Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

 

 

Грците не ги вознемирувало името, туку македонското малцинство

 Брoj 2648  петок, 28 март 2008

Експремиерот Мицотакис признава дека проблемот ќе се решел ако Македонија се изјаснела дека не постои славомакедонско малцинство

Виктор Цветаноски

Експремиерот на Грција Констандинос Мицотакис уште во 1995 година признал дека проблемот со Македонија не е поради името, туку поради македонското малцинство во Грција. Темата на Скопје ја видов од првиот момент во своите вистински димензии. Тоа што ме вознемири од почетокот не беше името на оваа држава ... проблемот за мене беше да не се создаде еден втор малцински проблем во западна Македонија. Ако овој проблем би се додал на проблемот на муслиманското малцинство, кое, за жал, и со наши грешки е опасно развиено, и проблемот на славомакедонско малцинство во западна Македонија, ситуацијата би станала неиздржлива за грчката надворешна политика..., ќе истакне поранешниот грчки премиер во предговорот на книгата на Т. Скилакис За името на Македонија.

Тој особено ќе се загрижи по објавувањето на извештајот на Стејт департментот за човечки права во 1991 година во кој првпат било поставено прашањето за почитување на идентитетот на Македонците во Грција. Секогаш негова цел била да се изјасни Македонија дека не постои славомакедонско малцинство во Грција и да се обврзи со меѓународни договори дека ќе престане секаква пропаганда за сметка на Грција. Ова беше клучот за грчко-скопската разлика, ќе подвлече К. Мицотакиц. Такво малцинство по 1950 година навистина е сигурно дека не постои во нашата земја, затоа што граѓаните со словенска свест што се бореа на страната на комунистите по крајот на Граѓанската војна заминаа, ќе додаде тој.

За разлика од официјална Атина, некои грчки интелектуалци имаат сосема поинакво мислење за спорот со името. Атина Скуларики, професорка на катедрата за социологија на Универзитетот на Крит, смета дека Грција се сплеткала во стратегиски ќор-сокак. Додека во текот на 16 години ја губиме една под друга битката, се' уште сериозно не сме се прашале каде згрешивме. Зошто за темата на името не ги поддржува никој во странство грчките тези? Зошто толку години во меѓународната јавност Грција успеа да врши притисок, но не и да убеди?, се прашува професорката Скуларики.

Според неа, грчките аргументи не се убедливи и дека основно право е секој народ слободно да си го бира името. Велиме дека соседната земја нема право да го употребува името Македонија, додека пошироката област во цел 19 и во 20 век се нарекуваше така. Од друга страна, грчката дипломатија ја признаваше поделбата од 1913 година на грчка, српска (тогаш) и на бугарска Македонија. Велиме дека имаат територијални претензии на грчка Македонија, додека таа е една држава која е зависна од Грција, економски и стратегиски. Велиме дека направија една техничка национална историја, додека сите национални искажувања (и грчката) се селективни и митски, со цел да се поткрепи националното поврзување. Дека е техничка нација, исто така, нема основа: сите нации - држави се формираа во поновиот период во рамките на одредени историски услови, подвлекува професорката од Универзитетот на Крит.

Скуларики подвлекува дека сето тоа го прифаќаат останатите европски држави, а за грчките сфаќања немале разбирање. Истовремено, таа додава дека грчката надворешна политика не може да се ослободи од стереотипите доколку општото мислење останува неинформирано и преоптоварено од сентименталност и дека ниедна влада не нашла храброст да прозборе отворено за грешките и стереотипите што довеле до недоразбирање на т.н. скопско прашање, а двете големи партии смениле став со заедничко усогласување, без да му ги објаснат на народот причините за неуспехот.

 Порано или подоцна, конечно, треба да сфатиме дека Македонија не е една. Тоа не престанува опасност, туку една шанса за поблиски односи со другата страна. Соработката и меѓусебниот развој претставуваат посилна движечка сила од националното его, особено тоа кога се храни со лажни надежи, заклучува професорката Атина Скуларики.

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva