www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,670,192
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM III

Свети Максим Исповедник

1. Подвижничко слово (Bо прашања и одговори)

Брат и старец

1. Братот го прашал старецот: „Те прашувам, отче, кажи ми, која била целтта на овоплотувањето на Господ Исус Христос?“

Старецот одговорил: „Ти се чудам, брату, ти секој ден го слушаш символот на верата, а ме прашуваш за ова. Но, ете ти кажувам, дека целта на воплотувањето на Господ Исус Христос била нашето спасение.“

Братот пак го прашал: „Објасни ми, отче, како станало тоа?“

Старецот одговорил: „Во почеток Бог го создал човекот и го ставил да живее во рајот, но човекот ја прекршил Божјата заповед, со што се подложи на смрт и на гниење. А потоа, иако на најразлични начини Бог со Својата промисла, од поколение во поколение, го водел кон она што е добро, тој напредувал само кон злото и со множеството на своите страсти бил влечен во очајание. Поради тоа Единородниот Божји Син, предвечното Божјо Слово, Словото на Отецот, Кое е извор на животот и на бесмртноста, ни се јавило на нас. коишто сме седеле „Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина“ (Матеј 4, 16; Иса. 9,2) и се овоплотил од Светиот Дух и Светата Дева, покажувајќи ни начин на богоподобен живот. Тогаш ни ги дал светите заповеди, ветувајќи го царството небесно за оние што ќе живеат според нив. Тој ни укажал дека ќе бидеме во вечните маки. ако не живееме според нив. Откако ги претрпел спасоносните страдања и воскреснал од мртвите, ни дал надеж за воскресение и за живот вечен. Со Својата послушност и со Својата доброволна смрт не ослободил од прародителскиот грев и ја уништил власта на смртта. ,И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани“ (1. Кор. 15, 22). И, најпосле, откако се вознел на небото и седнал оддесно на Отецот, Го испратил Светиот Дух за залог на вечниот живот, за просветување и осветување на нашите души и за помош на оние што се трудат да ги извршуваат Неговите заповеди.“ Ете, накратко да кажам, конечно, таква била, целтта на Господовото овоплотување.

2. Братот: „Отче, јас би сакал накратко, да чујам, кои заповеди сум должен да ги извршувам за да се спасам?“

Старецот: Самиот Господ им рекол на апостолите по Своето воскресение: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28, 19-20). Затоа, се што заповедал нашиот Господ, секој човек е должен да го извршува, кој е крстен во името на животворната и богоносна Троица. Со Својот нераскинлив сојуз, Господ ја соединил Својата вистинска вера со извршувањето на сите Негови заповеди, знаејќи дека разделувањето на едното од другото, го прави неможно спасението на човекот. Затоа и Давид, кој имал вистинска вера, не се задоволувал само со неа, туку Му говорел на Бога: „Се управував според сите Твои заповеди и лажниот пат го замразив“ (Псал. 118, 128). Против секој неправеден пат Господ ни дал спротивни соодветни заповеди; ако некој остави некоја од нив, тој истовремено појдува по спротивниот пат на неправдата.

3. Братот: „Отче, како, можеме да ги извршуваме сите заповеди, кога се толку многу?“

Старецот: „Тоа може оној што се угледува на Господа и кој Го следи чекор по чекор.“

Братот: „А кој може да се угледа на Господа? Тој е Бог, иако станал човек. А јас сум само човек, грешен човек, потчинет на многу страсти. Тогаш како можам да се угледам на Господа?“

Старецот: „Од оние што се заробени од светот и од неговата суета, никој од нив не може да се угледа на Господа; на Него можат да се угледаат, само оние што можат да кажат: ,Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе појдовме“(Матеј 19, 27), само тие добиваат сила да се угледаат на Господа и да живеат според сите Негови заповеди.“

Братот: „Каква e таа сила што ја добиваат тие?“

старецот: Подобро е да Го чуеш Него што говори. Тој вели: „Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја демонска сила; и ништо нема да ви наштети“ “(Лука 10, 19).

4. Ваква сила и власт добил и светиот апостол Павле. Тој говорел: „Ве молам, бидете мои подражаватели, како што сум јас на Христа!“ (1.Кор. 4, 16). И уште: „Сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос и живеат не по телото, а по духот“(Рим. 8, 1). Исто така: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“(Гал. 5, 24). А светиот апостол Павле го пишува и ова: „За мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14).

5. За оваа власт и за оваа помош пророкува и светиот пророк Давид, велејќи: „Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог. И ќе Му рече на Господ: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам“(Псал. 90, 1-2). И малку понатаму продолжува: „Затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои. Ќe тe понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата своја: на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш“(Псал. 90, 11-13). A оние што страсно се приврзале кон своето тело и што ги сакаат суетите на овој свет, слушај што ќе чујат тие од Господа: „Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“(Матеј 10. 37). И уште додава: ,.Кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик“(Лука 14, 27). И на друго место во истата глава дополнува: „И ниеден од вас, кој нема да се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик“(Лука 14, 33). Па така, секој што сака да биде Негов ученик, да се покаже достоен за Него, тој ќе добие и сила од Него против силата на злобата, ќе се откаже од секоја навика за угодување на своето тело, преку што се ослободува од секаква страсна приврзаност кон земното. На тој начин, таквите ќе востанат против невидливите непријатели и ќе почнат да ги извршуваат заповедите на Господа, како и Самиот наш Господ што ни дал образец за тоа, кога бил искушуван во пустината од нивниот началник, од сатаната, и тогаш кога Му се покажал на светот, за да им служи и послужи на сите, кога бил искушуван и од оние што дејствувале под нивно влијание.

6. Братот: „Но, отче, Христовите заповеди се многубројни и кој може сите да ги има во својот ум, и да ги извршува сите. Особено јас, човек со ограничен ум? Затоа, да ми кажеш накратко некое кратко слово и некое не многу сложено правило, извршувајки го, да можам да се спасам.“

Старецот: „Брату, иако има многу заповеди, сепак тие се искажани во следниве малку зборови: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себеси!“ (Лука 10, 27). Оној подвижник којшто живее според овие зборови, тој ги извршува сите Господови заповеди. А оној што нема да се откаже, како што реков понапред, од секаква приврзаност кон земното, тој не може вистински да Го љуби ни Бога, ниту својот ближен. Неможно е истовремено да бидеме приврзани кон земното и да Го љубиме Бога. Токму за ова не учел Господ кога говорел: „Никој не може да им слугува на двајца господари… Не можете да служите на Бога и на Мамон“ (Матеј 6,24; Лука 16,13). Зашто, доколку умот се прилепува кон работите од овој свет, доколку бива поробуван од нив, тој ги презира Божјите заповеди и ги прекршува без страв.“

7. Братот: „За какво прилепување кон работите на овој свет ми говориш, оче?“

Старецот: „Према јадењата, према парите, према разновидниот имот, према славата, према роднините и према другите слични работи.“

Братот: „Па зар Бог не ги создал сите тие работи и зар не им ги дал Тој на луѓето да се служат со нив и да ги употребуваат? Зошто сега ни заповеда да не се допираме до нив?“

Старецот: „Така е, Бог ги создал сите тие нешта и им ги дал за употреба на луѓето, и се што е од Бога, се е добро (сп. 1.Мој. 1, 31); Бог ни ги дал да се користиме добро со нив и да Му угодуваме на Бога. Но ние, бидејќи сме немоќни и оземјени со нашите помисли, го ставаме земното над заповедта на љубовта, па, откако ќе се пристрастиме кон него, заради него се бориме со луѓето. Ние сме должни на сѐ што е земно и телесно да ја претпочитаме љубовта према ближниот. Таа е знак на нашата љубов према Бога, како што ни вели и Самиот Господ во Своето Свето Евангелие: ,Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14, 15). Оваа заповед, ако ја запазиме, ќе покажеме дека Го љубиме Него. Слушни, пак, што говори Тој Самиот: „Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јован 15, 12). Ете, гледаш, взаемната наша љубов еден кон друг е еднаква со љубовта према Бога, која е исполнување на секоја Божја заповед (сп. Рим. 13, 10). Ете зошто ни заповеда, да не се приврзуваме кон работите на овој свет; сите оние што искрено сакаат да бидат Божји ученици да се откажат потполно и од целиот свој имот.“

8. Братот: „Отче, ти рече дека љубовта према секој човек треба да ја претпочитаме над се што е видливо, па дури и над самото тело. Но, како можам да го сакам оној што не ме сака мене, та дури и оној што ме мрази и што не сака да ме види? Како можам да го сакам оној што ми завидува, што ме клевети, што ми поставува замки, што се обидува да ми направи зло, како можам да сакам таков човек? Отче, мислам дека јас, само со моиве природни сили, не можам да го издржам ова, зашто самото страдање не тера да го мразиме оној што ни ги причинува страдањата.“

Старецот: ,Да, ова е неможно за зверовите и за лазачите, за оние што се раководат со својата природа; тие не се во состојба да не се одмаздуваат за злото што им е направено. Но, за оние што се создадени по Божјиот образ, кои се раководат со својот разум, кои се удостоени да Го познаваат Бога и да го примат Неговиот закон, можно е да ги сакаат луѓето што им прават зло, и што ги мразат.

Затоа Господ вели: „Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“ (Матеј 5, 44). Господ ни го заповеда кажаното, не како неможно, туку како можно; инаку не би ги казнувал оние што не ја извршуваат оваа заповед. А дека ваквата љубов е можна на дело ни посведочиле и Господ и Неговите ученици, кои од љубов према ближниот се подвизувале дури и до самата смрт. А искрено се молеле и за оние што ги убивале. Ние пак, бидејќи ги сакаме земните и сластољубивите работи и ги претпочитаме пред оваа Господова заповед, токму затоа што не мразат; и не само тоа, туку често од љубов кон земните работи не ги љубиме дури и оние што не љубат, покажувајќи се на тој начин полоши и од самите зверови и лазачи. Заради тоа, не можеме да Го следиме Господа, не можеме ни да ја познаеме Неговата цел, за да можеме оттаму да придобиеме сила за извршување на оваа Негова заповед.“

9. Братот: „Отче, ете, јас оставив сѐ: роднините, имотот, задоволствата, славата на светот, така што немам веќе ништо, освен моето тело. Сепак, братот мој , што ме мрази и се одвраќа од мене, јас не можам да го сакам, иако се трудам барем да не му враќам зло за зло. Кажи ми, што треба да сторам за да можам со сета своја душа да ги сакам оние што не ме сакаат, да ги сакам оние што ме навредуваат и што ми прават зло.“

Старецот: „Дури и оној што се откажал од светот и од се што е во него, не е можно да ги сака своите непријатели, да ги љуби оние што го мразат, ако вистински не ја познава целтта на Господа. И тогаш Господ ќе му даде да ја познае и тој ќе почне со ревност да живее според она што му е покажано. Тогаш ќе може со срце да ги сака оние што не го сакаат и што му прават зло, како што љубеле и апостолите, кои ја знаеле целтта на Господа.“

10. Братот: „Те молам, оче, за каква цел станува збор? Протолкувај ми ја, ти се молам.“

Старецот: „Ако сакаш да ја познаеш Господовата цел, слушај ме разумно и внимателно. Нашиот Господ Исус Христос, Кој е по природа и Бог и човек, станал човек од љубов према луѓето, се родил од жена и бил потчинет под Законот, според напишаното од светиот апостол Павле, за да ги исполни заповедите како човек, да ја уништи клетвата на Адама. Знаејќи дека целиот закон и сите пророци cc потпираат само врз две заповеди: да Го сакаме Бога со сето наше срце и ближниот наш како себеси, Тој така и дејствувал од почетокот до крајот, така што во совршенство, но сепак како човек, да ги запази и да ги изврши овие две заповеди, Но оној, којшто уште во почетокот го измамил човекот и ја основал државата на смртта, ѓаволот, откако го слушнал за време на крштевањето сведочењето на Бог Отецот од небото и кога се јавил Светиот Дух, излегол во пустината за да Го искушува Господа. Тој го нападнал со сета своја сила, но не успеал. Господ не ги претпочитува работите и богатствата на овој свет пред љубовта према Бога, знаејќи дека има три работи околу коишто се вртат сите човечки желби, имено: јадењата, парите и славата. Со нив ѓаволот секогаш ги турка луѓето во бездната на пропаста. Со нив се обидел да Го измами и да Го искуша и Господа; но Господ, покажувајќи дека е над земните соблазни, со Својата страшна сила му заповедал: ,Бегај од Мене, сатано!“

11. Ете, тоа е белегот на љубовта према Бога: да се стои над соблазните и над сатаната. Зашто, откако не можел да го натера Господа Исуса Христа да згреши, тој се обидувал и подоцна, кога Господ излегол на јавна проповед меѓу луѓето, да Го доведе до нарушување на заповедта на љубовта према ближниот, дејствувајќи преку безаконијата на Јудејците. Затоа, кога Господ поучувал какви треба да бидат патиштата на нашиот живот и со Својот личен живот ни дал образец на небесниот живот, проповедал дека мртвите ќе воскреснат, ветувајќи им на тие што веруваат живот вечен и царство небесно. Неверниците пак ги предупредувал со вечни маки, а за потврда на вистинитоста на Своите зборови Тој правел големи чуда и покажувал знаци, повикувајќи ги луѓето кон верата. Сето тоа ги предизвикувало безаконите фарисеи и книжниците да прават неправди и да вршат напади и против Него, така што да не може да ги истрпи неправдите и искушенијата, на кои што го подолжувале. На тој начин, да се исполни со омраза против нив и да им се одмаздува, да им враќа зло за зло, со што сатаната би ја постигнал својата цел, односно би докажал дека со тоа Господ ја нарушил заповедта за љубовта према ближниот.

12. Но, нашиот Спасител Господ Исус Христос, како вистински Бог, знаејќи ги неговите замисли, не се возбудувал со омраза против фарисеите и книжниците; Тој според Својата природа бил добар и не можел никого да мрази. Напротив, Он ги љубел бескрајно и сакал и тие да поверуваат и да бидат Негови следбеници. Бидејќи потпаѓале под влијание на сатаната, можеле да не Го прифатат, дури и да Го прифателе, сепак потпаѓале под влијание на злото. Од невнимание и од безгрижност, повторно потпаѓале под влијание на својот духовен непријател. Господ ги вразумувал, ги разобличувал, ги прекорувал, ги оплакувал и никогаш не престанувал да им прави добро, трпел кога тие говореле лошо против Него, трпел кога страдал, пројавувајќи према нив непрестано дела на љубов. Со ваквото човекољубие према оние коишто сатаната ги поттикнувал да Му прават зло, Тој го победувал Својот искушувач. Каква возвишена духовна борба! Наместо омраза, нашиот Господ секогаш пројавувал љубов; со добрина го победувал таткото на омразата и на злобата. Откако претрпел од нив толку многу зло, или поточно, го истрпел заради нив, како човек се подвизувал се до Својата смрт за да ја исполни заповедта на љубовта. И, откако одржал конечна победа над сатаната, најпосле го стекнал за нас венецот на воскресението. На тој начин, новиот Адам го обновил стариот Адам. Еве, тоа значат зборовите што ги кажал апостолот: „Вие треба да ги имаме истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Фил.2, 5).

13. Ете, таква била целта на Господа: да Му биде послушен на Својот Отец дури до самата смрт и како човек заради нас, запазувајќи ја заповедта на љубовта, да го победува ѓаволот, страдајќи од него преку поттикнуваните на зло книжници и фарисеи. А на тој начин, дозволувајќи да биде победен, Тој го победил оној што очекувал Него да Го победи и го ослободил светот од неговата тиранија. Така Христос бил „во немоќ распнат“(2. Kop. 13, 4), но со оваа Своја немоќ Тој ја умртвил силата на смртта и ја уништил власта на смртта (сп. Евр. 2, 14). Така и светиот апостол Павле претрпувал немоќи во себе, и се фалел со нив, за да се всели во него силата Христова (сп. 2. Kop. 12, 9).

14. Откако го проучил начинот на оваа победа, апостолот на христијаните во Ефес им пишува: „Нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес.6,12). A на оние што водат борба со невидливите непријатели, им заповедал: „Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство… И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдноста“ (Ефес. 6, 11 и 14). Покажувајќи ја оваа борба таква каква што е, тој говорел: „Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира во ветар; туку го истоштувам и го поробувам телото, та проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен“ (1.Kop. 9, 26-27). И пак: „До овој час ние и гладуваме, и жеднееме, и необлечени одиме, не бијат и скитаме по светов“ (1.Kop. 4, 11). И продолжува: „Во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија“ (2. Kop. 11, 27).

15. Во таква борба тој се борел и со демоните, коишто ги поттикнувале неговите телесни похоти. кои ги одгонувал со истоштување на своето тело, покажувајќи им ја таа победа на демоните, каква што била, кога го терале да мрази. поради што непобожните ги потикнуваат против побожните, од кои бивааат искушавани, па така да ги намразат и да ја нарушат заповедта на љубовта, апостолот ни говори: „Се трудиме, работејќи со своите раце. Koгa не проколнуваат, ние благословуваме, а кога не гонат трпиме; а кога хулат на нас, ние утешуваме. Станавме како ѓубриште на овој свет, како исфрлен смет од сите луѓе“ (1.Kop. 4,12-13). Затоа демоните ги терале луѓето да го укоруваат апостолот, да говорат лошо за него и да го прогонуваат, имајќи за цел да го доведат до тоа да ја прекрши заповедта на љубовта. А, апостолот, знаејќи ја нивната замисла, кога го укорувале благословувал, кога го гонеле трпел, кога го хулеле ги молел оние што биле под влијание на демоните, да отстапат од нив и да Му станат свои на благиот Бог. На овој начин, тој ги победувал демоните; според зборовите на Спасителот тој го победувал злото со добро. На овој начин и тој и другите апостоли успеале да го одвојат целиот свет од демоните и да Му го направат свој на Бога. Така, со својот пораз ги победиле оние, коишто мислеле дека извојувале победа. Затоа, брату, ако тебе те раководи оваа цел, тогаш и ти ќе можеш да ги сакаш оние што те мразат; а, ако те раководи некоја друга цел, тогаш, љубовта према твоите непријатели нема да биде можна за тебе.“

16. Братот: „Навистина, отче, така е како што говориш и не може да биде поинаку. Токму затоа Господ, кога Го навредувале, кога Му удирале шлаканици, и кога бил подложуван на други страдања од Јудејците се претрпувал, затоа што знаел оти сето Му Го правеле од незнаење и од ѓаволска прелест. Тој ги сожалувал, како што ги сожалувал и оние што Го распнале и што се подбивале со Него, велејќи: ,Оче, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23, 34). Toj тогаш, конечно го победил сатаната и неговите кнезови со Својата победа распнат на крстот, претрпувајки се до самата смрт. Го завршил до крај својот подвиг за исполнување на заповедта на љубовта, како што ми кажа сега ти. Својата победа над нив, ни ја подарил и нам; ја уништил силата на смртта и му го подарил на целиот свет Своето воскресение за нов живот. Но помоли се и за мене, отче, да можам и ј ас целосно да ја познаам основната и главна животна цел на Господа и на Неговите свети апостоли, да бидам прибран и трезвен за време на искушенијата, да ги разоткривам замислите на сатаната и на неговите демони.“

17. Старецот: „Ако ова што ти го кажав секогаш е присутно во твоите мисли, тогаш сигурно ќе можеш да ги разоткриваш и да ги разбираш замислите на лукавите демони. И кога ќе сфатиш дека, како што биваш ти искушуван, така е искушуван и твојот брат, ќе се убедиш дека токму затоа треба да му проштеваш на твојот брат што е искушаван, и да му се спротивставуваш на ѓаволот, кој ве искушува обајцата. Не ги прифаќај неговите замисли и не позволувај да паднеш во неговите мрежи и стапици. Таков совет ни дава и светиот апостол Јаков, братот Господов, кога ни говори во своето Соборно послание: ,Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јак. 4, 7). Затоа, ако реченото секогаш е присутно во твоите мисли, ако бидеш свесен за ова, тогаш ќе можеш да ја познаеш целта на Господа и на Неговите апостоли, ќе ги сакаш луѓето, ќе имаш сочувство према нив дури и тогаш кога ќе дејствуваат непријателски према тебе, а вооружен со силата на љубовта, спротивставувај им се на лукавите демони. А, доколку јас и ти бидеме невнимателни, безгрижни и ако нашите мисли им ги предадеме на телесните задоволства, тогаш нема да можеме да водиме борба против демоните, туку ќе бидеме непријатели и на себе и на нашите браќа. Борејќи се против нив, ќе им угодуваме на демоните и, слушајќи ги нив, ќе војуваме против љубовта.“

18. Братот: „Така е, отче, демоните ја користат мојата негрижа и ме напаѓаат. Но, ти се молам, отче, кажи ми како треба да се трудам за да придобијам духовна трезвеност?“

Старецот: „Целосната негрижа за земното и постојаното проучување на Светото Писмо душата ја исполнуваат со страв Божји, a стравот Божји ја доведува душата до состојба на духовна трезвеност. И тогаш душата почнува да гледа како демоните војуваат против неа преку помислите и те поучува како да ги одбиваш нивните напади за што говорел и Божјиот пророк Давид, велејќи: ,И окото мое, презриво ги гледа непријателите мои“ (Псал 53,7). Поттикнувајќи ги своите ученици кон ваквата борба со демоните, и врховниот апостол Петар рекол: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот“ (1. Петр. 5, 8 – 9). И Господ рекол: „Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение“ (Матеј 26, 41). Така вели и проповедникот: ,Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кротоста спречува големи грешки“ (Проп. 10, 4). А местото на умот е добродетелта, знаењето и стравот Божји. На крајот, и божествениот апостол, кој се подвизувал трезвено и храбро, вели вака: ,Иако во тело живееме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања и секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христа; и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност“ (2. Kop. 10, 3-6). Така и ти, ако ги подражаваш светиите и се примораш да се откажеш од се заради Бога, тогаш и ти ќе бидеш трезвен.“

19. Братот: „Отче, што треба да правам, за да можам непрестано да бидам со Бога?“

Старецот: „Умот не може секогаш да биде со Бога, со Самиот Бог, ако не ги придобие следниве три добродетели: љубовта, воздржувањето и молитвата. Љубовта го скротува гневот, воздржувањето ја исушува похотата, а молитвата, ослободувајќи го умот од сите помисли, го предава ослободен од се што е земно пред Самиот Бог. Овие три добродетели ги содржат во себе сите правци; умот без нив не може да живее во единиот Бог.“

20. Братот: Ти се молам, отче, научи ме: како љубовта го скротува гневот?“

Старецот: „Работа на љубовта е да го љуби ближниот, да му прави добро, да има долготрпеливост према него, да ги претрпува сите неправди и навреди, што му ги нанесува. На оваа тема имаме често говорено. Имајќи ги овие својства, љубовта природно го скратува гневот кај оној што ја придобил.“

Братот: „Навистина, не се мали нејзините сили и нејзините дела, но кој може да ја придобие љубовта? Јас сум навистина далеку од неа. Но сепак, ти се молам, објасни ми: што значи долготрпеливост?“

21. Старецот: „Пред се, духот треба да биде тврдокорен во несреќите, да го претрпуваме секое зло и да го чекаме крајот на искушенијата, без да дозволуваме гневот да продолжува; не смееме да изговораме неразумен збор или да имаме сомневање во некого или да помислиме нешто недолично за некој побожен и богоугоден човек, како што е речено и во Светото Писмо: „Трпеливиог човек претрпува до крај, а потоа – наградата негова е радост. До вистинскиот час ги сокрива своите зборови, а устите на мнозина ќе говорат за неговата разумност“ (Мудр. Сирах. 1, 23-24).

22. Ете, ова се својствата на долготрпеливоста! И не само тоа, туку потребно е и себе да се сметаме како причина за искушенијата. И ова е својство на долготрпеливоста. А можеби, всушност, е и така; можеби ние самите сме виновни за нашите искушенија. Зашто, многу нешта ни се случуваат, за да се поучиме или, за да се очистиме од нашите гревови, да се ослободиме од нашата мрзливост или, пак, за да се ослободиме од натамошни паѓања. Кој што мисли дека искушенијата го напаѓаат токму заради спомнатите причини, тој нема да се гневи тогаш кога е искушуван, особено кога е свесен какви гревови има; тогаш нема да ги обвинува луѓето преку кои му доаѓаат искушенијата; треба да биде свесен дека тој самиот треба да ја испие чашата на Божјиот суд, а умот свој треба да го насочи кон Бога и да Му благодари затоа што му ги испратил тие искушенија, обвинувајќи се самиот себе и доброволно да го прифати вразумувањето, како што постапил и Давид во својот однос према Семеј или како многустрадалниот Јов према својата жена. А неразумннот, бара од Бога милост и тогаш кога милоста веќе го посетила. Тоа го прави затоа што Божјата милост не го посетила онака, како што сакал тој, а не така. како што просудил Самиот Лекар на душите. Токму затоа бива малодушен и неспокоен, та, де се гневи на луѓето, де хули на Бога. На тој начин ја изразува својата неблагодарност и не добива полза од Божјата казна за вразумување.“

23. Братот: „Отче. добро ми ги објасни сите овие нешта, но кажи ми: како воздржувањето ја исушува похотата?“

Старецот: „Воздржувањето не учи да се воздржуваме од се што ни задоволува некоја потреба, па само ни дава извесни задоволства; не ни дозволува да се допираме до ништо, освен до она што е неопходно за нашиот живот. Не ни дозволува да го бараме она што ни е пријатно, туку само она што е корисно; и храната и пиењето треба да бидат соодветни со нашите вистински потреби. Не треба да дозволуваме во нашето тело да се трупаат непотребни резерви, туку да употребуваме само толку храна и пиење колку што ни е потребно за одржување на нашиот телесен живот, запазувајќи го на тој начин слободно од сладострасни стремежи. Ете, на овој начин воздржувањето го исушува телото. Напротив, задоволствата, изобилството на храната и пиењето го распалува стомакот, предизвикувајќи силен поттик кон срамната похот, и го влечат човекот, како неразумно животно, кон незаконска телесна врска. Кога очите немаат срам, тогаш и рацете не се заврзани; тогаш и јазикот го говори само она што му е угодно на увото, слушајќи само суетни работи; умот не се грижи за она што Му е угодно на Бога, а душата не само што прави духовен блуд, туку го повлекува и телото кон неговото извршување на дело.“

Братот: „Така е, отче, така е како што ми зборуваш. Но ти се молам, отче, да ме научиш: како треба да се молам и како тоа не ослободува од сите помисли?“

Старецот: „Нашите помисли се мисли за предметите, од коишто едните се земни, а другите се умствени. Кога умот, е зафатен со нив, тогаш постојано мисли за нив. Молитвената благодат го соединува нашиот ум со Бога, а соединувајќи го со Бога, го одделува од сите други помисли. Тогаш умот разговара со Бога наполно ослободен од земните мисли, и станува способен да Го чувствува и да Го гледа Бога. А кога ќе постане таков, тогаш Му се моли како што треба и никогаш не греши што треба да бара од Него. И затоа секогаш го добива она што го бара од Него. Апостолот затоа и заповеда: ,Молете се постојано!“ (1.Сол. 5,17), така што, почесто соединувајќи го нашиот ум со Бога, малку по малку да се ослободуваме од нашата приврзаност од се што е земно и грешно.“

25. Братот: „Но како може умот непрестано да Му се моли на Бога? Зашто тогаш кога пееме и читаме, кога разговараме со некого или му служиме на некого, тогаш природно го расејуваме со други помисли и претстави.“

Старецот: „Светото Писмо не ни заповеда ништо што е неможно. Самиот апостол, кој ги кажал овие зборови, и пеел, и читал, извршувајќи ги сите дела на својата апостолска служба, но сепак непрестано се молел. Да се молиме непрестано, значи да го имаме нашиот ум прилепен за Бога со искрена љубов и со топла желба, да се надеваме во Него, и во Него да ја наоѓаме нашата смелост за се што е добро и богоугодно во сите наши дела и во сите настани на нашиот живот. Имајќи ја оваа расположба, апостолот вели: „Кој ќе не одвои од љубовта Христа? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот?“ (Рим. 8, 35), а малку понатаму во истата глава додава: „Сигурно знам, дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да не оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 8, 38-39). И пак: „Од секаде сме угнетувани, но не сме потиштени; во недоумица сме, не губиме надеж; не гонат, но не сме напуштени; не кутнуваат, но ние не пропаѓаме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господ Исус, така што и животот Исусов да се открие во телото наше“ (2. Кор. 4, 8-10).

26. Имајќи ја оваа и ваква расположба, апостолот се молел непрестано, зашто, како што е речено, во сите свои дела и во сите настани од својот живот се надевал на Бога. Па и сите светии секогаш им се радувале на своите страдања, очекувајќи преку нив да ја засилат својата љубов према Бога. Затоа апостолот велел: „Со многу поголема радост ќе се фалам со своите слабости за да се всели во мене силата Христова“ (2. Кор. 12, 9). Затоа, веднаш понатаму додава: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Kop. 12, 10). Но тешко нам, кои сме го напуштиле патот на светите, на светите отци; затоа сме сиромашни од секакви духовни дела.“

27. Братот: „Отче, зошто јас немам скрушеност?“

Старецот: „Затоа што јас и ти немаме страв Божји пред нашите духовни очи. Затоа сме станале живеалиште на секое зло; ги презираме страшните Божји застрашувања, како невистински. Инаку, како не би биле скрушени, слушајќи, на пример, како Мојсеј говори за грешниците од името на Бога: „Зашто оган се разгори од јароста Моја, продира тој се до пеколот вечен, ја јаде земјата и плодовите нејзини, основите на планински ги фрла во оган; ќе испратам врз нив големи несреќи, стрелите Свои против нив ќе ги насочам“ (5. Мој. 32, 22-23). И уште: „Кога ќе го наострам Мојот блескав меч, и раката Моја го прими судот, ќе им се одмаздам на непријателите Мои и ќе им платам на оние што Ме мразат“ (5. Мој. 32, 41). Или како што извикува Исаија: „Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: ‘Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?“(Иса. 33, 14)? И пак: „И ќе излегуваат и ќе ги видат труповите на луѓето што отстапиле од Мене; зашто црвот нивни нема да умре, ниту огнот нивни ќе угасне и ќе бидат одвратност за секоја плот“ (Иса. 66, 24). Или како што вели Јеремнја: „Подајте Му слава на Господ, вашиот Бог, додека Тој се уште не испратил темнина и додека се уште нозете ваши не се сопнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Тој ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја направи темнина“ (Јерем. 13, 16). И пак: „Чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи, а не гледаш, имаш уши, а не слушаш: од мене ли не се плашите, вели Господ, пред мене ли не треперите? Јас ставив песок, како граница на морето, за вечна меѓа, која нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат“ (Јерем. 5, 21-22). „Ke тe казни тебе отстапувањето твое, и злобата твоја ќе те обвини: и така познај и размисли, колку е лошо и горчливо што Ме остави, вели твојот Господ Бог, што кај тебе нема страхопочит, вели Господ, Бог Саваот. Зашто одамна го скршил јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: – Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли. Јас те посадив како благородна лоза – најчисто семе; а како Ми се претвори во див ластар од туѓа лоза?“ (Јерем. 2, 19-21). И пак: „Не, во друштво со подбивачи не сум се веселел: со Твојата тешка рака врз мене седев сам, бидејќи Ти ме разнесе со јарост“ (Јерем. 15, 17). И кој нема да се исплаши кога го слуша Језекиила да говори: „Ете, дојде свршетокот за тебе; и ќе го пратам врз тебе гневот Свој, и ќе ти судам според патиштата твои, и ќе ги натоварам врз тебе сите гадотии. И окото Мое нема да те зажали, и нема да се смилувам… и ќе разберете, дека Јас сум Господ, Кој казнува“ (Језек. 7, 3-4, 9). Кој нема да се скруши, слушајќи го светиот пророк Даниил кога го опишува денот на Страшниот суд, велејќи: „Видов најпосле дека се поставија престоли и седнат Старец; облеклото Му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркалата како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади Му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Дан. 7, 9-10). Односно делата на секого. И пак: „Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да Идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред него. И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици: владението Негово е владение вечно, кое нема да измине и царството Негово нема да се разруши. Духот мој затрепери во мене, Даниил, во телото мое и виденијата ме вознемирија“ (Дан, 7, 13-15).

28. Koj нема да се исплаши, слушајќи што вели светиот Божји пророк Давид: „Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа дека силата е во Бога, дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти му плаќаш на секого според делата негови“ (Псал. 61, 11-12). И пак говори Проповедникот, велејќи: „А суштината на се е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот; зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“(Проп. 12, 13-14).

29. Исто така, кој нема да се исплаши, слушајќи го апостолот кога вели: „Сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“(2. Кор. 5, 10; Рим. 14, 10). Кој нема да заплаче по сето ова за нашето неверство, за заслепеноста на нашите души, затоа што, слушајќи го сето тоа, што не се каеме и не проливаме горчливи солзи за нашата нечувствителност и немарност, која што ја предвидувал светиот пророк Јеремија и велел: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господ“(Јерем. 48, 10). Кога би имале грижа за спасението на нашата душа, ние би требало да се исплашиме и да затрепериме од зборовите Божји и би побрзале со најголема грижа да ги извршиме Неговите заповеди, од што зависи нашето спасение. А ние, без оглед на тоа што ги слушаме зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што водат кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат“ (Матеј 7, 13-14); ние го претпочитуваме широкиот пат, што води кон пропаста него го врвиме. Затоа, кога ќе дојде Господ за да им суди на живите и на мртвите, тогаш ќе ни рече: „Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели“ (Матеј 25, 41).

30. A овие зборови ќе ги чуеме, не само кога сме направиле лоши дела, туку и тогаш, кога не сме се труделе да правиме добри дела, кога не сме го сакале нашиот ближен. Ако сме правеле лоши дела, тогаш. како ќе го пречекаме судниот ден кога се наоѓаме во таква лоша состојба? Секој треба да знае што ни е речено: „Не прави прељуба, не кради, не убивај“ и друго. Тоа им било речено на луѓето уште преку Мојсеја, а нашиот Спасител и Господ ни вели: „Секој што ќе погледне на жена со желба кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5, 28). Господ, знаејќи дека на христијанинот за совршенство во животот, запазувањето на ова е недостатно. рекол: „Вистина, вистина ви велам, ако вашата правда не биде поголема од таа на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно“. Затоа и пред и по овие зборови, секогаш барал совршена душевна светост, заради која се осветува и телото, од нас бара искрена љубов према сите луѓе, преку кои можеме да добиеме љубов и према Самиот Него. Образец за ова ни дал Тој Самиот во Себе Си, како и во Своите ученици, како што многу пати е говорено.

31. Какво оправдување можеме да имаме на денот на Страшниот суд, кога пред нас е ваков образец и кога остануваме незагрижени за нашето вечно спасение? Светиот пророк Јеремија, оплакувајќн не нас, вели: „О, да ми беше главата извор, а очите кладенец на солзи, па да плачам ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ“ (Јерем. 9, 1), а ние, коишто сме се удостоиле со ваква благодат, живееме во ваква незагриженост или, пак, сме исполнети со секакво зло. Слушам дека за нас зборува и Мојсеј: „И (јадеше Јаков и) стана дебел и тврдоглав: се згои, се здебели и прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, отстапи од Бога, Спасителот свој“ (5. Мој. 32, 15). За нас плаче и Михеј, говорејќи: „Нема веќе верни луѓе по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица. Рацете им се приготвени за да прават зло“(Мих. 7, 2-3). Исто така, и псалмопеачот за нас ги изговорил следниве зборови: „Помагај, Господи, зашто не остана побожен, ги снема верните меѓу синовите човечки“ (Псал 11, 1).

32. Оплакувајќи не нас, и апостолот говори пророчки: „Сите се отклонија, заедно станаа развратни: нема кој да прави добро, нема ниту еден. Грлото нивно – отворен гроб; со јазиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров, устата нивна е полна со клетва и горчина. Нозете нивни им се брзи за прелевање крв: пустошење и маки по нивните патишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни“ (Рим. 3, 12-18). Со пророчко предвидување за нашиот сегашен лош живот му пишува светиот апостол Павле на Тимотеја: „Ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагородни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ (2. Тим. 3, 1-5). Затоа, тешко нам, што сме дошле до последната крајност во злото. Зашто, кажи ми: кој од нас не е причислен кон наброените видови на лошото живеење? Зар не се исполнува ова пророштво? Зар сите ние не сме угодници на стомакот? Зар не сме сите сластољупци? Зар не сме ненаситни љубители на земните работи? Зар не сме сите гневливи? Зар не сме сите злонамерливи? Немаме ли предавнички однос кон добродетелите? Не говориме ли сите ние непристојни зборови? Зар сите не озборуваме и осудуваме? Зар не ги мразиме браќата наши? Зар не сме сите надуени? Зар не сме сите суетни и славољубиви? Зар не сме сите горделиви? Зар не сме сите лицемерни? Зар не сме сите лукави? Зар не сме сите завидливи? Зар не сме сите непослушни? Зар не сме сите мрзливи? Зар не сме сите измамници? Зар не сме сите безгрижни? Зар не сме сите неработливи во извршувањето на Христовите заповеди? Зар не сме исполнети со секакво зло? Дали не сме станале купишта идолски, наместо да бидеме храмови Божји? Наместо да бидеме живеалиште на Светиот Дух, ние сме живеалиште на демоните? Зар Бога не Го нарекуваме Отец наш, неискрено? Зар сме станале синови на пеколот, наместо да бидеме синови Божји? Зар не сме полоши од Јудејците, ние што го носиме името Христово? И никој не се вознемирува кога ја слуша оваа вистина. И беззаконите Јудејци говореле: „Еден Отец имаме Бог“. Но тогаш Го слушаме Христа да им говори: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко“ (Јован 8, 41 и 44).

33. Зар не заслужуваме и ние, коишто ги газиме Неговите заповеди, да чуеме нешто слично од Него? Апостолот ги нарекол синови Божји оние што живеат и се раководат според Светиот Дух. Тој пишува: „Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“(Рим. 8, 14). A ние, како можеме да бидеме наречени синови Божји. кога во нашиот живот се раководиме со телесно мудрување? Според плодовите на Духот, бива очигледно кој живее според Светиот Дух. Апостолот вели: „А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, крепост, воздржливост“(Гал. 5, 22-23). Имамe ли и ние некои од овие плодови? Дали нашите дела не го сведочат спротивното? Роденото е слично на родителот. Но нашиот Господ и Спасител говори: „Роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух“(Јован 3, 6). Ние сме станале тело и не живееме духовно. Затоа, оправдано се однесуваат на нас Божјите зборови: „Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот“(1. Мој. 6, 3). Па како можеме да се нарекуваме христијани, кога во нас нема ништо Христово?

34. Можеби ќе речете: „Јас имам вера во Христа; за мене е доволна верата во Него за да бидам спасен. “На тоа ни противречи светиот апостол Јаков, велејќи: „И злите духови веруваат, а треперат“ (Јак. 2, 19). „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва… Како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јак. 2, 17 и 26). Дали ние веруваме во Него? Како можеме да кажеме дека Му веруваме во врска со идното, кога не Му веруваме во врска со она што е во сегашноста? Ние не веруваме како што треба, затоа што живееме телесно и зашто војуваме против Духот. Оние што вистински веруваат во Христа со извршувањето на Неговите заповеди Го вселуваат Него во себе и говорат: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене“(Гал. 2, 20). Затоа, страдајќи за Него заради спасението на другите. оние што Му биле верни подржатели и вистински исполнители на Неговите заповеди, говореле: „Кога не проколнуваат, ние благословуваме, а кога не гонат трпиме: кога хулат на нас, ние утешуваме“(1. Kop. 4, 12-13). Тие биле послушни на Господовите заповеди: ,.љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“(Матеј 5, 44). И така, тие и со своите зборови и со своите дела Го пројавувале Христа Кој дејствувал во нив. А ние, бидејќи живееме и се однесуваме спротивно на Неговите заповеди. се докажуваме исполнети со секаква нечистотија. И затоа. наместо да бидеме храм Божји, ние сме станале пазариште; наместо да бидеме дом на молитва сме станале пештера разбојничка; наместо да бидеме свет род ние сме род на грешници; наместо да бидеме народ Божји ние сме народ исполнет со гревови; наместо да бидеме свето семе, ние сме семе на злото; наместо да бидеме синови Божји ние сме синови на беззаконието. Такви сме, затоа што сме ги оставиле заповедите на Господа, им служиме на лошите духови преку чистите страсти и Го разгневуваме Светителите Израилеви.

35. И затоа големиот Божји пророк Исаија, оплакувајќи не, а истовремено сакајќи да ни помогне да се дигнеме од нашата паднатост, вели: „Каде уште да ве бијат вас, кои се уште се спротивставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло“(Иса. 1, 5-6). А на ова ги додава и следниве зборови: „Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како сеница во градина, како опсаден град“(Иса. 1, 8). Откако укажува на ваквата опустошеност на нашата душа, и апостолот рекол: „Бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега, исполнети со секаква неправда, блудство, лукавство, алчност, злоба, полни со завист, убиства, кавги, измами, злонамерност; озборувачи, клеветници, богомрасци, насилници, фалбаџии, горделивци, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви. Тие, иако ја познаваат праведната одредба Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклонети и кон оние што ги вршат. Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни. Затоа Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистотата, па сами да си ги обесчестуваат своите тела“(Рим. 1, 28-32, 26 и 24). А што бива потоа? Апостолот вели: „Гневот Божји се открива од небото против секоја безбожност и неправда на луѓето кои вистината ја спречуваат со неправда“ (Рим. 1, 18).

36. Прикажувајќи ја ваквата опустошеност на душата, и нашиот Господ и Спасител говорел: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте. Ете, ви се остава пуст вашиот дом“(Матеј 23, 37-38). A Исаија, предвидувајќи, дека ние монасите, ја извршуваме својата служба само телесно, а не се грижиме за тоа да Му служиме на Бога, но и покрај тоа, се гордееме, говори: „Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушајте се во законот на нашиот Бог, народе гоморски! ‘Зошто ми се многуте ваши жртви? вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телињата, од јагниња и јариња не сакам. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој го бара тоа од вашата рака, кога ќе згазнете на Моите дворовите? Не принесувајте веќе празни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија со безаконија – не можам да трпам:! Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам. И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв“ (Иса. 1, 10-15). Затоа што секој подвижнички труд. кој му е туѓ на љубовта, не Му е угоден на Бога.

37. Бог, разобличувајќи ја нашата лицемерност оддалеку, вели: „Овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило“(Иса. 29, 13). Иако нашиот Господ со овие зборови ги прекорувал фарисеите, целосно се однесува и на нас современите лицемери, кои сме се удостоиле со таква голема благодат, а се однесуваме дури и подолно од нив. Не им натоваруваме ли и ние на луѓето товари тешки и неудобни за носење, а ние самите не сакаме ни со прст да се допреме до нив (сп. Лука 11, 46)? Дали и ние не правиме се, само за да бидеме видени од луѓето (сп. Матеј 6, 5). Не бараме ли и ние предни места на гозбите и на народните собири? Не сакаме ли и ние луѓето да не нарекуваат свои учители и оние, што не ни ја оддаваат таквата чест, не ги прогонуваме ли дури до самата смрт? Зар и ние не сме го зеле клучот на разбирањето, но не само што ние не го отвараме царството небесно, туку го затвараме и за другите луѓе? Така што, ни ние самите влегуваме, ниту нив ги пуштаме во него? Зар не сме и ние слепи водачи што ги цедиме комарците, а камилите ги проголтуваме? Ние не ги миеме ли садовите однадвор, додека внатрешноста нивна останува полна со грабеж, лакомство и невоздржување? Не даваме ли и ние десеток од незначајните работи, а ги пренебрегнуваме судот и љубовта Божја? Не сме ли и ние како варосани гробови, покажувајќи им се на луѓето однадвор праведни, а внатре исполнети со лицемерие, безаконија и нечистотија? Зар не, им правиме и ние гробови на мачениците и зар не ги украсуваме спомен обележјата на апостолите, зашто и ние оправдано сме слични на оние што ги убивале? (сп. Матеј 23, 3, 32). Koj нема да се расплаче за нас, што се наоѓаме во ваква жална состојба? Кој нема да не сожали нас, кога сме во ваков ужасен плен? Затоа ние, чесните синови Божји, сме станале како глинени садови. Затоа потемнело нашето злато и среброто наше не е веќе добро (си. Плач 4, 1-2). Затоа ние, назореите на Сион, кои сме биле побели и посјајни и од снегот, сме станале темни како Етиопјани; ние што сме биле бели како млеко, сме станале црни како мастило. Затоа, лицето наше станало црно како саѓи; безаконијата наши се умножиле и станале помногубројни од безаконијата на содомците; затоа, ние синовите на денот на светлината, сме станале синови на ноќта и на темнината (сп. 1. Сол. 5, 5). Затоа ние синовите на Царството, сме станале синови на пеколот. Затоа ние, синовите на Севишниот; како обични луѓе умираме и паѓаме како еден од кнезовите (сп. Псал. 80, 7). Затоа сме им предадени во рацете на безаконите непријатели, односно на лошите и жестоки бесови, затоа што сме ги погазиле заповедите на нашиот Господ Бог (сп. Дан. 3, 29, 32). Ние сме Го распнале Синот Божји и крвта на заветот не ја почитуваме (сп. Евр. 10, 29). „Но, не предавај не засекогаш заради името Твое и не разрушувај го заветот Свој. Не одземај ја од нас милоста Своја заради Авраам, Твојот слуга, заради Исака, твојот слуга, и Израил, светијата Твој“(Дан. 3, 34-35), заради Твојата милост, Отче наш, Кој си на небото, заради милосрдието на Твојот Единороден Син и милоста на Твојот Свет Дух. „Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да не пресретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме понижени. Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави не и очисти не од гревовите наши заради името Твое“ (Псал. 78, 8-9), откако си спомнал за нашиот почеток, кој од човекољубивост го зел од нас, Твојот Единороден Син што ќе го има на небото, давајќи ни тврда надеж на спасение, така што заради очајанието да не станеме полоши. Помогни и избави не, заради пречистата Твоја крв, што си ја пролеал поради животот на светот, заради светите пророци, отците и патријарсите, кои се подвизувале за да Му угодат на Твоето свето Име. Господи, не ги презирај нашите молитви и не оставај не сами. Зашто, не се надеваме на нашата правда; се надеваме само на Твојата милост, што ја имаш према човечкиот род. Ти се молиме, биди милостив према нас, за да не ни биде за осуда извршеното дело на Твојот Единороден Син за тајната на нашето спасение; не свртувај го Твоето лице од нас. Не гнаси се од нашето недостоинство, но помилуј не по Твојата голема милост и по мноштвото на Твоите дарежливости, очисти ги нашите беззаконија, да застанеме неосудено пред лицето на Твојата слава, да се удостоиме со закрилата на Твојот Единороден Син и, заради нашите гревови, да не се покажеме како Твои недостојни слуги. О, Господи Сесилен, слушни ја нашата молитва, зашто за друг Бог освен Тебе не знаеме; со Твоето име се именуваме, Ти си Оној Кој дејствува во се и во сите и од Тебе бараме секаква помош. „Ѕирни од небесата, Боже, и погледни од Твоето живеалиште на светињата Твоја и на славата Твоја: Само Ти си Отец наш, отсекогаш Твоето име е: ‘Искупител наш’… Непријателите наши го изгазија Твоето светилиште. Ние станавме такви, како над кои никогаш да не си владеел и над кои името Твое да не се спомнувало“ (Иса. 63, 15-19).

38. „Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека; сите попаѓавме како лист; а беззаконијата наши како ветар не однесуваат. Нема никој кој би го повикал Твоето име, кој би установил да се држат здраво за Tебе: затоа Ти го сокри лицето Свое од нас и не остави да гниеме од беззаконијата свои. Но сега, Господи, Ти си наш Татко; ние сме глина, а Ти – наш грнчар, сите сме дело на Твоите раце. Немој да се гневиш безмерно, Господи, и немој вечно да го помниш беззаконието. Но, погледај: сите сме Твој народ. Градовите на Твојата светиња станаа пустелија; пустина стана Сион; Ерусалим е опустошен. Домот на нашата светиња и на нашата слава, каде што татковците наши Те прославуваа, од оган изгоре, а сите наши добра така пропаднаа. По сево ова, ќе се воздржуваш ли уште, Господи, ќе молчиш ли и ќе не казнуваш ли без мерка?“ (Иса. 64, 6-12).

39. Ова се случило како преобраз со Твојот древен народ, а сега со нас се исполнува вистински. „Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас“(Псал. 78,4). Но, погледни од Твоето небо и види, спаси не заради Твоето име. Дај ни да ги познаеме заобиколувањата на нашите противници и запази не од нивните мрежи и стапици. Не оддалечувај ја Твојата помош од нас, зашто ние сами не можеме да се спасиме: не можеме да ги победиме оние што не напаѓаат. Ти имаш сила, за да не спасиш од нашите непријатели. Господи, спаси не од сите опасности на овој свет, спаси не по Твојата добрина, за да можеме со чиста совест да го препливаме морето на животот; да застанеме чисти и непорочни, да застанеме пред Твојот страшен престол и да се удостоиме со вечниот живот.

40. Братот, откако го ислушал кажаното со големо внимание, паднал во длабока скрушеност, па со солзи му рекол на старецот: „Колку што можам да видам, отче мој, за мене не може да има спасение.“ „Зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја“(Псал. 37, 4). Ти се молам, оче, кажи ми што треба да правам?“

Старецот: Луѓето не можат сами да се спасат; но за Бога се е можно. За Него нема ништо неможно, како што рекол Самиот наш Господ и Спасител Исус Христос: ,За луѓето тоа не е можно; но за Бога се е можно“ (Матеј 19, 26), и така „Да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме… и да кликнеме (заплачиме) пред лицето на Господа, нашиот Творец; зашто Тој е Бог наш“ (Псал. 94. 2, 6-7), зашто словото Негово преку пророкот Исаија вели: „Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте“ (Иса. 30, 15). И пак вели: „Ете, раката на Господ не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша“ (Иса. 59,1-2). И уште вели: „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица. Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели. Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако, пак, не сакате и се спротивставувате, меч ќе ве истреби, тоа го рече устата Господова“ (Иса. 1, 16-20). И преку пророкот Јоил Бог го вели истото: „Вратете се кај Мене од се срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува“ (Јоил 2,12-13). И Преку пророкот Језекиил Бог велел: „Сине човечки, кажи му на домот Израилов – вие велите: ‘Нашите престапи и нашите гревови се врз нас, и ние пропаѓаме во нив, како тогаш можеме да живееме?“ Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се. вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилов?“ (Језек. 33,10-11). Во Третата книга на царствата. во која е изложено изобилството на Божјата добрина, се зборува и за тоа како Ахав, кој бил во лозјето на Навутеја, кое го придобил преку убиството на Навутеј, потпомогнат од царицата Језавела, ги слушнал зборовите на пророкот Илија, кој рекол: „Вака вели Господ: ‘Ти си убил, и уште си грабнал наследство!’ И кажи му: вака вели Господ: ‘на она место, каде што кучињата ја лижеа крвта на Навутеј, кучињата ќе ја лижат и твојата крв’“. „И за Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела зад јизреелските зидови’… „Откако ги ислуша сите тие зборови, Ахав се тажеше прад Господ, одеше и плачејќи, ја раскина облеката своја, го покри телото свое со вреќиште, постеше и спиеше во вреќиште и одеше нажален. И дојде слово Господово кон Илија од Тишбе. И Господ рече: ‘Виде ли, се понижи Ахав пред Мене? Затоа што така се понижи пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом“ (3. Цар. 21, 19-23 + 27-29). И пророкот Давид вели: „Го признав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: ‘Ќe Му ги исповедам на Господ моите престапи’, и Ти ми ја прости вината на гревот мој. Затоа секој побожен човек нека Ти се моли навреме“ (Псал. 31, 5-6). Во Евангелието на нашиот Господ Исус Христос се вели: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4, 17), а кога светиот апостол Петар Го прашал: „Господи, колкупати да мy простам на брата ми, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ Господ, Кој е по природа добар и неискажливо милостив, му одговорил: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“ (Матеј 18, 21-22). Со што може да се спореди таквата добрина и милост? Со што можеме да ја споредиме ваквата човекољубивост?

41. Откако на овој начин ја познаваме Божјата добрина и Неговата човекољубивост, како од Стариот, така и од Новиот завет, да се обратиме кон Него со сето наше срце. Браќа, зошто да загинеме? Да ги исчистиме нашите грешни раце, да ги исправиме нашите неодлучни срца; да зажалиме за нашиот досегашен грешен живот, да се скрушиме и да заплачеме за нашите гревови. Да престанеме да грешиме. Да поверуваме во Божјата милост; да се исплашиме од Неговите предупредувања и да почнеме да ги извршуваме Неговите свети заповеди. Да се засакаме еден со друг со сето срце и на оние што не мразат и што не навредуваат да им кажеме: „Вие сте наши браќа, да го прославиме заедно името на Господа. Да си проштеваме еден на друг тогаш кога биваме искушувани еден со друг, зашто против сите нас се бори и не напаѓа нашиот заеднички непријател. Да почнеме да им се спротивставуваме на нашите лоши помисли; да Му се молиме на Бога да ни помага во нашите борби, да биде соборец наш и да ги изгонуваме од себе лошите и нечисти духови. Да му го потчиниме телото на духот; да го умртвуваме со секакви ограничувања и измачувања. Да се очистиме од секаква нечистотија на телото и духот. Еден со друг да се поттикнуваме за засилување на љубовта и за извршување добри дела. Да не си завидуваме еден на друг и да не се раздразнуваме против оние што ни завидуваат. Да пројавуваме заемно сочувство; со смирение да се лекуваме еден со друг. Никого да не осудуваме. Со никого да не се подбиваме, зашто сме делови на исто тело и еден на друг. Да ги отфрлиме од себе мрзливоста и негрижата и да почнеме храбро да се подвизуваме против лукавите духови. Да Го имаме за наш Заштитник Господа Исуса Христа Праведникот пред Отецот; Тој е очистувањето од нашите гревови. Да Му се помолиме со сето наше срце и со сета наша душа, и Тој ќе ни ги прости нашите гревови. „Близу е Господ до сите, кои Го повикуваат, до сите, кои вистински Го призиваат“ (Псал. 144, 18). Затоа се вели: „Принеси Му на Бога благодарствена жртва и исполнувај ги своите завети пред Севишниот. И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш“ (Псал. 49,14-15). Исаија, пак, што зборува: „Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, облечи го, и од крвните сродници не криј се. Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш и Тој ќе рече: ‘Еве Ме’. Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да кревеш прст и да говориш лошо, кога ќе му ја поделиш со гладниот храната своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне“ (Иса. 58, 6-10). Гледаш ли дека, кога ќе го разрешиме секој сојуз на неправдата и кога ќе решиме да му правиме добро на нашиот ближен со сета наша душа, тогаш ќе се осветлиме со светлината на знаењето, ќе се ослободиме од страстите на нечесноста и ќе се избавиме од секое незнаење. А молејќи Му се на Христа, ќе бидеме услишени и ќе Го имаме Бога секогаш со нас, а нашите божествени желби ќе бидат исполнувани.

42. Да се сакаме еден со друг, и ќе бидеме засакани од Бога, Да бидеме долготрпеливи еден према друг, тогаш и Бог ќе биде долготрпелив према нас. Да не враќаме зло за зло, тогаш и Бог нема да не накаже поред нашите гревови. Ke добиеме простување на нашите гревови, ако им ги простиме гревовите на нашите браќа, зашто Божјата милост е скриена во нашата милозливост према нашите ближни. Затоа Господ рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6, 37). И: „Ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“ (Матеј 6, 14). И пак: „Со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Матеј 7, 2). Вака го устроил Господ начинот на нашето спасение и ни „даде можност да станеме синови Божји“ (Јован 1, 12). Потоа, спасението е веќе во нашата војла.

43. Да Му се предадеме себе целосно на Господа; да Го примиме и Него сецело во себе, и преку Него и ние ќе станеме богови. Зашто токму затоа Тој станал и Човек Тој Кој е по природа и Бог и Господ. Да му се потчиниме со сета наша душа, а Тој постојано, секогаш буден, ќе ги прогонува сите наши невидливи непријатели. Тој говори преку светиот псалмопеач: „О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израил да одеше по Моите патишта. Веднаш ќе ги покорев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа“ (Псал. 80, 13-14). Сета наша надеж да ја имаме само во него; сета наша мака само на Него да Му ја предаваме. Тој ќе не избави од секоја наша тешкотија. Да го засакаме секој човек со сета наша душа, на никој да не ја полагаме нашата надеж. Колку што Господ не запазува, толку ќе можат и ближните наши да ни помогнат, а непријателите наши ќе бидат немоќни пред нас. Оној, пак, што се надева на самиот себе, ќе падне со страшно паѓање: Кога Господ не напушта, тогаш немоќни се и нашите пријатели, иако сакаат да ни помогнат, а непријателите лесно не победуваат. Издигнат бива оној што се плаши од Господа. Затоа и светиот пророк Давид вели: „Јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси; туку Ти не спаси од непријателите наши и ги посрами оние што не мразат“ (Псал. 43, 6-7).

44. Да не ги прифаќаме помислите, што ги смалуваат нашите гревови и со измама не уверуваат, дека веќе ни се простени. За да не претпази од нив, Господ ни рекол: „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овча кожа, а однатре се волци грабливи“ (Матеј 7, 15). се додека гревот ја измачува нашата душа, знај дека уште не сме добиле простување, зашто уште не сме дале плодови достојни за покајание. Плодот на покајанието е бестрасноста на душата, a бестрасноста е избришување на гревовите. Ние уште немаме совршена бестрасност, ако и понатаму одвреме навреме не измачуваат нашите страсти. А тоа значи, дека уште не сме добиле целосно простување на нашите гревови. Од прародителскиот грев сме ослободени преку светото крштение, а од оние гревови што сме ги сториле по крштевањето се ослободуваме само преку покајанието.

45. Затоа, да се покаеме искрено, за да се ослободиме од страстите и да добиеме простување на нашите гревови. Да ги презреме привремените блага, заради коишто се караме со луѓето, да не ја нарушуваме заповедта на љубовта и да не отпаѓаме од Божјата љубов. Да напредуваме со духот и да не се раководиме со сладострастијата на телото (сп. Гал. 5, 16). Да почнеме да се бориме со демонските сили и да биваме духовно трезвени; да се избавиме од негрижата. Да бидеме ревносни во подржувањето на подвижниците: да ги подржуваме нивните подвизи: да го забораваме она што изминало и да копнееме по она што е пред нас. Да ги подржуваме нивните неуморни напори, топлата усрдност, непоколебливата трпеливост, постојаноста во воздржувањето, светоста од целомудрието, непоколебливата добродушност, искреното сочувствување, постојаната кротост, топлата ревност, нелицемерната љубов, возвишената и смирена мудрост, совршената негрижа за богатење, храброста, добрината и благоста. Да не се согласуваме да доживуваме задоволства; да бидеме постојано внимателни и строги према нашите помисли и да не ја осквернуваме нашата совест. „Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа“ (Евр.12, 14). Кон овие добродетели да се стремиме со сета наша душа; браќа, да избегаме од светот и од оној што го држи светот. Да го напуштиме телото и се што е телесно. Да побрзаме кон небото за таму да го најдеме нашето живеалиште, подражавајќи го апостолот, да дојдеме до Началникот и Водачот и да пиеме од Изворот на Животот. Да учествуваме во хорот на ангелите и архангелите и да Го прославуваме со песни нашиот Господ и Спасител Исус Христос, на Кого, нека Му биде слава и власт, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови и во сета вечност. Амин.

 

Преведе и обработи
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022