www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,669,460
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM III

Преподобниот наш отец Теогност

 

За дејствителниот и соѕерцателниот живот и
глави за свештенството

Акростихот е:
На Високопреподобните отци Лазар и Варлаам – од скудниот во cѐ Теогност, најнедостојниот од сите што живеат во овој свет.

1. Само тогаш мисли дека имаш вистинска добродетел, кога сѐ што е на земјата нема да го сметаш за ништо и кога во срцето свое ќе имаш готовност со чиста совест да се преселиш кон Господа. А, ако сакаш Бог да те познава, настојувај колку што можеш да не те познаваат луѓето.

2. Пази се од излишни телесни задоволства и воздржувај се од нив, за да не ти одземат нешто од цената на твоите трудови. Сметај дека си загубил многу, ако не се лишуваш од телесните задоволства; преку нив се лишуваш од најценетото.

3. Сметај се дека си како мравка и како црв, за да станеш човек, кого го изградува Бог, зашто кој не се чувствува така, нема да се приближи при Бога. Колку ќе се понизиш самиот пред себе, толку ќе се издигнеш пред Бога. Кога ти самиот се сметаш мал пред Господа, слично на псалмопеачот Давид (сп. Псал. 38, 6), тогаш ќе се издигнеш, а кога ќе мислиш дека не знаеш ништо и дека ништо немаш, тогаш си богат и во делата и во разумот тогаш ќе бидеш пофален од Господа.

4. Скрши им го р’бетникот на сластољубието и на лукавството, од кои се раѓа секое зло. Скрши ги со воздржување и со смирена незлобивост, така што, ако и те судат строго за твојата грешност, за време на судот, ништо лошо тогаш нема да се најде кај тебе, за да биваат гревовите избришани тогаш, кога ние, откако ќе ги намразиме нивните причини, поради кои биле направени, тогаш почнуваме да се бориме против нив, и тогаш првиот пораз ќе го наградиме со последната победа.

5. Од чистата молитва нема ништо подобро. Од неа, како од извор – истечуваат сите добродетели: благоразумието и кротоста, љубовта и воздржливоста, како и застапништвото и утехата, кои слегуваат одозгора поради пролеаните солзи. Нејзината добрина доаѓа од вниманието на умот врз она, што се изговара со јазикот и што при тоа го помислува умот, како и ненаситната желба да се разговара со Бога, кога умот преку размислувањето за Оној Кој е – се стреми кон својот Господ и, со пламена љубов, со желба сака да Го најде Невидливиот, па кога ја среќава темнината, која Го закрива, пак се враќа кон себе и со побожна смиреност, се задоволува со тоа, што сега за полза се открива преку смирението и се задоволува со тоа, и со надежта дека секако ќе го постигне она што го очекува тогаш, кога ќе се заврши видението – кога се гледа како низ стакло, но ќе настане време кога ќе го гледаме в лице – непрестано (сп. 1. Кор. 13, 12).

6. Воздржи се од повисоките соѕерцанија, ако уште не си стигнал до совршена бестрасност и не трчи по она што не можеш да го постигнеш, не барај го она што е уште над твоите сили. Некој рекол: „Ако сакаш да станеш богослов и соѕерцател, до него можеш да дојдеш само по патот на животот; само со чиста совест се постигнува чистото, односно богословието. Кога веќе го спомнуваме богословието, ти напоменувам да бидеш внимателен и да не одиш до неговата безмерност. И знај, дека не е за нас, кои се храниме уште со млекото на добродетелите, да се обидуваме да се издигнуваме со нашите мисли толку високо со нашите слаби крила, како што им се слаби крилата и на недораснатите пилиња, – иако сладоста на знаењето силно ја повлекува нашата желба. А кога, по нашето очистување преку целомудрието и солзите, почнеме да се издигнуваме над земјата, како Илија и Авакум, кои ги изобразуваат оние што ќе се издигнат во свое време над облаците, па преку соѕерцателната молитва, чиста и нерасеана, Го најдеме Бога, можеби тогаш ќе се допреме некако и до богословието.

7. Исто така, ако сакаш да се удостоиш со боженствено видение и со озареност на умот, пред сѐ, засакај го мирниот и безмолвен живот и, откако се оддалечиш од сѐ, тогаш познај се себе, познај Го и Бога. Ако бидеш тоа, тогаш веќе ништо нема да ти пречи, како во тивко дувкање на ветерче, во твојата внатрешна среденост, очистен и од ниедна страст невознемируван, да Го видиш со свој ум, Невидливиот за сите, Кој ти благовестува спасение, преку твоето богопознание.

8. Како што по секое светкање на молња веднаш се очекува и грмотевица, така и таму каде што светнало божественото очистување, се стишува бурата на страстите. А таму каде што го има него, заедно со него се водворува и залогот и идното блаженство. Но, не може да има чувство на божествена милост, нити надеж за бестрасност во душата за оној што го сака светот повеќе од Создателот, за оној кој е страсно приврзан за видливото и кој со сета своја сила ги сака телесните задоволства и наслади.

9. Не барај со твојот ум да знаеш, што е Бог и каде е Тој, зашто Бог е над природата и ниедно место не може да Го собере; Тој е над сѐ што е создадено и што постои. Но само воплотеното Божјо Слово Го открил и Го покажал Бога, како во огледало, колку што е тоа можно, Он зрачи со болскави зраци на својата Божествена природа; Оној Кој е духовно секаде и на секое место, преку воплотување се покажал на одредено место, а по Своето божество е неискажив. Впрочем, колку повеќе ќе се очистуваш, толку повеќе ќе се удостојуваш со божественото просветлување.

10. Откако го засакаш вистинското знаење и се увериш несомнено во твоето спасение, пред сѐ, умудри се како да ги раскинеш веригите на страстите, кои ја врзуваат душата со телото, и ќе се избавиш од страсното приврзување кон сѐ што е земно, да се спуштиш во бездната на смирението, – и тогаш ќе го најдеш скапоцениот бисер на спасението, како во школка, скриено во божественото знаење, и светлината на царството Божјо ќе те осветли.

11. За оној што добро го изминал периодот на послушанието и го потчинил телото на духот, веќе не му е потребна послушноста према луѓето, зашто тој се наоѓа во послушение на Божјото Слово и на Законот, како благодарен слуга. Но оние, во кои уште продолжува војната на телото против душата, тие треба да имаат свој водич и управител и да го слушаат него, зашто тој има знаење како да го раководат својот живот и да ни ги дадат потребните орудија, за да не нѐ заробат невидливите непријатели и страстите да не нѐ потонат заради нашата неопитност.

12. Тогаш кога веќе нема да те вознемирува некоја страст, – божествената желба ќе почне да расте внатре во тебе – во твоето срце. Тогаш престануваш да се плашиш и од смртта, сметајќи дека е како сон, дури ќе почнеш да посакуваш да се разрешиш и да се одделиш од телото. И кога ќе го добиеш залогот за спасението – царството небесно, ќе го носиш внатре во себе и ќе се радуваш со неискажива радост.

За свештенството

13. Откако ќе бидеш удостоен со божественото и пречесно свештенство, ти си, пред сѐ, обврзан да ги принесуваш како жртва умртвените страсти и телесните сласти, и тогаш да се осмелуваш да пристапуваш кон животворната и страшна Жртва, ако не сакаш да бидеш изгорен од божествениот оган – како некоја лесно горлива материја. Зашто, ако Божјиот серафим не се осмелил, без клешти, да се допре до јагленот (сп. Иса. 6, 6), тогаш како ти ќе се допреш без страв до светите Тајни на Телото и Крвта на Господ Исус Христос? А преку Него ќе ти бидат очистени и осветени и јазикот и устата, а истовремено ќе станат чисти и непорочни и душата и телото, а како на слуга на натприродниот оган и натприродната жртва, и самите твои раце ќе ти станат посветли од злато.

14. Потруди се подлабоко да ја познаеш силата на ова што го говорам, зашто секој ден ја гледаш спасоносната Божја тајна, која откако ја видел само еднаш старецот Симеон, се исплашил и барал да умре; иако не си примил известување од Светиот Дух, сепак ти си посредник меѓу Бога и луѓето, ти си еднаков со ангелите, па затоа не се осмелувај и не се изложувај на смртна опасност – да ја извршуваш светата служба на Божествената Тајна, пред која треперат светите ангели, а од која, поради својата длабока побожност, се воздржувале да ја извршуваат и многумина од светиите, за да не бидат, слично на оној Зан земени од меѓу живите, според судот и пресудата на Севишниот.

15. „Пази на себе“, како што рекол апостолот (1. Тим. 4, 16). Внимавај на себе, и секогаш најнапред принесувај ја Жртвата за себе и за своите гревови и можеби во тебе има уште нешто поради твојата немоќ и тоа да биде уништено со божествениот оган на светите Тајни. На тој начин ќе можеш, како некој избран сад, чист и достоен за таква жртва, да се претвораш во сребро или злато, иако си ти некаков дрвен или глинен сад, само ако смело се предадеш на Божјата милост што Тој ја има према тебе. Зашто таму каде што е Бог готов да ги послуша нашите молитви, таму нема пречки за претворање едно во друго.

16. Гледај внимателно на каква рамноангелска чест си удостоен и труди се со секоја добродетел и чистота да живееш непорочно на оваа и ваква височина, на која си повикан од Бога. Гледаш ли каков бил и каков станал Луцифер поради својата гордост. Не мисли за себе високо, за да не пострадаш како и тој, но, сметајќи се за земја, пепел и ѓубре, секогаш плачи затоа што и, не гледајќи на сето тоа, Бог ти дозволува да се причестуваш со светите и божествени Тајни и да ја служиш светата Литургија, поради Своето бескрајно човекољубие и неискаживата Своја добрина.

17. Оној што го примил свештенството, тој треба да биде чист и од сите страсти, особено од блудот и од злобата, за кои не треба да има дури и најобични помисли. Ако не сака да биде предаден на Божјиот гнев и на Божјото проклетство, тој не треба да дозволува духовно лепрозен и извалкан, да се осмелува да ја извршува светата Литургија, на која се осветуваат приложени дарови и се претвораат во Христовото Тело и Неговата пречиста Крв.

18. Избелен од солзните потоци повеќе и од самот снег и со светла и чиста совест, – допирај се до светите Тајни; биди свет и со надворешната, ангелоподобната чистота – покажувај ја и внатрешната убавина на душата. Но внимавај, кога ги осветуваш божествените Дарови, кога ѝ служиш на светата Тајна, не задоволувај се само со човечките преданија, туку моли се со тебе да биде и Божјата благодат, која таинствено те оспособува да го разбереш и она што е возвишено.

19. Откако си ја посакал негниежливоста и бесмртноста, со побожност и со страв Божји, извршувај ја светата и животворна Тајна, сакајќи истовремено да се преселиш од другата страна, затоа што си станал совршен преку верата. А, ако се плашиш од смртта, ти уште преку љубовта не си соединет со Христа, кога си удостоен со своите раце да Го жртвуваш и Кого Го јадеш и телесно се наситуваш. Зашто, ако навистина се чувстуваш вака, тогаш ти ќе брзаш што побргу да преминеш од другата страна, каде што е Оној Кого Го љубиш, сметајќи ги за ништо и животот и телото твое.

20. Откако си се удостоил да го жртвуваш Божјото Тело и да се причестуваш со него, ти си должен да бидеш сличен на Господа и по Неговата смрт, според зборовите на апостолот, кој вели: „Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Кор. 5, 15). A, ако живееш страсно за телото и за светот, тогаш се приготвуваш по смртта да појдеш во вечните маки, ако, во таков случај, пред крајот на својот земен живот не престанеш да ја служиш светата Литургија, да ја принесуваш бескрвната служба. Како што е познато, многумина од оние што недостојно ја служеле светата Литургија биле земани ненадејно оттука, умирале и, по смртта, биле предавани на вечните пеколни маки.

21. Некој јеромонах, кого го прославиле поради побожноста и поради повеќе надворешни својства, внатрешно и скриено бил сластољубив и се осквернувал. И еднаш кога ја служел светата и божествена Литургија, па кога почнале да ја пеат херувимската песна, тој, како обично, ја преклонил својата глава пред Светиот престол и почнал да ја чита тивката молитва: „Никој не е достоен…“, и тогаш одеднаш умрел, во тој миг го оставила неговата душа во таа положба.

22. Ништо не е поважно од вистинскиот разум и од вистинското знаење, зашто од нив се раѓаат стравот Божји и љубовта према Бога. Стравот Божји нѐ очистува преку вистинската побожност и самозауздување, а љубовта – нѐ настројува богоугодно и нѐ усовршува преку светлото расудување, и умот наш слободно се издигнува нагоре во возвишени соѕерцанија. Но без стравот Божји неможно е да се издигнеме до божествената љубов и, минувајќи ја и неа, да се издигнеме кон она на што се надеваме и засекогаш да останеме таму.

23. Ти што сакаш да бидеш спасен, трчи засилено и не знај за умор, сѐ додека не дојдеш до целта; настојчиво барај , непрестано проси, трпеливо тропај, сѐ додека не ти отворат и не ти дадат што бараш, сѐ додека не се искачиш на самиот врв на скалата и не ги поставиш таму, како знамиња тврдата вера и смирението. Не сметај дека си го добил она што го бараш тогаш кога ќе добиеш простување на твоите гревови, туку тогаш кога ќе престанеш да се плашиш дека твоите умртвени страсти пак можат да се подигнат, тогаш кога ќе почувствуваш дека си готов без страв и смело да излезеш од телото.

24. Плачи и со многу солзи барај да се увериш дека ќе се спасиш, но сепак барај ова сознание да не ти биде дадено пред твојата смрт, за потоа да не станеш безгрижен и да почнеш да не се трудиш за твоето спасение, туку моли Му се на Бога оваа увереност да ти ја даде пред твојата телесна смрт, за да не ти се случи да се посрамиш: да мислиш дека веќе го имаш, па, по смртта, да се најдеш во местото на маките, каде што не си помислувал. Каде ли ќе појдеш тогаш ти несреќниот, ако го немаш залогот и несомнената увереност дека ќе бидеш спасен. Ваквата несомнена увереност ја дава само Светиот дух.

25. Откако си посакал да ја имаш бестрасноста, која се добива само со Божја помош, потруди се да ја придобиеш преку послушност и смирение, за да не појдеш кон неа по други патишта и да не правиш попусти трудови. Не треба да мислиме дека е бестрастен оној, кој некогаш е од страстите мирен и спокоен, а друг пат е вознемируван од нив, туку оној што непрестано ѝ се радува на бестрасноста – и тогаш кога се присутни причините за разгорување на страстите; кога тој останува незасегнат од нив, па и такви помисли му доаѓаат, никакво зло од нив не претрпува.

26. Нашите духовни непријатели, демоните, со напади и обвинувања ја пречекуват нашата душа по нејзиното излегување од телото; тие се тогаш наш ужасен и грозен обвинител за нејзините паѓања во грев. Но тогаш може да се види, како вистински богољубивата душа, иако пред тоа често ѝ биле нанесувани гревовни рани, никако не бива исплашена од нивните напади и застрашувања, туку, поткрепувана од Господа и окрилувана со радост, се исполнува со смелост, гледајќи дека ја придружуваат светите ангелски сили и, оградувана со светлината на верата, со голема неустрашивост извикува кон лукавпте духови: „Што има меѓу вас и мене, вие бегалци од небото и слуги на лукавиот сатана. Вие немате никаква власт над нас. Над нас, како и над сѐ друго, власт има само Господ Исус Христос, Синот Божји. Ние Нему сме Му згрешиле и пред Него – ќе одговараме, имајќи го Неговиот Крст, како залог за нашето спасение и сигурност на Неговата милосрдност према нас. А вие, бегајте подалеку од нас; ништо заедничко нема меѓу вас и нас – слугите Христови.“ Од ваквите смели зборови на душата, ѓаволите бегаат, раскинувани од страшни извици, зашто не можеле да се одржат пред името Христово. А по ова, душата, откако ќе ги измине воздушните простори, кои се под владението на лошите духови, се радува многу и светите ангели ја настануваат на одреденото место за неа.

27. Љубовта према земните работи да не те влече кон земјата; ти си должен да размислуваш и да мудруваш за небото и за небесното. Ако нешто страсно те приврзува кон земните блага, ти си тогаш, сличен на орел, кој се фатил во мрежа само со една од своите канџи, но тој сепак не може да полета и да се издигне во висините. Тогаш, според советот на апостолот, треба да сметаш сѐ друго за штета во споредба со преважното познавање на Исуса Христа (сп. Филип. 3, 8), надевајќи се на она што е подобро, па затоа, кога ќе биде тоа потребно, отфрли го и своето тело, и слободно ќе појдеш по ангелот твој, кој ќе те поведе.

28. Како што е неможно монетата, на која нема царски печат, да биде внесена во царското сокровиште, така е неможно без вистинското знаење и без бестрасноста да биде примен залогот на небесното блажество и со смелост и увереност да се излезе оттука, да се појде кон она на што се надеваме и да се присоединиме со избраниците во небесното царство. Знаење не ја нарекувам мудроста, туку она вистинското знаење за Бога и за боженственото, со кое оној што верува и што Го љуби Бога, кого страстите не го влечат надолу, туку, со силата на благодатта на Светиот Дух – се издигнува кон обожување.

29. Макар и да си направил сѐ што се однесува на дејствителниот живот, при тоа не надевај се на себе, не мисли како веќе да си ја придобил бестрасноста и дека можеш безгрижно да се однесуваш и да живееш во овој свет, така што, во таков случај, да не се вратиш пак таму, од каде што си тргнал. Затоа секогаш, под закрилата на стравот, да се грижиш усрдно за лесно изменливата и превратна твоја природа, оддалечувајќи се разумно и внимателно од причините на твоите страсти. Зашто бестрасноста е неизменлива само во својот повисок степен на совршенство кај оние што ја придобиле совршената љубов и кои со своето непрестано соѕерцание се држат над сѐ што е телесно и се издигнале до самиот врв на смиреноста, до кои веќе не се допира пламенот на страстите, кој бива попречуван со гласот на Господа, заради нивното обесмртување.

30. Не сакај предвреме да ја придобиеш бестрасноста, за да не пострадаш како што пострадал првосоздадениот, кој вкусил уште од неузреаниот плод на познавањето, туку со трпеливост труди се да бидеш воздржлив во сѐ, да имаш непрестана молитва и со самопрезирање и крајна смиреност да ги пазиш твоите дејателни навики и поредоци. Дури потоа, во свое време, ќе ја примиш благодатта на бестрасноста – ова пристаниште на успокојувањето, кое доаѓа по бурите и немирите. Бог ги отвора вратите на бестрасноста тогаш кога е потребно.

31. „Оди кај мравката, мрзливче“ (Изрек. 6, 6) и научи се од неа на тоа како треба трудољубиво да работиш. Но при тоа не заборавај, дека Бог нема потреба од нашите богатства; Тој има сѐ во изобилие и од ништо нема потреба. Тој им ги дава на сите Своите богати дарови: ги спасува умните и разумните, кои Му се верни и благодарни, човекољубиво, примајќи ги даровите што Му ги принесуваат. Затоа, добро правиш, ако си Му благодарен за даровите што ти ги дал; тогаш Божјата милост е близу до тебе. А, ако мислиш дека Го правиш свој должник со даровите, што Му ги даваш, многу се мамиш и се отклонуваш од вистинскиот пат, зашто како може твојот Добротвор да ти биде должник? Работи трпеливо како наемник Божји. И малку по малку ќе напредуваш, сѐ додека Бог, по Својата милост, не ти го даде она што го бараш.

32. Сакаш ли да ти покажам друг пат кон спасението? Или подобро – кон бестрасноста? Постојано моли Му се на Својот Создател, колку што имаш сили – моли Му се непрестано; не оддалечувај се од твојата цел, имајќи ги постојано за свои застапници небесните сили, сите светии и Пресвета Богородица; но не проси бестрасност, како недостоен за тој дар, туку моли Му се на Бога и проси да ти даде спасение, а со него ќе ја добиеш и бестрасноста, од кои едното е слично на сребро, а другото – на чисто злато, но сепак, имај и скриено дејствување – оваа Божја слугинка како и неколку тајни зборови кон Бога, кои ти прават добро, кои Му се пријатни на Бога и ги милува.

33. Оној што се подвизува, залогот за своето спасение ќе го прими внатре во себе, во своето срце; тој ќе му биде несомнена увереност, така што во времето кога душата негова ќе излезе од неговото тело, да не биде ненадејно пречекана од страв и трепет. Тогаш кога срцето твое и совеста нема да те прекоруваат за твоите гревови, знај дека си го добил веќе овој залог; тогаш и лошите духовни сили во тебе и твоите страсти – ќе бидат победени од тебе, со силата на Божјата благодат. Тогаш и солзите на утехата сами од себе ќе потечат и твојот ум ќе почне да се моли чисто и без мечтаења, со радост и со готовност ќе ја очекуваш смртта, која е страшна и од која би сакале луѓето да избегаат.

34. „Зборови на вечниот живот“, кои, како што ни сведочи светиот апостол (сп. Јован 6, 68), – ги има Божјото слово, нашиот Господ Исус Христос се зборовите за тоа – што направил нашиот Спасител, – зборови, со кои оние што биваат таинствено водени од Него уште овде на земјава го добиваат вечниот живот и залогот на Светиот Дух и надежта на спасението, која не посрамува. Ho со ова не се удостојува оној, кој го претпочита телото пред душата, кој е страсно приврзан за земните блага и се насладува со нив.

35. Словесен (разумен) е оној, кој има способност да говори разумно и разбирливо, а таков е секој човек; но вистински е словесен и разумен, кој со својата разумна сила сака да најде каков е Бог. Се разбира, ние со нашиот разум никогаш не можеме да разбереме каков е Бог по суштина Ова не може никој од разумните да го знае, но од делата на Неговите раце можеме да дознаеме каков е Бог према Своите созданија: потоа, како сѐ создал совршено, како промислува за сите Свои созданија, за нивното запазување и раководење, за што говори премудриот Соломон, велејќи: „Ониѐ кои не го познавале Бога, Кој постои од вечноста, и гледајќи ги Неговите дела, не Го познавале Него Создателот, туку ги почитувале за богови кои управуваат со светот: или огнот, или ветерот, или подвижниот воздух, или звездениот круг, или силните води или небеските светила. Зашто, восхитувајќи се на нивната убавина, тие сили ги почитуваа за богови, а тие требаше да познаат колку е Господ подобар од нив, зашто Тој, Создателот на убавото – ги создал и нив. Ако, пак, се чудеа на силата нивна и на нивното дејство, тие требаше од нив да разберат колку ли е посилен Оној, Кој нив ги создал“ (Изрек. 13, 1, 4-5).

36. Нелакомство нема да придобиеш, како што треба, без бестрасност; ни бестрасност – без љубов, ни љубов – без страв Божји и без чиста молитва, – ни овие – без вера и безгрижност, со помошта на кои ја отфрла земната мудрост, се издигнува кон горниот свет и го разгледува, барајќи Го својот Господ и Владика.

37. Сакај ја чистотата, како зеницата на твоето око, за да бидеш храм Божји и дом Негов сакан, зашто без целомудрие не можеш да Му станеш близок на Бога. Целомудрието ја раѓа љубовта према Бога, беспристрасноста према светот и оддалечувањето према него, а ги запазува смирената мудрост, воздржувањето, непрестаната молитва, духовното соѕерцание или богомислието, плачот и расудувањето, чија добрина нема да ја добиеш без бестрасноста.

38. Никој да не те воведува во заблуда, дека без чистота, во спротивност на зборовите од светиот апостол (сп. Евр. 12, 14), можеме да Го видиме Бога. Зашто Господ, Кој е преблаг и над секоја чистота, не сака внатрешно да им се јавува на нечистите. Како што е недостоен за Него секој што го сака татка си или мајка си, својот син или својата ќерка, нема да посака да им се јави внатрешно и на нечистите; недостоен е за Него и оној што место љубовта према Него ја претпочита љубовта кон нешто привремено и материјално, а особено ако го претпочита одвратниот и смраден грев. Бог се одвраќа од оној што не се одвраќа од овој грев и од оваа нечистотија. Апостолот нѐ поучува, велејќи: „Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста“ (1. Kop. 15, 50).

39. Без знаење не можеш да се удостоиш со божествената љубов, а без вера – со знаењето. Овде не мислам само на празната вера, туку на онаа вера, која се раѓа од извршувањето на добродетелите. Вистинска смиреност ќе добиеш тогаш, кога со воздржување, бдеење, молитва и скрушеност – ќе го исушиш телото твое заедно со похотната сласт, откако ќе се распнеш заедно со Господа Исуса Христа, кога ќе престанеш да живееш страсно и ќе почнеш да живееш со Светиот Дух, сообразувајќи се со „позив и избор“(2.Петр. 1, 10).

40. Светиот пророк извикува кон Бога „Непријателот мој нема да се погордее над мене“ (Псал. 40, 11) кој ме измамува до крај и ме бесчести со страстите. Но, пред да дојде крајот на мојот живот – избави ме од неговите раце; помогни ми да живеам според Твојата волја. Ти се молам, благоволи да имам блажен крај и спасен да застанам пред Твојот свет престол; уште овде да го носам залогот на спасението, по Твојата милост и несомнена увереност во него, за да не се најдам во часот на мојата смрт неприготвен и растреперен од страв, зашто таа таква состојба на мојата несреќна душа би била пострашна и понеподнеслива и од самата смрт и од пеколот.

41. Верата и надежта не се нешто едноставно и случајно; верата бара храбра душа, а надежта чисто и исправно срце. Кој може лесно да поверува во невидливото без помошта на Божјата благодат? И кој може да има надеж во неизвесната иднина – ако немал вистински опит на дарови од Господа, од кои би можел да има увереност во иднината и во сегашноста. За овие две добродетели, за верата и надежта, потребна е и силата, на нашата волја и Божјата помош, која, ако ја немаме – попуст е целиот наш труд.

42. Породот на вистинската добродетел е или знаењето или бестрасноста или, пак, и едното и другото заедно. Зашто, ако некој ги бара во нас попусто и знаењето и бестрасноста, тогаш би било сосема јасно дека и нашата добродетел не е вистинска, туку е лажна. Зашто кога би била вистинска, таа би била богата и со плодови, а не само со лисја. Затоа, секој кој бива поттикнуван кон доброто само од желбата да им угоди на луѓето и да си угоди на себеси или со нешто друго, тој не Му е угоден на Бога; тој е лажлив и не Го љуби Бога. Но, ако ги исправиме нашите побуди, тогаш несомнено ќе постигнеме совршенство во вистинската добродетел, која во свое време и во одредена мерка ќе ги придонесе плодовите знаењето и бестрасноста, со помош на благодатта на нашиот себлаг Бог.

43. „Зашто неговите (на непријателот) намисли добро ни се познати“(2.Kop.2,11). Просветуван од благодатта, поклонувајќи се пред Божјото лице со солзи, исповедај ја твојата немоќ, не сметајќи се себе за ништо, иако искушувачот ни внушува дека сме некој и нешто. Не барај да ти бидат дарувани дарови, ако тие не му помагаат на твоето спасение и на запазувањето на твојата смиреност; барај го она знаење кое не те тера да бидеш надуен, кое станува причина на богопознанието и на тоа да не бидеш измачуван од страстите и во бестрасност да бидеш ослободен од своето тело или во краен случај, во боледување заради твоите прегрешенија.

44. Како што не можеме без крила да полетаме во височина, така не можеме да го добиеме она на што се надеваме без несомнената увереност во тоа уште овде. Оваа увереност се раѓа од смиреноста или од благодатта на Светиот Дух кај оние, кои потполно Му угодиле на Бога, на кои, се разбира, им е својствена и бестрашноста, делумно или совршено, соодветно со нивното угодување на Бога и со нивната очистеност. А оние кои излегуваат од телото во друг вид, како во зима на страстите или во сабота, односно без добродетелни дела (сп. Матеј 24, 20) – тие за време на судот ќе бидат подложени на испитувања и казни.

45. Благодари Му на Господа Бога, на својот Спасител – што те спасува бесплатно. А, ако сакаш да Му принесеш дарови, принеси Му со благодарност, како што ги принела вдовицата своите две лепти, под што треба да бидат подразбрани смиреноста и љубовта. И Бог ги прима нив подобро од секое богатство, што ми е добро познато, повеќе и од многубројните добри дела, кои многумина ги ставаат во сокровишницата на спасението. Ако, како Лазар, имаш потреба од оживување, бидејќи умрен од страстите, тогаш самите добродетели, како родни сестри, испрати ги како застапнички за тебе пред Бога. И тогаш секако ќе го добиеш она што го бараш.

46. Само преку исправната дејност на добродетелниот живот не можеш да дојдеш до пристаништето на бесмртноста, за да можеш да се молиш чисто и без пречки. Ако во текот на тоа време твојот ум не биде опфатен од духовните соѕерцанија на просветено знаење и познавање на она што е, од кои се окрилува и просветува, тој се издигнува силно нагоре – во вистинска молитва, која целата диши со љубов, заедно со надприродните небесни сили, кои ни се сродни, а оттаму, доколку е тоа можно – да се издигнеш кон поголема светлина – трисолнечната богоначална Троица.

47. Hиe нема да бидеме казнети во идниот век за тоа што сме грешеле и нема заради гревовите наши да бидеме осудени, не затоа што сме добиле изменлива и непостојана природа, туку затоа што, откако сме згрешиле, не сме се покајале и не сме се обратиле од лошиот пат кон Господа, а сме имале и можност и време за покајание. Бог е благ и милостив кон оние што се каат, иако Го претставуваат дека се заканува и се гневи; Тој се гневи на злото и на гревот, а не на нас, Тој секогаш е готов да нѐ прими, штом ќе забележи солза на скрушеност врз нашето лице. Тој према нас е таков какви што се нашите расположенија и нашите дела; на секого од нас му дава према начинот на неговото живеење.

48. Koгa случајно ќе се занишаш и ќе почуствуваш несигурност, не плаши се и не трепери, туку прибери се и исправи се, како и пред тоа, исполнет со жалење и со самопрекорување, со пролевање многу солзи – во духовна скрушеност. Сето ова ќе ти помогне да се исправиш по твоето паѓање и да влезеш во прегратките на спасителната радост, одлучувајќи се во себе – во иднина сигурно да стоиш, да не Го прогневуваш Судијата, за одново да не пролеваш солзи и да не се скрушуваш, барајќи очистување. Зашто, ако во овој живот ги избегнеме страдањата, таму – во идниот век ќе нѐ пречекаат заслужените маки и страдања.

За свештенството

49. Пак зборуваме за пречесното свештенство, за тоа какво ангелско устројство и каква ангелска чистота му се потребни; тоа има поголема потреба од одлучност и целомудрие по примањето на свештеничкиот чин, отколку пред тоа. Зашто, ако нечистото треба некако да се очистува, тогаш како смееме чистото да го изложуваме на валкање? Инаку, ако дозволиме светлината да биде извалкана и ако кон благопријатната миризба дозволиме да се примеша одвратната смрдеа, тогаш ќе заслужиме погубување, како крадачи на она што е свето, слично на Ананиј и Сапфира.

50. Ако ти се чини дека, бидејќи пред тоа од сад погибелен и непотребен, – достојно си навлегол во ангелскиот и божествен чин на свештенството, заради твојата незначајна чистота, па, според апостолот, си станал чист сад – избран и пријатен на Господа, затоа сега најусрдно пази ја неизвалкана честа, со која си се удостоил. Божествениот дар пази го како зеницата на окото, за да не бидеш извалкан од гревовната нечистотија на светот и поради невнимание – да паднеш од височината во бездната, од која тешко можеш да најдеш некогаш излез.

51. Разбери, како разумен човек, дека Бог е Кој оправдува и дека со право прашува апостолот: „Кој ќе ги обвини избраниците Божји?“ (Рим. 8, 33). Па откако си повикан и си влегол во благодатниот свештенички божествен чин, не треба да се обеспокоиш за изминатиот живот, па ако ти се случи да паднеш и да се извалкаш, тогаш со Божја помош стани, исчисти се и исправи се. А по ова, прва твоја грижа треба да биде, внимателно и трезвено да не ја помрачнш оваа благодат. И ако некој почне неразумно да го осудува твоето расположение за свештеник, поради твоите претходни гревови, нека тој го слушне Божјиот глас што вразумува, а тој вели: „Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!“ (Дела 10, 15).

52. Свештеничкиот чин е лесен и јаремот негов е благ, но само за оној, кој, откако ќе го прими, почнува да се самоисправува и да ја добие благодатта на Светиот Дух, ако не ја добил во светото крштевање. А, ако овој свет чин бил купен и продаден, тогаш овој дар и не бил даден одозгора, тогаш свештеничкиот чин е тежок товар за носење, затоа што го носи недостојно и не според своите сили; овој товар и овој јарем ќе му тежат на оној што недостојно ги носи и ќе ги скрши и истошти неговите сили.

53. Ако смело си го примил јаремот на свештенството на себе, оди по вистинските патишта и правилно раководи со зборовите на вистината, трудејќи се со страв и трепет преку него и за своето спасение. Зашто нашиот Бог е оган што изедува: ако се допреш до Него, како да си злато и сребро, тогаш не плаши се од изгорување, како што немале страв ни јудејските момчиња во Вавилон кога биле фрлени во разгорената печка; но ако си од трева и од трска, кои лесно се запалуваат и изгоруваат, какви што се и оние што мудруваат на земен начин, тогаш плаши се да не бидеш изгорен од небесниот оган, ако не избегаш од Божјиот гнев, како што избегал Лот, со воздржувањето од страшните тајни или не побрзаш да се измиеш во солзите на покајанието. Само откако ќе се овлажниш со своите солзи, ќе станеш незапалив и неранлив за огнот на правдата, како и некогаш и капината во пустињата. Во таквиот случај, јас не знам дали некој од гревовите, во кои толку лесно и брзо паѓаме поради нашата немоќ, не би бил уништен со божествениот оган во светата служба, која се извршува со потполна чистота или дејствено очистувавање.

54. Не обидувајќи се да престанеш од страсната расположба и да се очистиш од гревовите, поради твоите долговремени навики, како се осмелуваш ти, непокајаниот, да се допираш до она, што е и за светите ангели недопирливо? Па затоа, исплаши се и вождржувај се од служењето на светата божествена Литургија и со тоа умилостиви ја Божјата правда или, пак, нечувствителен и непоправлив, предај се во Божјите раце. Бог нема да те поштеди човекољубно, туку немилосрдно ќе те казни затоа што бесрамно се осудуваш да влезеш на царската свадбена вечера, со душа осквернета и во искината и нечиста облека, кога не си достоен дури и да влезеш во царскиот дворец и да седнеш на царската трпеза.

55. Познавав еден свештеник, кој се осмелуваше недостојно да служи света божествена Литургија, поради блудната страст што владееше со него. Поради тоа падна во тешка и неизлечива болест и веќе му се приближуваше смртта. Иако презел сѐ што било можно да се излекува од својата болест и не успеал ни најмалку во тоа, a болеста не само што продолжуваше, туку се влошуваше сѐ повеќе, тој дојде до сознание дека боледува сташно и дека набргу ќе умре поради недостојното служење на светата Литургија. Тогаш тој се заколнал и ветил дека веќе никогаш нема да пристапи до светиоит престол и нема да ја извршува светата Евхаристија. По овие негови заветни зборови веднаш оздравел од својата болест и никакви траги не останале од неа.

56. Свештеничкиот чин е свет и сјаен; сјајни и светли се и неговите свештенички одежди, но само тогаш, ако свештеникот има и во себе сјајна чистота. Koгa невнимателно се осквернува, кога совеста негова му сведочи за срамот што го прави, а тој сето тоа не сака да го слуша и презира, тогаш светлината негова станува темнина, причина и за неговата вечна мака и за вечниот оган, и, ако не го остави овој лош пат, стрмен и опасен од обете страни, и ако не го избере другиот – вистинскиот и добриот: добродетелниот живот со смирението, тој никогаш не ќе може да влезе во царството Божјо.

57. Спасението може да се добие и преку добродетелите и без свештенослужителски чинови. Тие што се посветени треба да живеат достојно. Животот на свештеникот треба да биде ангелски. Затоа, или биди бестрастен како ангел, мудрувај како да си надвор од овој свет и од своето тело, та живеејќи на овој начин, почни да се искачуваш по небесната скала, или откако ќе ја познаеш својата немоќ, исплаши се од височината, која им се заканува со страшно паѓање на неисправните. Ако ти се случи да паднеш, потруди се, со помошта на благодатта на нашиот семилостив Бог – да станеш и да се покаеш.

58. „Телото и крвта ме можат да го наследат царството Божјо“ (1.Kop.15,50). Ти се причестуваш со Телото и Крвта на Бога и стануваш со-телесен со Него и ја имаш Неговата Крв во себе, а затоа и царството небесно го имаш внатре во себе, тогаш како си позволуваш да имаш телесни и душевни страсти? Се плашам дека во тебе нема да остане Божјиот Дух – како во „тело“ (1. Мој. 6, 3) – на Страшниот Суд ќе бидеш расечен на половина. Tогаш ќе ти биде одземено пречесното свештенство, како од недостоен за таквата благодат и ќе те испратат во вечните пеколни маки.

59. Како да нема во тебе и пред твоите очи страв Божји, за што, се чини дека малкуважните и неважните работи ги сметаш како поважни од светите тајни. Ти биваш прелестуван од самољубието, кое те уверува дека Бог е добар. Така некогаш мислеле Датан и Авирон, сѐ додека земјата не се отворила и не ги проголтала. – Исплаши се и ти од ова, исплаши се вистински таму каде што има причина за страв (сп. Псал. 13, 5): секогаш мисли за тоа колку големо нешто е светата тајна, колку е чиста и рамноангелска. Ползувај се со власта на боженственото свештенство или отстапи од оваа страшна служба, како разумен човек, за да не би, ти кој си безгрижен сега, да бидеш изобличен од својата совест, која сега ја измамуваш со своите софизми; но ќе дојде време кога ќе биде сѐ право осудено и пресудено и тогаш со офкање ќе офкаш и ќе извикуваш: „Страшното, од кое се ужасував, тоа ме снајде!“ (Јов 3, 25).

60. Најнапред трезвено и сочувствително, со скрушеност и со солзи, принеси ја за себе и спасителната света жртва за очистување, зашто кој, како што правиш и ти, ќе се сожали над тебе, и ти кога ќе умреш ќе почне да принесува жртва за тебе? Затоа, предвидувајќи го она што ќе биде, спомнувај се себе, како да си упокоен, и закопан, принесувај Му ги на Бога овие свети Дарови на светата трпеза за твоето спасение и спомнувајќи си за Неговата доброволна смрт за нас и за нашето спасение.

61. Колку е неискажива утехата кога душата со увереност дека е спасена, се одделува од телото, го остава телото, како што се остава соблечената облека! Зашто тогаш таа, како веќе да ги има благата, на кои се надева, без жалење го остава телото, и мирно оди кон ангелот, кој слегува одозгора при неа со радост и со веселба, и заедно со него, без пречки, ги минува воздушните простори и не бива изложена на никаков напад од страна на духовите на злобата, туку се издигнува радосно и смело со радосни восклици сѐ додека не дојде да Му се поклони на Создателот и не добие таму, соответно со нејзиниот добродетелен живот сместување, меѓу душите што се слични со неа, до општото воскресение.

62. Ke ти кажам чудни зборови, но не вчудоневидувај се. Ако и не придобиеш бестрасност, можеби поради твоите тирански предрасположби, но ако во време кога твојата душа се одвојува од телото – се наоѓа во длабоко чувство на смиреност, во ништо по малку од бестрасниот – ќе бидеш вознесен на облаците. Иако сокровиштето на бестрасните е исполнето од сите добродетели, скапоцениот камен на смиреноста е над сѐ и е достоен не само на оној што го има да Го умилостиви Бога, туку ќе му овозможи да влезе на свадбената гозба во царството небесно.

63. Кога ќе добиеш од Бога простување на твоите прегрешенија, прославувај Го, затоа што не си спомнува веќе за твоите гревови, не ти се одмаздува за нив и пази се понатаму од доброволни паѓања. Иако и за тие може да се добие простување секој ден – сѐ до самата смрт, но ако свесно грешиш и откако гревовите ти биле простени, ти се покажуваш неблагодарен. Впрочем, ако го одгониш песот на очајанието со каменот на силната надеж, и ако неотстапно и трпеливо ѝ се молиш на Божјата добрина, многу гревови ќе ти бидат простени, така што и ти да Го возљубиш преблагиот и премилостивиот Бог и во овој и во идниот живот.

64. Кога под дејство на Божјата добрина, ќе застанеш на молитва пред Бога со солзи, падни ничкум поред Него, испружи се крстовидно на земјата и, удирајќи си ја главата, испросувај од Него простување на твоите гревови, како ослободен од гниење и избавен од искушенија. Но не како што сакаш ти, но така како што сака Бог, кога и каде што сака Тој, изјави ја со љубов твојата готовност, со солзи и со длабока смиреност, за да биде задоволена твојата пламена желба и твоето барање, но биди согласен да се оддолжи нивното исполнување во сегашниот живот, ако Бог предвидува нешто подобро за тебе. Барај само едно упорно и неотстапно, барај да не отпаднеш од Бога, преземајќи заради ова сѐ и правејќи сѐ.

65. Бидејќи носиш тело, не обидувај се да го истражуваш она што е мисловно и духовно, какво е и што е тоа по суштина, иако духовноста на твојата душа, кога е чиста, те предрасполага за тоа. Зашто сѐ додека е душата сврзана со телото и со крвта, сѐ додека не се одвои од нив и не се пресели кај духовните сили, сѐ дотогаш таа не може, како што треба, ни да помислува за тие работи, ниту може да ги разбере. Затоа, подготвувајќи се да излезеш од поврзаност со твојата телесна природа, како од втора мајчина утроба, која е мрачна, – во она пресветло духовно постоење, биди спокоен и прославувај Го твојот добротвор, Кој нѐ преведува преку смртта кон чеканото од нас подобро постоење. Биди постојано трезвен и бодар, поради тоа што околу нас врват многу нечисти демонски сили, кои непрестано нѐ напаѓаат и настојуваат да ни ја попречат нашата љубов према Бога и треба да се пазиме од нив сѐ до крајот на нашиот земен живот. Трепери и плаши се за себе сѐ до самиот час, до мигот кога ќе излезе твојата душа од телото твое – затоа што иднината твоја е непозната, поради тоа што си создаден изменлив и непостојанен – затоа што имаш слободна волја.

66. Духовниот наш непријател нѐ напаѓа со жестоки и сташни искушенија, особено тогаш, кога насети дека нашата душа навлегла во повисоките сфери на добордетелите. Ова се посведочува со молитвените зборови и со издигнувањето на молитвата и над телото и над телесните чувства. Тогаш тој човекомразник нѐ искушува така силно и со таква злоба, така што доаѓаме во состојба да се очаеме и во самиот живот. Но тој, суетниот, не знае какви добрини ни причинува со своите искушенија, овозможувајќи на преку трпението поголемо духовно искуство и дека ни плетат посветли и поскапоцени венци.

67. Нема поголем подвиг од подвигот на целомудрието и девственоста. Оној што ја запазува својата безбрачност претставува предмет за восхитување од страна и на самите ангели, а бива наградуван и овенчуван не помалку од мачениците, зашто, кој не е врзан со телото и со крвта, настојува секогаш да им подржава на бестелесните ангелски сили со својата чистота, и колку труд и колку пот се потребни за тоа? И навистина, тоа е толку голема и возвишена работа, така што би било неможно, зашто тоа е над нашите природни сили, ако Бог одозгора не би ни ја дал Својата помош и закрила, укрепувајќи ја и утврдувајќи ја нашата немоќна земна природа, и на некој начин, ја издигнува со Својата боженствена љубов и со надежта на ветените блага.

68. Здебеленото тело од многу јадење и многу спиење – е голема пречка за целомудрието. Вистинското, пак, целомудрие, и во мечтаењата за време на спиењето останува неподвижно, зашто ако и во време на спиењето се занимава со него, тоа е знак за тоа, дека и тој длабоко во себе ја носи болеста на оваа страст во себе. Ако се удостои, со помош на Божјата благодат, и во сонот да разговара со Бога, тогаш е јасно, дека останува незасегнат од оваа страст, за која неговата душа и неговото тело биваат како буден и внимателен стражар, држејќи ги во мирен меѓусебен однос; тој е како некој постојано буден пес, пазејќи од грабливи волци и со тоа ги избавува од грабеж.

69. Ke ти покажам необични зборови, но не вчудоневидувај се. Постои една скриена тајна, која станува меѓу Бога и човековата душа. Ова станува со оние што достигнуваат повисока мерка на совршена чистота, љубов и вера, кога човекот, откако потполно ќе се измени, се соединува со Бога, како Негов близок – преку својата непрестана молитва и соѕерцанијата. Светиот пророк Илија, наоѓајќи се на овој степен на совршенство, го заклучил небото да не испраќа дожд и со небесен оган ја запалил жртвата за Бога; Мојсеј го раздвоил морето и со издигнувањето на своите раце го свртел Амалика во бегство; Јов се избавил од китот во морската длабочина. Ова станува со извесно принудување од страна на Бога, но сѐ бива во согласност со Неговата волја. Оној што се удостоил со ова, иако е обложен со тело, ја надминал мерката на распадливоста и смртноста, а смртта ја прима како обичен сон, која, за негова утеха, го пренесува таму, каде што тој чека да појде.

За свештенството

70. Трепери пред страдањата на нашиот Господ и Спасител, Кој умрел за нас и за нашето спасение, а и пред светата животворна Тајна на Телото и на Крвта на Бог – Словото, со кои не само што се удостојуваш да се причестиш, туку и да им свештенослужиш. Смирувај се како овца пред колење, сметајќи ги сите луѓе подобри од себе и пази се на секој начин, за да не ја навредиш совеста на некого. Без очистување на себе не осудувај се да се допреш до светите Тајни, за да не изгориш како сено од божествениот оган и за да не се растопиш и разлиеш како восок.

71. Ако ја извршуваш, како што треба, оваа божествена, сечесна и страшна света тајна, а твојата совест не те прекорува за ништо, тогаш во ништо друго нема да имаш посигурна надеж за твоето спасение, како во неа. Од оваа богослужба ќе добиеш поголемо добро, отколку од сите добри дела и соѕерцанија. А, ако не е така, ти самиот треба да ја побараш причината во себе. И секако е подобро, штом ја сознаеме нашата немоќ, да се откажеме од возвишениот свештенички чин, отколку да имаме живо сознание за нашето недостоинство и нашата нечистота – да го примиме и да го носиме, покажувајќи се пред многумина како издигнат, а всушност – да бидеме недостојни, слични на труп, достојни за оплакување.

72. Возвишената свештеничка служба и неговата умилоствителна молитва пред Бога, како и неговото постојано застапување пред Него, за сите луѓе толку е повозвишена пред пеењето на псалмите и пред сите други молитви, колку што е сонцето над сите звезди. Зашто кога ја служиме светата Литургија, ние Го принесуваме на жртва Единородниот Божји Син, Кој по Своето човекољубие бива заколуван за нас грешниците, се молиме не само за прошка за нашите гревови, туку и затоа – да ни биде подарено сѐ од што имаме потреба и за што се молиме: и Телото, соединето со Божеството, како распален јаглен го изгорува секое наше безаконие и ги посветува срцата што пристапуваат со вера, а, исто така, и божествената и сечесната Крв Негова, повеќе и од секој исоп ја измива и ја очистува секоја нечистотија на оние, кои се осмелуваат да пристапат кон Светите Тајни со семожна скрушеност и умилна радост. Каде може да се добие нешто слично?

73. Некој од светите оци рекол, не слегнало вознесеното тело на Бог Слово од небото, за да се жртвува, туку самиот леб и самото вино се претвораат во Тело и Крв Христова, при извршувањето со вера, страв, љубов и побожност на божествената Тајна од страна на оние удостоените со чесното свештенство. Во оваа света Тајна се извршува ова изменување истовремено на едното и другото преку дејството и наитието на Сесветиот Дух. Каква ли чистота и светост се бара од свештеникот, кој го допира божественото Тело!? И каква смелост, кога треба да се појави како посредник меѓу Бога и луѓето, кои се молат заедно со него во Божјиот храм; заедно и со Пресветата Богородица, светите небесни ангелски чинови и со сите светии од сите векови?! – Мене ми се чини, ангелски и архангелски, зашто на чинот му следува да има и особености.

74. Брате, ти треба да забележиш, дека даровите, кои треба да бидат осветени, стојат откриени по читањето на символот на верата, затоа што тие на некој начин се молат за оние што ги пренесуваат и извикуваат со неискаживи гласови кон Оној Кој живее на небесата, за да не ги презре, туку да ги погледне, спомнувајќи за доброволната жртва на Својот Единороден Син, за Неговото неискаживо смирение и доброволна смрт од љубов према луѓето. Зашто Он не им подарил преку Своите страдања искупување и спасение на праведниците, туку на нас паднатите и грешните и нѐ помилувал и издигнал, како благ и човекољубив.

75. Иако се трудиш за чистата молитва, која духовно го соединува твојот духовен ум со Бога, па откако ќе дојдеш до тоа, како во огледало, да ја видиш судбата твоја, која те чека по крајот на земниот живот, бидејќи си го примил залогот на Светиот Дух и со чувство на потполна задоволеност си го стекнал во себе царството небесно, но, и при сето тоа, не дозволувај душата твоја да биде разрешена од твоето тело без предходно да го дознаеш часот на твојата смрт, туку усрдно моли Му се на Бога за тоа и внатре во себе имај силна надеж дека ќе го добиеш тоа што го бараш, ако Му биде угодно на Бога и ако тоа биде корисно за тебе, пред излегувањето на твојата душа од твоето тело, за што треба да се подготвуваш дење и ноќе, отфлајќи го секој страв, како веќе да си ги изминал воздушните простори и си ја избегнал опасноста од духовите на злобата, и како да си веќе без ваков страв во небесното живеалиште, заедно со сите ангелски чинови, присоединет со светиите и од векови избраните праведници; дека Го гледаш Бога, колку е тоа можно и, гледајќи ги секако и благата, кои ни ги приготвил; соѕерцавајќи Го и Бог Словото Koe со Своите зраци го осветлува целиот небесен свет, Кое е заедно со Своето пречисто Тело, на Кого Му се поклонуваат сите, заедно со Отецот и со Светиот Дух сите небесни ангелски сили и сите светии, Амин.

 

Обработи,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022