




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ЗАЕДНИЧКА МЕЃУЦРКОВНА СВЕТА БОГОСЛУЖБА НА МПЦ-ОА И СПЦ СЕ ОДБЕЛЕЖА ГОДИШНИНАТА ОД ДОБИВАЊЕ НА АВТОКЕФАЛНИОТ ТОМОС ОД СТРАНА НА СПЦ
Ете тоа е ЕДНАТА СВЕТА СОБОРНА ХРИСТОВА ЦРКВА! “Вие сте телото Христово Покажувајте ревност за поголеми дарби;” (1Кор.12,27+31); Да ги знам сите тајни, да ги имате сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувате, – ако љубов немате, ништо не сте”.(1Кор.13,2)
Денес, 5 Јуни 2023 на Духовденскиот Понеделник, со заедничката меѓу-црковна света архијерејска литургија епископска во црквата Света Софија во Охрид, денеска Македонската православна црква-Охридска архиепископија ја одбележи годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност од страна на Синодот на Српската православна црква. Со светата литургијата чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ-ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.г. Порфириј.
Во сослужение на Македонските архиереи: Преспанско-пелагониски Петар, Дебарско-кичевски Тимотеј, Брегалнички Иларион, Кумановско-осоговски Григориј, Полошко-кумановски Јоаким;
Со Српските архиереи: Нишки Арсеније, Морчански Сава и Топлички Петар.
Со денешното заедничко сослужување се означи и заокружувањето на процесот на интеграција и формалното згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква. Ова стана возможно откако на седницата на 20 мај годинава, Советот на Српската православна црква одлучи да и додели канонска диспензија на Православната охридска архиепископија и да ја интегрира во МПЦ.
-Добредојдовте во светиот Охрид, во оваа наша света црква Света Софија, покрај ова прекрасно бело Охридско Езеро. Откако на 9 мај, најнапред како Црква и како народ, од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј бевме примени во литургиско единство и откако во Белград и во Скопје сослужувавме со Неговата светост патријархот српски Порфириј, конечно, на денешен ден лани ни беше врачен Томос со кој ни се призна Автокефален статус. Сега сме овде во светиот Охрид, поточно во црквата Света Софија, пак сите заедно, една година подоцна. Сега сме повторно горди и исполнети со радост, а заедно со нас се радуваат сите црквољупци и светители.
Вие, Ваша светост, сте најзаслужниот за сето ова што се случи, па затоа, на овој ден и на ова место, ви благодариме во името на македонскиот народ. Ова е историја и голем празник кој ќе трае долго време. Покажавме дека нашиот однос со Бога е толку длабок и дека ништо не може да го наруши. Минатото лето силно веруваме дека се удостоивме да се прославиме според зборовите на Апостолот. Сега откако сме препознаени како членови на едната апостолска црква, пред нас е уште една поголема обврска и должност. Господ го слушна гласот на нашите молитви. Дај Боже да продолжи да се зголемува нашата радост поради единството со помесните цркви – истакна во својот говор г.г. Стефан.
“Денеска дознав дека српскиот патријарх последен пат служел во храмот Света Софија во Охрид пред точно 100 години”, рече поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), неговата светост патријархот г.г. Порфириј.
“– Да не се случи веќе толку време да чекаме. Нашите врати се секогаш отворени за вас, а верувам и вашите за нас. Да сослужуваме насекаде во светот, онаму каде што има наш православен народ. Ви благодарам на можноста да служам денеска во овој храм. Македонскиот народ нека биде благословен” – рече неговата светост патријархот г.г. Порфириј.
Тој рече дека “денеска е роденден на црквата, но исто така се одбележува една година од ланското доделување Томос за автокефалност од СПЦ за МПЦ-ОА.
– Кога очите ни се отворени и кога имаме смирение во душата, Господ делува во нас и околу нас. А кога во нашето срце ќе се појави себичност, колку и да се обидуваме, колку и да живееме во подвиг, тоа не делува. Или во најмала рака, неговото дејство не може да се почувствува. Денеска е роденден на православната црква. А не постојат повеќе цркви, туку постои само една апостолска православна црква, со Исус Христос на чело. Во секоја црква во којашто се служи света литургија, присутен е Христос и затоа црквата е над сите поделби и граници. Тоа не значи дека не постојат поединечни дарби и таленти, секој народ си има свој печат, но тој печат треба да се доживее како дар од Бога” – рече патријархот Порфириј.
По завршувањето на говорот, тој го повика македонскиот поглавар г.г. Стефан и му подари златен жезол.
“– Знам дека веќе имате жезол, но јас би сакал да ви подарам уште еден” – му рече патријархот на архиепископот.
Претходно, пак, токму Поглаварот на нашата МПЦ – ОА архиепископот г.г. Стафан му додели на српскиот патријарх највисокиот црковен орден „Свети Климент Охридски од прв ред“.