




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM V
Теолипт, митрополит Филаделфијски
Слово, во кое се објаснува скриеното дејствување во Христа и на кратко се посочува во што се состои суштината на монаштвото
1. Монаштвото е дрво што расте високо и раѓа многу плодови. Неговиот корен е отуѓување од сѐ во светот; неговите гранки се бестрасноста на душата и немањето никаква привлечност кон земните работи, кои ги оставил; плодовите негови се: богатството на добродетелите и боготворната љубов и радоста – кои се неразделени од нив. Светиот апостол Павле вели: „Плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост“ (Гал. 5, 22-23).
2. Оддалечувањето од светот овозможува засолниште кај Христа. Свет ја именувам љубовта кон земните работи и кон телото. Оној што се отуѓува од светот со силата на разбирањето на вистината, тој е усвоен од Христа, заради љубовта кон Него, според силата на која, откако се одделил со сѐ што е од овој свет, – Го купил Христа, тој скапоцен бисер.
3. Во Христа си се облекол за време на спасоносното свето крштение, во оваа божествена бања, си ја отфрлил гревовната нечистота, а во неа си ја примил светлината на духовната благодат и првосоздаденото благородство. – Но, што се случило потоа? Или подобро: што претрпел човекот поради својата неразумност? Од љубовта кон светот ги изменил своите особености; мракот на страсните помисли го оцрнил огледалото на својата душа, во кое треба да се огледа Христос – духовното сонце.
4. Сега одново си ја приковал твојата душа кон стравот Божји; си ја познал помраченоста на светското растројство; си ја сфатил расеаноста на мислите, што навлегува во умот преку грижите на светот; си ја увидел суетата на бродоломот, во кој човекот неизбежно е фрлан од бесно разбрануваниот живот; си се ранил со стрелата на љубовта кон безмолвието, си го придобил мирот на помислите, откако си ги разбрал зборовите на пророкот: барај мир и врви по него (Псал. 33, 14); си го посакал спокојот на душата, кој според зборовите на пророкот вели: „врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ добро ти прави“ (Псал. 1|4, 7), затоа и ти дошла на памет мислата: повторно, слободно, кон првородното благородство да се вратиш, кое си го добил во светото крштение со силата на благодатта, а кое си го отфрлил со силата на твојата грешна волја, робувајќи им на страстите во светот. И ова си го ставил во дејство и си дошол во ова свето училиште, откако си се облекол во прекрасната облека на покајанието и си се заветувал со сета своја душа – во манастирот да останеш сѐ до твојата смрт.
5. Ова е веќе твојот втор завет што си го склучил со Бога. Првиот си го направил кога си бил крстен, а овој, вториот, го правиш сега – кога почнуваш да бидеш ревносен за подобар крај на твојот живот. Тогаш, заради твојата вера си бил соединет со Христа, а сега, преку покајанието, се прилепуваш до Христа; тогаш, си нашол благодат, а сега примаш задолженија; тогаш си бил младенец и не си бил свесен за достоинството што ти било подадено, иако потоа, откако си пораснал, си ја сознал и големината на дарот и тоа дека имаш узда во твојата уста – а сега кога имаш совршен разум, јасно ја сфаќаш силата на својот завет. Затоа, внимавај, држи си го зборот, зашто, ако го погазиш и ова ветување, ќе бидеш како скршен сад, фрлен во крајната темнина, каде што има плач и крцкање со заби, бидејќи, освен патот на покајанието, друг пат нема, што води кон спасението.
6. Слушај што ти вели Давид: „Севишниот го избра за Свое прибежиште“ (Псал. 90, 9). Си го избрал тешкиот живот според Христовиот дух; никакво зло да не ти се приближи, злото што доаѓа од светот и што се прилепува кон нас. Си тргнал по патот на покајанието; не дозволувај ги во твојот нов живот љубовта кон богатството, задоволствата, честа, украсувањето и невоздржливоста и „безбожниците нема да излезат пред очите твои“ (Псал. 5, 6); да нема во тебе расеаност на помислите, отклонување од вистинскиот пат, и збрканост; да нема ни љубов кон родителите, роднините, браќата, – не среќавај се со нив на патот по кој одиш сега, да немаш гледање и среќавање, ни разговор со нив.
7. Ако вака го засакаш откажувањето од светот, ако го засакаш со душата и телото, тогаш камшикот на страдањето нема да се приближи до твојата душа; стрелата на жалоста нема да го пронижи твоето срце и нема да го помрачи твоето лице: Оние што отстапиле од сластољубието и се ослободиле од страстната приврзаност од светот, отапувајќи го бодилото на жалоста, зашто во душата на подвижникот доаѓа Христос и на срцето му подарува голема радост, а оваа духовна радост никој, ништо и никогаш не може да ја одземе; тоа не можат ни сластите, ни жалостите да го направат. Добрите размислувања, спасоносните потсетувања, божествените соѕерцанија и словата на премудроста, му служат на подвижникот и го запазуваат на сите патишта во неговата богоугодна работа. Тој ги напаѓа секоја неразумна похот и разбеснет гнев – како лав, а славољубието – како змија. Причината, пак, за тоа што тој ја отфрлил секоја грижа и секаква надеж на луѓето и на земните работи, и што се прилепил за Бога, што се збогатил со добри дела, е тоа што тој секогаш Го повикува Бога на помош и се надева на Неговото ветување, како што вели Бог: „Бидејќи се надеваше на Мене и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене и ќе го чујам; со него сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам“ (Псал. 90, 14-15).
8. Гледаш ли какви се борбите на оние што се подвизуваат во Господа и какви се наградите за нив? Затоа, потруди се да го извршуваш она за што си повикан, отфрлајќи ги и самите помисли за работите, од кои си се откажал, откако си се осамил. Ти си ја разменил облеката, биди туѓинец и за сѐ, а не само за твоите роднини по тело. Зашто, ако не престанеш да скиташ со своите мисли надвор од себеси, тогаш нема да можеш да се бориш ни против оние, кои прават заседа внатре во тебе. Ако не ги победиш оние што те напаѓаат преку видливите работи, тогаш никогаш не ќе ги натераш невидливите противници да избегаат од тебе. Кога, откако си ги прекинал надворешните задоволства, ќе можеш успешно да ги скротиш и внатрешните помисли, тогаш твојот ум ќе почне да се движи кон духовни работи и духовни зборови. Тогаш, место да се занимаваш со роднини и пријатели, ќе почнеш целосно да им се предаваш на добродетелите и, место да им се предаваш на празните зборови, кои ја помрачуваат душата, – размислувањето и разјаснувањето за божествените зборови ќе ја просветуваат и ќе ја вразумуваат твојата душа.
9. Разрешувањето на чувствата ја врзува со вериги душата, а врзувањето на чувствата е слобода за душата. Тогаш ја опфаќа мракот на страстите и духовните ѕверови ја раскинуваат. Откако ќе зајде сонцето, ѕверовите излегуваат од своите дувла, а кога Христос, духовното Сонце ќе изгрее на небото од срцето што се моли, тогаш престанува секаква желба кон нешто од светот и умот излегува по своја работа – богомисли и го прави тоа сѐ до вечерта. Духовните работи немаат одредено време во текот на денот и во животот кога треба да се извршуваат, тие се работат сѐ додека не дојде крајот на животот и душата не биде приморана да излезе од телото. Пророкот, укажувајќи на ова вели: „Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него“ (Псал. 118, 97), нарекувајќи го ден целиот тек на земниот човеков живот. Затоа, прекини ги надворешните разговори со луѓето за да најде чистата молитва место во тебе, за да го најде домот во тебе, во кој живее Христос, Кој ќе те просветува и осветува со познанието и со својата просвета и ќе ти дава сили, страдањата за него да ги сметаш за радост, а световната радост – да ја отфрлиш како пелин.
10. Ветровите ги подигнуваат морските бранови; и, ако ветровите не престанат и брановите нема да се смират. И лукавите духови разбудуваат во душата на мрзливиот спомени за родителите, браќата, роднините и пријателите, како и за гозбите, празнувањата, театрите и за сите други измислувања на сладострастието и го повикуваат да се сретне и да се види со првите и да учествува во вторите, со гледање, со јазик и со тело, така што и сегашното време да биде потрошено попусто, а и потоа, кога ќе бидеш сам во твојата ќелија – да ти поминува за празни спомени за она што си го гледал и што си го слушал. Така, многумина монаси бесплодно го живеат својот живот кога дозволуваат спомените за светските работи да се отпечатат во нивните мисли, како што се отпечатуваат стапалките на оној што оди по снег. Ако им даваме храна на ѕверовите, тогаш како и кога ќе ги умориме? Ако сме зафатени и со работи и со спомени поврзани со неразумни другарувања и обичаи, кога ќе го умртвиме мудрувањето на нашето тело? И како ќе можеш на овој начин да поживееш христијански како што си ветил? Стапалките во снегот се уништуваат и се стопуваат од зраците на сонцето или се измиваат од водите на дождот: и врзаните во умот спомени за сластољубивите предмети и дела можат да бидат уништени – или од Христа, кој сјае и грее од душата, преку молитвата или преку умилниот дожд на солзите и искрената скрушеност.
11. Кога неразумниот монах ќе ги избрише од својот ум грешните претстави што се отпечатени на него? Делото на добродетелта уште се извршува само телесно кога ги оставаш обичаите на светот. А добрите спомнувања и божествените зборови се печатат во душата и остануваат во неа тогаш кога со твоите чисти молитви кои ги извршуваш со топло умиление, ќе ги избришеш од твојот ум спомените за твоите некогашни дела. Светлината на спомнувања за Бога, кои ги правиш со вера и скрушено срце, како остар нож ги отсекува таквите лоши и грешни спомени. Угледај се на мудроста на пчелите. Тие кога ќе видат околу својот кош многу оси, остануваат внатре во кошот, и на тој начин ја избегнуваат опасноста што им се заканува од овие нивни непријатели. Под оси треба да ги разбереш твоите односи со светот и со светските луѓе. Настојувај да ги избегнуваш и постојано да остануваш во твоето сигурно живеалиште – во манастирот. Обиди се да влезеш во внатрешната стражарница на тврдината од твојата душа, каде што живее Христос, од Кого се мирот, радоста и ненарушливата тишина, од Кого произлегуваат тие, бидејќи е духовно Сонце, како духовни зраци – во зрак им ги дава на душата, која како награда ги прима со вера и добротољубие.
12. Па затоа, кога седиш во твојата ќелија, мисли за Бога; а притоа, одврзувај го својот ум од сѐ друго – потполно предавај Му се на Бога. Биди расположен со љубов кон Него и прилепувај се до Него со сето твое срце. Мислењето за Бога е соѕерцание на Бога, Кој го привлекува твојот поглед и устремот на твојот ум и го озарува со Својата светлина. Умот што се обраќа кон Бога се ослободува од сите грешни и лоши претстави, Го гледа невидливо само Него и погледот негов се просветлува. Не гледај на тоа што твоето знаење за Бога, Кого Го соѕерцаваш, поради недостапноста на Неговата слава е неможно; но, иако умот твој не може да Го сфати Бога, тој сепак знае дека е Он Еден и дека е вечен, дека постои и дека го заплискува со Својата љубов и ги задоволува нашите стремежи, удостојувајќи нѐ непрестано со блажениот спокој во Него.
13. Такви се својствата на спомнувањето за Бога. А молитвата е духовен разговор со Бога, во кој молитвените зборови и нашето духовно око, окото на душата, се устремени кон Бога. Кога нашата мисла често го повикува името на Господа и умот усилено внимава на ова повикување, тогаш знаењето на Бога, како светол облак, ја осветлува целата душа.
14. По вистинското и постојано спомнување за Бога следуваат љубовта и радоста. Пророкот Давид вели: „Го спомнав Бога и се развеселив“ (Псал. 76, 3). А по чистата молитва следат знаењето на Бога и умилението. Пак истиот пророк вели: „Те призовувам; по тоа знам дека Ти си Бог мој“ (Псал. 55, 9), и уште: „Жртвата пред Бога е смирен дух“ (Псал. 50, 17). Кога умот и мислата стојат пред Бога со силна устременост кон Него, со окото и топлината на нашата молитва, тогаш следи и умилението на нашето срце. А, кога умот, словото и духот, припаѓаат кон Бога: умот – со своето внимание, словото – со повикување и духот – со умиление, тогаш целиот внатрешен човек Му служи на Бога служба, како што заповеда и Господ, велејќи: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свој разум“ (Лука 10, 27).
15. Но, сакам да знаеш и за следново, та, мислејќи дека се молиш како што треба, – да не бидеш далеку од молитвата, трудот твој да не биде без плод и да не се трудиш „залудно“ (Гал. 2, 2). Како што во усната молитва се читаат понекогаш псалмите, а умот наш талка некаде далеку од тоа што се чита, со страстни помисли за земните предмети, така што не ја следиме смислата на она што го читаме и пееме, истото ни се случува и во духовната молитва. Често мислата ги повторува зборовите на молитвата, а умот и вниманието не го следат тоа, не го устремуваат своето око кон Бога, Кому Му говориме кога се молиме, туку незабележливо се отклонуваме во некакви други помисли. И, ако мислата обично ги следи изговорените зборови, но, умот не мисли за Бога, не Го замислува присутен; нема жива претстава за Него, тогаш, душата како да не е свесна за себе, зашто нејзиниот ум талка некаде настрана – во некакви мечтаења, е заробувана од нешто, кон што самиот доброволно оди и се предава. Кога кај оној што се моли нема молитвено расположение, тогаш тој и не сознава пред Кого се моли, не знае за што се моли, па тогаш како може таквата молитва да му биде слатка? Како може да се развесели срцето на оној, кој има само изглед на човек што се моли, а не извршува вистинска молитва во себе. Светиот пророк вели: „Нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа“ (Псал. 104, 3). А Господа Го бара само оној, кој со сета своја мисла и со сето свое внатрешно расположение припаѓа кон Бога, отфрлувајќи ја секоја световна помисла, за да може што подобро да Го познае Господа Бога. Тоа се придобивките на чистата молитва.
16. За да го објаснам ова: какво треба да биде во умот соѕерцанието за Бога и каква треба да биде молитвата во нашите мисли, правам споредба со нашите телесни очи и со нашиот јазик… она што е светлосниот зрак за очите и изговарањето на зборовите за јазикот, тоа е спомнувањето за Бога – за умот и молитвата – за мислата. Како што окото го прима впечатокот од она што го гледа, не дава никаков звук, но со од она што го гледа окото добива претстава и знаење за она што го гледа, така и умот што со љубов се устремува кон Бога, воден од топло чувство, во молчење и во наједноставно соѕерцание, е озаруван од божествената светлина и во тоа го добива уверувањето за идната светлина. И како што јазикот, изговарајќи ги зборовите, му открива на оној што слуша скриени желби на срцето, така и мислата, која топло и често ги изговара кратките зборови на молитвата, Му ги открива на Бога прозбите на душата, Кој знае сѐ, а со својата постојаност во молитвата и со непрестаната скрушеност на срцето – ја отвора утробата на милосрдниот Бог и го прима богатството на спасението. Зашто, како што вели пророкот: „Срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш“ (Псал. 50, 17).
17. За тоа што е чистата молитва, може да ви помогне претставата за оние што се наоѓаат пред лицето на земниот цар. Ако ти се случи некогаш да имаш можност да се појавиш пред земниот цар, тогаш се трудиш да стоиш пред него како што треба, со јазикот свој да му се молиш и очите свои кон него со прозба да ги устремуваш, верувајќи дека на тој начин царската милост сигурно ќе ја привлечеш. Прави го истото и кога се молиш, кога си в црква или кога си присутен на братските собранија или кога се молиш сам во твојата ќелија. Кога одиш в црква, на заедничка молитва со браќата, труди се да замислуваш дека телесно стоиш пред Бога и со јазикот твој Му ги принесуваш твоите молитви, а и умот свој држи го да биде внимателен и кон молитвените зборови и кон Бога, трудејќи се да имаш јасно знаење за Оној со Кого говориш и Кому Му се обраќаш. Имај на ум и не заборавај дека, ако твојата мисла усрдно и чисто се занимава со молитва, тогаш твоето срце има неискажлив мир и постојана радост, кои никој не може да ти ги одземе. А кога си сам во твојата ќелија, имај духовна молитва – со трезвен ум, со скрушено срце, тогаш заради твојата трезвеност ќе те посети божественото знаење; тоа ќе се всели во тебе заради твојата молитва. И мудроста ќе почива во тебе заради твоето умиление, изгонувајќи ја од тебе безумната славољубивост и ќе бидеш исполнет со божествената љубов.
18. Верувај ми, вистина ти велам: ако во секој твој труд ја имаш со себе неразделната мајка на секое добро – молитвата, таа нема да задреме сѐ додека не ти ја покаже свадбената палата и не те воведе внатре и не те исполни со неискажлива слава и неминлива радост. Таа, отстранувајќи ги сите пречки околу тебе, ја израмнува патеката на добродетелите и ја прави лесна за оние што го бараат спасението.
19. Еве, види ја и сликата на духовната молитва. Разговорот (внатрешните зборови на оваа молитва) ги уништува страсните движења, погледот на умот кон Бога ги прогонува светските помисли, а умилението ја отсекува љубовта кон телото. И очигледно е дека молитвата, во немолчаливото повикување на Божјото име, претставува согласно единство на умот, словото, срцето и душата. Господ Исус Христос говори: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив“ (Матеј 18, 20). На овој начин молитвата, повикувајќи ги расеаните душевни сили по предметите на страстите и „соединувајќи ги во една единствена тричлена душа, Му ги предава на триипостасниот Бог. Во почетокот, преку разни добродетели, искоренувајќи го од душата срамот на гревот, а потоа, преку светото знаење, кое ѝ е својствено, откако ќе ја наслика во неа убавината на божествените особености, Му ја дава најпосле на Бога. А душата веднаш го распознава својот Создател, зашто вели: „Те призовувам; по тоа знам дека Ти си Бог мој“ (Псал. 55, 9). Исто така, и Бог ја распознава неа, како што вели апостолот: „Ги позна Господ Своите“ (2. Тим. 2, 19). Таа Го познава Бога поради чистиот образ, зашто секој образ природно тежнее кон својот првообраз; а бива распознавана според нејзиното подобие – според добродетелите, преку кои таа и има познавање за Бога, а и од Бога е препознавана.
20. Оној што сака да ја придобие царската наклонетост, ги употребува следниве три начини: или го моли царот со соодветни зборови, или молчејќи стои пред него или се поклонува пред неговите нозе – како пред единствениот што може да му помогне. И чистата молитва, соединувајќи го во себе умот, внатрешното слово и духот – со словото го призива Божјото име, а со умот, без расеаност, гледа кон Бога, со духот и со срцето ги покажува: скрушеноста, смирението и љубовта, – и на тој начин ја придобива Светата Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух, Единиот Бог – за себе.
21. Како што разновидноста на јадењата ја поттикнува желбата наша – да посакаме да јадеме од нив, така и разните видови добродетели, духовни совршенства, ја поттикнуваат ревноста на нашиот ум – да ги придобиеме. Одејќи по овој духовен пат, повторувајќи ги молитвените зборови, – зборувај со Господа, постојано викај кон Него и не паѓај во униние: моли се и не отстапувај, подражавај го постојанството на вдовицата која со тоа ја придобила милоста на неумоливиот судија. Тоа ќе потврди дека со духот твој одиш по Господа, дека не го свртуваш твоето внимание према телесните похоти и светските помисли, туку ги прекратуваш и пресекуваш со непрестаноста на твојата молитва, и стануваш храм на Бога, во кој непрестано е прославуван Бог. Ако вака ја извршуваш духовната молитва, најпосле ќе бидеш удостоен да го придобиеш непрестаното спомнување на Бога, да влезеш во недостапните скришни места на умот и да гледаш таинствени соѕерцанија на Невидливиот, служејќи Му, така осамен, на Единиот Бог со изливање на љубовта, кои ќе ти бидат познати само тебе.
22. Кога ќе видиш дека почнуваш да слабееш во молитвата, тогаш земи ја веднаш Книгата и со внимание читај, навлегувај во смислата на она што го читаш; не прескокнувај зборови; труди се да навлегуваш во сѐ со разбирање и тоа што го познаваш – сместувај го во својот ум, како во ризница. – Потоа, почни да размислуваш за читаното, за да го насладуваш своето срце со она што си го разбрал, а труди се прочитаното да останува не заборавено. Од тоа ќе се разгорува во тебе топлина при размислувањето за божествените работи, како што говори светиот пророк: „И додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои“ (Псал. 38, 3). Како што храната го насладува вкусот кога ќе биде добро соџвакана со забите, така и божествените слова го хранат умот и го веселат срцето, кога ќе бидат вратени во душата преку расудувањата. „Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја“ (Псал. 118, 103) вели пророкот. Исто така, учи на памет евангелски зборови и цели реченици од светите отци. Читај ги и житијата на светиите и размислувај за нив, за да ти бидат предмет на размислувања во текот на ноќта.
23. Ако имаш потреба, по читањето и размислувањето за божествените зборови, тогаш оживувај ја твојата мисла, која почнала да се ослободува во молитвата, и одново да ја засилуваш и оживуваш, тогаш почни да ги читаш и да ги пееш гласно псалмите, но тивко и со внимание за умот, без да оставаш нешто од она што го изговараш – да остане не разбрано. Ако притоа остане нешто што разумот твој не го разбрал, одново прочитај го тој стих; колкупати и да ти се случи тоа, постојано повторувај го она што си го прочитал без внимание, без да го разбереш, сѐ додека не свикнеш сѐ што читаш, да го читаш со внимание и разбирање. Умот е силен и да пее со устата и да мисли на Бога. Твојот личен опит нека те поучува. Како што, кога некој говори со некого – што го гледа в очи оној со кого разговара, така и оној што ги пее псалмите, може со устата своја да пее, а со окото на умот – да Го гледа Бога.
24. Не занемарувај ги коленопоклоните. Со нив се изобразува паѓањето во гревот; се подразбира и исповедувањето на гревот. Станувањето од коленичење го означува покајанието, со потсетување на заветот дека ќе живееме добродетелен живот. Секој коленопреклон прави го со духовно повикување на Господ Исус Христос, така што, поклонувајќи се пред Него, да Му се поклониме со душата и со телото, пред Него, Кој е Бог на душата и на телото, за и ти да бидеш готов да се изменуваш на добро.
25. Ако, кога се молиш духовно, истовремено работиш нешто со своите раце, нешто што не ти е здодевно, и тоа ќе ти помага во твојот тежок молитвен труд. Таа работа, соединета со молитвата, како некое орудие, го засилува твоето внимание, го прогонува унинието, на душата ѝ дава младешка сила и живот, а умот го прави попретпазлив и со желба да ја извршува духовната молитва.
26. Штом ќе почне да чука клепалото, излегувај веднаш од твојата ќелија, со свртен поглед кон земјата, а твојата мисла да биде вдлабочена во спомнувањето на Бога. А кога ќе влезеш во храмот, кој е преполн со монаси, ни со јазикот свој говори празни зборови со монахот што стои до тебе, ниту со умот твој не се занимавај со суетни работи; јазикот да ти биде зафатен само со пеењето на псалмите, а мислата држи ја во молитвата. А по завршувањето на богослужбата, оди право во твојата ќелија и почни да го правиш она што ти е одредено со твоето ќелијно правило.
27. Кога ќе седнеш на трпеза, не гледај во она што е кај твоите браќа. Не наштетувај ѝ на твојата душа со тоа, туку гледај го само она што е ставено пред тебе, храни се со него; давај му со тоа храна на твоето тело; слухот свој храни го со она што се чита за време на оброкот, а во душата своја моли се за да ја храниш и душата кога го храниш и телото, прославувајќи Го Оној Кој ги исполнува за добро сите твои желби. А кога ќе станеш од трпезата и ќе излезеш од трпезаријата, скромно и молкум појди право во твојата ќелија, како некоја трудољубива пчела, и со радост почни да ги извршуваш твоите добри работи.
Кога некоја работа ја работиш заедно со твоите браќа рацете твои нека работат, а устата нека ти молчи и умот твој нека си спомнува за Бога. А, ако некој од твоите браќа почне да зборува празни зборови, за да го препречиш во ова, стани и почни да правиш поклони.
28. Одгонувај ги лошите помисли и не дозволувај им да навлегуваат во твоето срце и да се задржуваат во него. Страстните помисли, ако ги задржиме во себе ги оживуваат страстите и го умртвуваат умот. Штом ќе почнат да се појавуваат, со нивното прво појавување во умот, побрзај да ги застрелаш со стрелата на молитвата. Ако продолжат да бидат упорни, да тропаат на вратата од вниманието и да ја вознемируваат мислата, знај дека ја добиваат својата сила од нашата скришна желба кон нив; тие како да полагаат право на нашата душа со тоа што успеале да ја поколебаат нашата душа и нашата слободна волја, па затоа нѐ измачуваат и ни додеваат. Како што со појавувањето на светлината темнината бега, така и пред светлината на исповедта исчезнуваат страстните помисли, кои и самите се темнина. На пример, кога во нашите помисли го имаат своето место суетата и похотната страст, тогаш тие веднаш се прогонувани од срамот за време на исповедта, како и од маките и страдањата што би ги имале од наложените епитимии. По ова, сите грешни и срамни помисли, наоѓајќи ја нашата мисла слободна од страстите и зафатена со непрестана скрушена молитва, веднаш нѐ напуштаат и бегаат исполнети со страв и срам.
29. Ако подвижникот, трудејќи се да ги спречи лошите помисли, кои му пречат, со силата на својата молитва, и да ги уништи, да го спречи нивното често појавување, тој не е ослободен од нив; тие се смируваат извесно време, но тој и понатаму останува напаѓан од нив, а тоа е затоа што продолжува да се насладува со нив, да го сака спокојот на своето тело и честа од луѓето. И токму затоа тој не брза да ги исповеда своите помисли. А затоа и нема мир во себе, бидејќи им дава право на своите непријатели да се борат против него. Кој е тој што украл туѓи работи, кога ќе го фатат – што нема да биде измачуван од оние на кои им припаѓаат украдените работи? – Но, кога подвижникот, зајакне со тоа што си спомнува за Бога, ќе го засака смирувањето и истоштувањето на телото, и кога ќе ги исповеда своите гревови, без да се плаши од срамот, непријателите негови веднаш ќе го напуштат и ќе се оддалечуваат од него, а мислата негова, откако ќе се ослободи, ја извршува непрестаната молитва и постојаното божествено соѕерцание.
30. Секое сомневање, што се појавува во срцето на подвижникот против него, треба веднаш да биде отсекувано, затоа што тоа ги разрушува мирот и љубовта. Секое зло што ти доаѓа од надвор, примај го и претрпувај го храбро, зашто тоа ти дава повод за спасоносна трпеливост, а за трпението нѐ очекува на небото царување на спокој и вечна радост.
31. Минувајќи ги вака своите денови, богоугодно ќе го проживееш овој живот, ќе им се радуваш на блажените надежи, а при смртта, храбро ќе се преселиш оттука во местата на успокојувањето што ти ги подготвува Господ за тукашните трудови, за да царуваш заедно со Него. Нему Му прилега секоја слава со беспочетниот Негов Отец и сѐ светиот, и благиот, и животворниот Дух, во вечни векови. Амин.
Обработи,
О.М.П. 2022