се преобрази како ангел и кога ќе го измамува човекот

Одговор: За ова човекот има потреба од големо расудување и добро да го распознава доброто од злото. Не биди лекомислен и не занесувај се по она што ти се причинува, туку биди спор: испитувај го доброто и потоа примај го, а лошото отфрлај го. Должен си секогаш, најнапред да испитуваш и да разгледуваш, а потоа – да веруваш. Знај дека дејствувањата на благодатта се јавни, и демонот, иако се преобразува, не може да ги покажува: ни кротоста, ни привлечноста, ни омразата према светот, ниту прекинувањето на похотата и страста, – нив кои се дејство на благодатта. А демонските дејствувања се: надуеноста, високото мислење за себе, стравувањето и секое зло. По овие вакви дејствувања можеш да распознаваш: дали светлината што болснала во тебе е од Бога или е од сатаната. Тридаксот, по својот надворешен вид, е сличен на сенф, но кога ќе ги вкусиме, тогаш ја распознаваме разликата меѓу нив. Така и душата, ако има расудување, со своето умно дејство можеме да ги распознаваме даровите на Светиот Дух од призрачните мечтаења на сатаната.

Обработи
О.М.П. 2022