




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ИСКУШУВАЊЕ ПРЕКУ ЛУЃЕТО!
„Ако ѓаволот не е во можност однатре да те заведе, тогаш тој почнува да те мачи однадвор, преку оние луѓе кои му се предале.
Затоа биди подготвен на вакво страдање и очекувај непријатности како гости.
Еднаш ти се случуваат пофалби, еднаш укори, па клевети и тешкотии од секаков вид. Овде е важно да се проѕре кој ја предизвикува бурата и сѐ мирно да се поднесува.
Непријателството против одредени луѓе треба да се претвори во непријателство против злобниот, кој стои зад тие луѓе и ги поттикнува на зло.
Ако некој те нажали или налути, тогаш обрати Му се на Бога и не му дозволувај на злобниот да ти пријде. Ако тоа не ти појде од рака, тогаш барем молчи, додека не успееш да се совладаш.
Во тој миг зборувај мирно и љубезно со другите; не наоѓај им замерки и не ги потсетувај на неправдата што ти е направена.
Моли Му се само на Бога за лошите впечатоци во твоето срце да се отстранат што е можно побргу, подобро денес отколку утре. Тогаш ти ќе бидеш чист пред Бога, Кој чекор по чекор го води човекот преку неволјите кои очистуваат.
Тешко е без неволји да го победиме своето фарисејско самооправдување.
Смирението со кое се поднесуваат искушенијата е мерка на твојата внатрешна зрелост. Преку него лесно можеш да видиш на кое скалило стоиш.
Ако некој те навредил и ти не му го забораваш тоа целиот свој живот, биди сигурен дека ти внатрешниот пат воопшто не си го ни започнал.
Ако си бил навреден, па таа навреда си успеал дури по една година да ја надминеш, тоа значи дека стоиш на најниското скалило од внатрешниот труд.
Колку повеќе напредуваш во духовниот труд, толку побргу ќе можеш да ги проштаваш нанесените навреди: по еден месец, една недела или еден ден.
А како просветлениот од Бога се однесува во вакви случаи?
– Тој ја гледа стрелата на навредата како лета кон него и се покрива со името Божјо како со оклоп. Навредата се одбива од него и не остава ниту најмала гребнатинка. Ако си дошол до овде, тогаш можеш да се сметаш за пораснат во духовниот живот.
Никогаш не губи го од вид она најважното: Бог го дозволува ова искушение; било заради тоа да те искуша, било за тоа твоите духовни сили да созреат. Затоа прими го искушението мирно и поднеси го спокојно, без омраза кон оние што те навредиле.
Мисли на ова: металот доаѓа во топилницата за да се оддели од нечистотијата. И ти се претопуваш за да достигнеш поголема чистота.
Поднеси сѐ чувајќи го внатрешниот мир и љубовта Божја, повикувајќи Го Господа на помош за да се оддалечи од тебе искушувачот. Затоа што тој пред Бога е немоќен.“