“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM I
Преподобен Авва Исаиј
15. За откажувањето од светот
Слово на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
15. За откажувањето од светот
1. Возљубени да се погрижиме за себе: „оти времето натаму е кратко” (1. Кор. 7, 29). He може да се грижи за својата душа оној што се грижи многу за своето тело. Како што не можеме со едното око да го гледаме небото, а со другото – земјата, така ни нашиот ум не може да се грижи за она што е Божјо и за она што му припаѓа на светот. Она што нема да ти помогне кога ќе излезеш од твоето тело, срамно е да се грижиш за него.
2. Имај на ум дека Бог гледа сѐ што правиш. Исто така, не заборавај дека Бог ја гледа и секоја твоја помисла.
3. Она што се срамуваш да го правиш пред луѓето, срамувај се и тајно да помислуваш за тоа. Како дрвото што се познава по плодот, така се познава и човекот по она за што мисли и размислува – по она кон што го устремува своето око. Разумната душа се познава според она со што е зафатен нејзиниот ум.
4. Не сметај дека немаш страсти сѐ додека те привлекува гревот. Кому му е дарувана слобода од страстите, тој веќе не сака да помислува за нив; не го прави она што го правел гонет од својата огревовена природа. Не сметај дека си веќе слободен штом уште Го ожалостуваш Господа. Зашто слободата не доаѓа при тебе сѐ додека срцето твое тежнее кон нешто што е од овој свет.
5. Грижи се за телото твое како за храм Божји. Грижи се за него, зашто и тоа треба да воскресне и да даде одговор пред Бога. Бој се од Бога, зашто треба да Му дадеш одговор за сѐ што си направил. Како што се грижиш за твоето тело, кога има некоја рана и се трудиш да биде залечена, грижи се и за тоа: тоа да биде без страсти во денот на воскресението.
6. Секој ден гледај во себе и пред да почнеш да се молиш на Бога, види која страст си ја победил.
7. Како што земјата не дава плод ако не е посеана и ако не е наводнета, така и човекот не може да се покае ако нема смирение и телесен труд.
8. Koгa воздухот е благопријатен, тогаш растат и цутат семињата. Така и човекот расцутува преку заповедите: кога неговиот ум е свртен кон Бога и кога живее според неговите заповеди. Затоа се и верата во Бога и стравот Божји, за да живее човекот според повелбите на својата совест.
9. Ако навлезе во тебе блудната желба кога седиш во твојата желба, бори се силно со твојата помисла, за да не те совлада. Помисли на тоа дека Бог гледа сѐ и дека за него сѐ е откриено; Он знае сѐ што помислуваш во твоето срце. Кажи ѝ тогаш на твојата душа: “Ако се срамуваш да грешиш пред други луѓе, кои се исто така грешници, каков што си ти, се криеш да не те видат, колку повеќе треба да се срамуваш и да се плашиш да грешиш пред Бога, кој гледа сѐ што е скриено во тебе – во твојата душа”. Ако се исполниш со страв Божји, ќе ја победиш страсната желба и страста нема да те совлада, како што е напишано: “Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно” (Псал. 124,1).
10. Оној што верува дека има суд по излегувањето од телото, не смее да го суди својот ближен за ништо, зашто треба да даде одговор пред Бога за своите дела, како што е напишано:“Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло”(2.Кор.5, 10).
11. Оној што верува дека за светиите има царство, се грижи да се запази чист дури и во најмалите работи, за да биде избран сад, зашто е напишано: “Царството небесно прилега уште и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби: и кога ќе се наполни, ја извлекуват на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат надвор” (Матеј 13, 47-48).
12. Секој од нас во денот на воскресението ќе воскресне со неговото тело и со сета своја природа, па затоа е должен да се грижи за него и да го очистува од секаква нечистотија, како што е напишано: „Тој ќе го преобрази нашето понизено тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата, преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ” (Филип. 3, 21.)
13. Оној во кој се вселила љубовта Божја, него веќе ништо земно нема да го одвои од Бога, како што е напишано: “Кој ќе не одвои од љубовта кон Христа? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотија? Или погибелта? Или мечот?” (Рим. 8, 35).
14. Бог е силен да направи да се најдеме и ние во бројот на оние, кои заради ништо од овој свет не се одвоиле од љубовта Христова, та заедно со нив да најдеме милост со силата на нашиот Господ Исус Христос. На Кого Му прилега слава со беспочетниот Отец и животворниот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин.
Преведе
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада