




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДА СЕ БИДЕ СО ГОСПОД НА СВЕТАТА ЛИТУРГИЈА
Тумачење на Божествената Богослужба
Серафимска песма 1.
Драги мои пријатели, на делата од славните писатели посветуваме многу внимание, ги проучуваме внимателно и темелно. И треба особено да се обрне внимание на тие многу значајни дела со што ќе го надградиме нашиот несовршен и безначаен човечки ум. Сепак грижливо да ги проследиме делата кои ни се пружат во кои посредник е Бог – Светиот Дух.
И какво благословено задоволство, каков свет трепет треба да ја преплави нашата душа кога ќе се изговори „Песната на Серафимите“… Песна на серафимите кои се најблиску до престолот на Вседржителот – Семоќниот, кои блескаат со пламен од огнот на божествената љубов, како што се вели во еден свештен текст. Љубовта на серафимите е огнен блесок. И тие блескави Господови служители Го слават, неуморно пеејќи: „СВЕТ, СВЕТ, СВЕТ, ГОСПОД САВАОТ, ПОЛНИ СЕ НЕБОТО И ЗЕМЈАТА СО ТВОЈАТА СЛАВА“.
Кој ја чул таа чудесна песна, кој композитор ни ја пренесе таа небесна музика? Петмина луѓе, возљубени мои, го слушнале тоа небесно пеење, петмина композитори одново ја пресоздадоа тоа славословие на огнените серафими, тројца луѓе во Стариот Завет и двајца во Новиот. Ја слушнал серафимската песна божествениот пророк Исаија, кој со восхит ја објавил Божествената литургија во Стариот Завет. Во шестата / глава / од својата книга, тој вели: „треперејќи, серафимите ги криеа лицата свои, не осмелувајќи се да го погледнат лицето Божјо“. Како ли тогаш ние треба да трепериме, кога Тој нè удостои, не само да го гледаме, туку и да го примаме во устата преку Светата Тајна Причест. Помислете каква голема Божја благодат ни се појавува во тоа време.
Другиот човек кој ја слушнал песната на серафимите и кој ги видел, бил побожниот пророк Езекил. Тој го видел престолот Господов како го држат четири живи суштества, кои се претставени како четирите евангелисти. Во спомен на тие живи суштества, се изговараат зборовите во Божествената литургија: „ПЕАТ, ВИСКЛИКНУВААТ, ИЗВИКУВААТ И ГОВОРАТ“. Оној кој пее е орелот, тој што воскликнува е телето, тој кој извикува е лавот, оној кој говори е човекот. За време на изговарањето на овие зборови, ѓаконот удира во дискот четири пати со ѕвездицата, ги обележува гласовите на тие живи суштества кои го држат престолот на Господ Саваот. Третиот човек кој ја видел славата Божја е пророкот Даниил: „Вечниот седеше на престолот и илјадници – илјадници, безброј од нив Му служеа. Реки од оган течеа пред Него“.
Во Новиот Завет, Бога го видел пребожествениот апостол Павле, кој бил вознесен до третото небо, и слушнал зборови кои човек невозможно е да ги искаже. И последниот, е Јован Богослов, таинствениот јасновидец и апостол, кој го видел Господ Бог во величествениот Син Човечки на островот Патмос кој и ја опишал таа визија во неговото Откровение.
Ете кој им ја раскажал песната на Серафимите на апостолот Јаков и на другите творци на Божествената литургија. Само размислете, пријатели мои, чија песна ние ја пееме: серафимска, ангелска. Самото име веќе ги осветува нашите усти, затоа немојте да мислите дека ништо не значи кога ќе го кажете името на ангелот или свети, додека името на Господ Исус Христос и на Пресветата Богородица се најмилите и највозвишените имиња. Не, тие имиња не се само просто зборови кои ние само ги изговараме; ако се изговораат со должно внимание и страхопочит, тие нè осветуваат и нè повикуваат на благодатна милост и помош на оние чие име го изговараме: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј не нас, грешните“. „Пресвета Богородице, спаси нè“. Кога се изговараат најпрво со устата, тие потоа преминуваат во срцето. Само што не ги изговараме правилно, затоа не го чувствуваме благодатниот ефект од тие зборови. Ако би ги повикавале барем како што го повикуваме домашното животно кое долго време ќе го чекуваме да дојде до нас, тогаш ќе ја почувствувавме и моќта на светото име. Но, ние не ја чувствуваме. Устите наши се ладни, молитвените зборови према светиите не се издигаат, не нè врзуваат за нив.
„Свет, Свет, Свет“ – серафимите постојано воскликнуваат дење и ноќе; со двете крила ги покриваат своите лица – такво стравопочитување чувствуваат пред Семоќниот, кои се чувствуваат себе за недостојни да го погледат пресветиот Лик Господов. Тие со двете крила ги покриваат нозете а со другите две крила летаат. Додека во храмот, верниците го повторуваат серафимското славословие, свештеникот тајно се моли: „Владико, Човекољупче, со овие блажени сили, и ние извикуваме: Свет Си и Пресвет, Ти и Твојот Единороден Син и Светиот Твој Дух …“ Во оваа молитва се објаснува зошто мораме да му благодариме на Господа, зошто серафимите Му пеат непрестано. „Свет и Пресвет“ е Тој, затоа што толку многу го засака светот „Го даде Својот Единороден Син, и никој да не погине кој ќе верува во Него“. Еве ја причината за таквиот восхит, и таквото стравопочитување.
Бог е Творец на светот и на нив – светите духови. Господ Семоќен и Страшен, на Кого небесните жители не смеат ниту да го погледат. Тој толку го засака грешниот свет, нечист, полн со грев, зло и страст, полн со нечистотија – што го даде Својот Единороден Син за неговото спасение. Размислете, драги мои, Тој го даде Својот Син. И Тој Син дојде, проповедајќи мир и љубов, но паради оние кои дојде, го ставија на крст, го осудија на неподносливи маки, го предадоа на смрт. Небесата се вознемирија, земјата се потресе; серафимите и херувимите трепереа и збунето се движеа. Престолите, господствата, властите, принципите, архангелите и ангелите во страв трепереа. Единородниот Син пред Кого тие со трепет стојат – Тој, понижен и истоштен, умира на крстот.
Познатиот сликар Васњецов брилијантно го прикажал тоа на слика која носи име „Така Бог го засака светот“. Небото така било покриено со темни облаци од кои се чинило дека во секој момент ќе се слушне тресок на грмотевици; огнени молњи ја пресекувале темнината што ја покривало земјата и го осветлувале крстот на кој умира Синот, а од над облаците на престолот Вечниот ја гледа земјата. Пред Него има безброј серафими – исплашени, запрепастени. Еден од нив ги подаде рацете кон Него, како да го прашува за таа тајна, неразбирлива дури и за неговиот просветлен разум; другиот се залепи за рамото на Саваот, исполнет со страв, тој дури и престана да пее, замолкна привремено неговата свечена песна. Двајца други серафими паднаа во коленичење пред престолот и потонаа во облаците, како што тоне лебдечкиот орел во небесното синило. „Така Бог го засака светот што го даде Својот Единороден Син, за да не загине никој кој верува во Него“.
Возљубени мои, дали ги разбирате зборовите: „Бог го засака светот“; и Неговиот Син, Кој е полн со иста љубов, слезе на земјата, прими човечка природа, го прими секое понижување, и на крајот, умре со срамна смрт. Покрај тоа: Тој, Единородниот Син на Единствениот Бог, на вечерата Го зеде лебот во Своите пречисти раце, го благослови, го прекрши и им го даде, на своите ученици и апостоли и рече: „Примете, јадете, ова е Моето Тело…“ По вечерата исто направи и со чашата велејќи: „Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот Завет… ” Причестувајќи ги Своите ученици, Тој истиот скапоцен дар ни го предаде и на нас кои веруваме во Него. Ние го јадеме Телото Негово и ја пиеме Крвта Негова.
Во Неговата Крв го потопуваме јазикот и нашата нечиста и валкана уста. Тој божествен дар продира во нашето битие, навлегува во сите наши делови од телото. Тој ни ја даде Божествената литургија, за време во која секој пат таинствено се принесува страшната Жртва. Таква е големата Божја љубов кон нас, толку бесконечна, која се протега низ целиот свет, на сите суштества, дури и на природата. Затоа што се принесува таа жртва на земјата ги дава своите плодови. Бидејќи до тогаш, земјата беше проклета, и таа морала да носи трње.
Ако го јадеме лебот, тоа е само затоа што е потребно за Божествената литургија, затоа што секој ден се става на жртвеникот и на престолот во спомен на закланото Јагне, бидејќи секој ден се служи тајната на страшната Жртва. И додека се извршува Божествената литургија, јас од ништо не се плашам: ниту од глад, ниту од црви, ниту од суша, ниту од град. Знам дека лебот е потребен за Литургијата и земјата ќе го даде. И ако небото би постанало бакарно, ако земјата се исуши и скамене, не би се плашел дека ќе пропаднеме. Не, жртвата се принесува, свештеникот извикува: „Твои од Твоите, Тебе Ти принесуваме за сите и за се’…“ И земјата го дава она што треба да се принесе кога ќе се изговорат тие зборови. Не се плашам од ништо, се надевам на Бога – Кој толку многу го засака светот.
Но, тешко нам ако престане да се извршува Божествената литургија, тешко нам ако престане да се принесува бескрвната Жртва. Тогаш светот ќе пропадне. Земјата нема да роди плод, затоа што е проклета и жива е само благодарение на Неговата неискажлива љубов и Му служи со леб. Сонцето нема да ја дава својата светлина затоа што е потребно за одгледување пченицата за Божествената литургија. Сите ќе умреме затоа што сите живееме само според нашиот Христос. Но, верувам дека никогаш нема да престане со служење на светата Литургија и серафимите заедно со луѓето вечно ќе ја пеат: „СВЕТ, СВЕТ, СВЕТ, ГОСПОД САВАОТ…“.
Свештеномаченик СЕРАФИМ Звездански
Преведе,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада