“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM II
Свети Јован Касијан Римјанин
Кратки податоци за неговиот живот
Свети Јован Касијан Римјанин се родил некаде меѓу 350-360 година веројатно во Галија, некаде околу Марсел, од познати и богати родители и добил добро училишно образование. Уште од својата млада возраст го засакал богоугодниот живот и исполнет со силна желба да постигне совршенство во таквиот живот, отишол на Исток, каде во Витлеемскиот манастир примил монаштво. Таму, слушајќи за возвишениот монашки живот на египетските монаси, посакал да ги види и да се ноучи од нив. Па така, откако се договорил со својот пријател Герман, тргнал заедно со него за Египет, околу 390 година, по двегодишно престојување во Витлеемскиот манастир.
Тие живееле таму седум години во скитовите, во ќелиите и во манастирите меѓу отшелниците, во заедништва; сѐ бележеле, сѐ изучиле и сѐ во својот живот искусиле. Подробно се запознале со подвижничкиот живот – во сите негови особености. Се вратиле во својот манастир во 397 година, но во истата година пак се вратиле во Египет и останале таму до 400 година.
Откако, овојпат го напуштиле Египет, свети Касијан и неговиот пријател Герман, отишле во Цариград, каде биле многу добро примени од свети Јован Златоуст, кој го ракоположил Касијана за ѓакон, а Германа, како постар, за свештеник во 400 година. Кога свети Јован Златоуст во 405 година бил испратен во прогонство, тогаш ги испратиле сите, што му биле предани пријатели во Рим, кај папата Инокентиј. Меѓу нив биле и свети Касијан и неговиот пријател кои се застапиле за прогонетиот Божји угодник кај папата, но нивната мисија останала без успех.
Свети Касијан, по ова, веќе не се враќал на исток, туку отишол во својот роден крај, во Галија, и таму го продолжил својот подвижнички живот, според египетскиот образец. Се прославил со својата светост и учителска мудрост во духовниот живот. Подоцна бил ракоположен и за свештеник. Кај него почнале да се собираат ученици и набргу потоа тој отворил и манастир. По примерот на овој манастир, недалеку од него бил отворен и женски манастир. И во едниот и во другиот манастир се живеело според монашките правила на источните, а особено на египетските манастири.
Уредбата на тие манастири според новиот дух и според новите монашки правила, како и очигледните успеси на оние што се подвизувале во нив, го свртело вниманието на многу ерарси и настојатели на манастирите во Галија. Сакајќи да воведат таков начин на живеење и во своите манастири, тие го молеле свети Касијана да им напише манастирски правилници и да им го опише самиот дух на подвижништвото. Тој со готовност одговорил на нивната молба и го напишал сето тоа во 12 книги со манастирски правила и 24 книги разговори.
Свети Касијан се упокоил во Господа во 435 година. Неговиот спомен Светата Црква го празнува на 29 февруари.
Од овие аскетски списи на свети Касијан во претходното издание на Добротољубието се земени осум книги, од петтата до дванаесеттата, во кои се говори за борбата со осумте главни страсти и еден разговор, вториот – за расудувањето. И едното и другото се дадени скратено.
На ова се угледавме и ние: ќе правиме извадоци од осумте книги за борбата со страстите, во што попотполн превод, со додавање на некои места од други негови списи и од разговорите, каде што е тоа можно. Сметавме дека е потребно пред нив да дадеме неколку извадоци од разговорите, во кои се изложува значењето на борбата со страстите во духовниот живот или за тоа какво е нејзиното место во текот на подвижништвото. Овде се објаснува неопходноста од оваа борба, а се дава општ опис на страстите и борбата со нив. По ова се дадени други извадоци, во кои се опишуваат други две борби: борбата со помислите и борбата со маките и страдањата, како прилог на наредното опишување на борба со осумте помисли. На крајот од сето ова приложуваме, во вид на додатоци и поуки за неколку прашања, кои, иако говорат општо за духовниот живот, сепак поблиску се однесуваат на духовната борба. Тие се: за благодатта и за слободата на човековата волја, како многу важни во текот на духовниот живот; за молитвата, во која тие се среќаваат; за степените на совршенството во духовниот живот и за побудите за ваквиот живот, а на крајот даваме извадоци за покајните трудови. Затоа и овие додатоци не ни пречат на сите извадоци од списите на свети Касијан да им дадеме заеднички наслов: Преглед на духовната борба.
Извадоците од списите на свети Касијан ќе ги предадеме под следниве наслови:
1. Целта и смислата на подвижништвото.
2. Имајќи ја предвид оваа цел, треба да го определиме какво треба да биде нашето одречување од светот.
3. Борбата на телото и на духот.
4. Општ опис на страстите и на борбата со нив.
5. Борбата со осумте главни страсти;
а) со чревоугодието,
6) co духот на блудот,
в) со духот на среброљубието,
г) со духот на гневот,
д) со духот на жалоста,
е) со духот на унинието,
д) со духот на славољубието, и
3) со духот на гордоста
6. Борбата со помислите и преку нив со лошите духови.
7. Борбата со секаков вид страдања и напади.
8. За Божјата благодат и за слободната човекова волја како важни фактори во духовниот живот.
9. За молитвата.
10. За раководењето во духовниот живот.
11. За степените на совршенството во духовниот живот и за побудите за ваквиот живот.
12. За крајот на покајните трудови.
Извадоците се земени од книгите со правила за манастирскиот живот и книгите со разговори. Затоа цитатите од првите ќе бидат означувани со Кн., а вторите – со Разг.
Обработи и презентира,
О.М.П., 2022