“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Доказ за македонскиот етно-културен карактер на Антиохија
Пишува:
Проф. Александар Донски
Доказ за македонскиот етно-културен карактер на Антиохија се и житијата на светителите, кои потекнувале или престојувале во овој град. Во повеќе такви житија пишува дека во Антиохија се славеле паганските божества.
Дури во VI век по Христа (значи речиси осум ипол векови по основањето на Антиохија), во овој град се среќават траги од неговото македонско наследство. Во овој век византискиот историчар Прокопиј, во своето дело „Тајната историја“ (12 глава), спомнува име на еден жител во Антиохија, кој се викал Македонија (Macedonia)! Тоа бил некој танчер, близок до византиската царица Теодора (Procopius: “Secret History”, translated by Richard Atwater, Chicago: P. Covici,1927; New York).
Овие податоци практично значат дека токму од редовите на потомците на доселените Македонци во Антиохија потекнале повеќе значајни личности кои се родиле во овој град.
ЗНАЧЕЊЕТО НА АНТИОХИЈА
Пред да продолжиме со основната тема за македонското етничко потекло на свети Лука, накратко да кажеме нешто за значењето на Антиохија. Повеќемина истражувачи сметаат дека во Антиохија се случил еден фундаментален настан поврзан со христијанството, а тоа е пишувањето на Евангелието по Матеј. Да потсетиме дека свети Матеј бил еден од дванаесетте Исусови апостоли и дека тој бил личен сведок на она што го запишал во врска со Исусовото дејствување. Раните христијански писатели неговото Евангелие го сметале како најстаро во Новиот Завет. За местото каде свети Матеј го напишал своето Евангелие постојат две мислења. Едното е дека тоа било напишано во Палестина, а второто – тука во македонскиот малоазиски град Антиохија, некаде околу 70 година по Христа.
Се знае и дека од трите први христијански цркви кои официјално биле признати во Никеја (325 година), биле основани во градови подигнати и населени од македонците. Тоа се црквите во Александрија и во Антиохија, кои (заедно со она во Рим), биле првите официјални христијански цркви на светот!
Познато е дека во Антиохија прво се христијанизирале паганите кои ги опфаќале и потомците на таму колонизираните Македонци. Во врска со ова да го кажеме исклучително значајниот податок дека терминот христијани прв пат во историјата бил употребен токму за жителите (меѓу кои доминирале Македонците) на Антиохија.
Во „Дела апостолски“ (11:25-26, за присуството на свети Павле и свети Варнава во Антиохија читаме: „Во Антиохија, учениците, и тоа за прв пат, беа наречени христијани“.
И првите христијански химни од ранохристијанскиот период биле напишани токму во градот Антиохија.
И терминот Католичка (Соборна) Црква прв пат бил спомнат од еден жител на Антиохија. Станува збор за еден од најпознатите ранохристијански дејци свети Игнатиј Антиохиски (Богоносец). Тој бил еден од Апостолските мажи, кои дејствувале во првиот и во вториот век и кои се дирекни ученици на дванаесетте апостоли. Свети Игнатиј оставил значајни дела за христијанската наука. Тој бил епископ на Антиохија. За свети Игнатиј е интересно тоа што тој прв пат во историјата го употребил терминот Католичка (Соборна) Црква, што до денес останал назив за Христијанската Црква во светот. Свети Игнатиј е значаен и по тоа што го потенцирал раѓањето на Исус од девојка. Во неговото житие пишува дека уште како дете имал средба со Господ Исус Христос (Матеј: 18:35), но најголемиот дел од својот живот го минал во Антиохија, што не ја исклучува можноста дека оттаму и потекнувал.
ЈАЗИКОТ КОИНЕ
Силна индиција на македонското потекло на светиот Евангелист Лука е и неговата претходна припадност на паганизмот (верување во балканските митолошки богови) и неговото одлично познавање на јазикот коине. Всушност, свети Лука ги напишал своите дела од Новиот Завет токму на јазикот коине, за кој се знае дека претставувал мешан јазик. Дека неговите дела (но и остатокот од Новиот Завет) биле напишани на јазикот коине (а не на стариот грчки јазик), ќе наведеме цитат од трудот на познатиот библиски историчар д-р Чарлс Френсис Потер, во кој децидно потенцира дека јазикот на Новиот Завет не е на грчки, туку на коине. Дури ги обвинил сите оние кои тврделе дека Новиот Завет бил пишуван на старогрчки јазик. Во врска со ова д-р Потер пишува:
„Таканаречениот ‘Грчки Нов Завет’ не бил напишан на литературен грчки јазик, туку бил напишан на обичниот јазик коине. Тоа што овој факт не бил сфатен се до XX век, секако дека преставува една од најголемите грешки на учените, која имаше трагични ефекти“. (d-r Charles Francis Poter: “The Lost Years of Jesus Revealed”; A Fawcett Gold Medal Book, Published by Ballantine Books, Copyright 1962, 1958, CBS Publications, стр. 40).
Д-р Потер тврди дека во тоа време јазикот коине приближно бил исто што денес е јазикот есперанто.
Уште подециден е српскиот црковен историчар Веселиновиќ, кој во врска со карактерот на јазикот коине, уште во 1908 година запишал:
„Јазикот коине треба да го разликуваме од стариот класичен грчки јазик. Тој бил создаден во времето на Александар Велики како заеднички јазик за сите народи во Македонското царство. Бил наречен и како заеднички или Александриски дијалект, бидејќи главно се развивал во Александрија. На тој јазик било преведено Светото Писмо во времето на Птоломеј Филаделф…“. (С.М.Веселиновиќ: „Лекције из Светог Писма – Законске књиге Старог Завета“. Београд, Нова штампарија “Давидовиќ“, Дечанска 14, 1908 год. стр. 17-18).
Значи Новиот Завет бил напишан на јазикот кој токму Македонците го наложиле како официјален јазик во земјите со кои владееле. Токму на овој јазик пишувал и свети Лука, кој освен тоа (според некои теории), бил роден во град каде што доминирале Македонците. Иако во Антиохија имало и еврејска колонија за свети Лука се знае дека не бил припадник на јудеизмот.