Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Востоличување на Митрополитот на Брегалничката Епархија (20.11.2006)

На 19 ноември 2006 година, во соборниот храм на свети Никола во Штип се одржа востоличувањето на Епископот г. Иларион за Митрополит на Брегалничката Епархија.

Чинот на востоличувањето го изврши Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, кој началствуваше со Светата Архиерејска Литургија, во сослужение со Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, викарниот Епископ Хераклејски г. Климент и повеќе свештенослужители. На Литургијата покрај многубројниот верен народ присуствуваа и повеќе претставници од локалната самоуправа и други јавни личности. 

За многу години, Владико!

 

  





        

 

 

Беседа на Митрополитот Брегалнички г. Иларион

 

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин.

Ваше Блаженство, Високопреосветени митрополити, Преосветен епископе, Високопреподобни aрхимандрити, свештенослужители, монаси, браќа и сестри, почитувани гости.

Да се биде епископ на Црквата Христова е најголема чест под небескиот свод, која со себе носи и голема одговорност. Вистинскиот живот на пастирот е постојано распнување, умирање до самозаборав, страдање за својата паства. Во својата служба епископот секогаш треба да го има за пример Пастироначалникот и вечниот Првосвештеник Господ Исус Христос, како што и светиот Апостол Павле го советува својот ученик Тимотеј: Но ти, човеку Божји, стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост! Бори се во добриот подвиг на верата, држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед при многу сведоци. (1. Тим. 6, 11-12)

На мене, како и на сите пред мене, се полага тешкото бреме на епископското служење, и тоа во многу страдално време на служење на Бога и на својот народ, кога нашата Света Црква е распната од внатрешни и надворешни непријатели, кога треба не само да се проповеда словото Божјо, туку и да се чува светоста и древноста на нашата Света Автокефална Македонска Православна Црква, за којашто многу наши предци не ги штедеа и своите животи.

И што можам да кажам во овој миг? Не е лесно да се носат немоќите и слабостите на сите. Не е лесно да се биде пример на верните во зборовите, во живеењето, во љубовта, во духот, во верата и чистотата. Не е лесно да се биде продолжена десница Христова, која ќе поучува, советува, утврдува и утешува. Не е лесно да се носи одговорноста за паствата и за пастирите. Сето ова бара распнување на целото битие и издржливост до крај, но се утешувам со зборовите на Спасителот Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. (Мат. 28, 20)

Ја познавам својата душа, колку е немоќна, падната, сиромашна и слаба, знам колкава е важноста на ова служење и колку е голем трудот. Затоа, за сето ова потребна ми е помош, пред с од Мајката Божја и од сите Светии, а и од сите вас од народот Божји, зашто и кормиларот не може сам да го спаси бродот во време на бура без помошта од своите морнари.

            Потребни ми се и вашите свети молитви, браќа архиереји, за да можам да внимавам на себе и да бидам постојан во Евангелското учење, за да научам како да се борам со волците кои налетуваат на стадото, како паднатите да ги исправам, заблудените да ги повратам, а загубените да ги барам и прибирам, та да се покажам пред Бога како достоен и беспрекорен пастир, кој верно го проповеда словото на вистината (2. Тим. 2, 15), и нека секојпат Бог ме поучува од вашето искуство и вашата епископска ревност.

Како монах во длабока понизност, од послушност кон нашата Света Црква, а не заради чест и власт, се предавам целиот себеси на служба во Брегалничката епархија.

Овој трон на древната Брегалничка епархија, кој се спомнува уште во петтиот век, во 451 година на Халкидонскиот Собор со епископот Никола, да не ми биде место за владеење, туку жртвеник на кој ќе се принесувам како жива и богоугодна жртва за спасение на поверената ми паства, и ова издигнато место секојпат да ме потсетува на висината Голготска и на Христовата искупителна жртва.

Јас, како православен епископ на овој трон и на овој град, ќе се трудам, колку што тоа Господ ќе ми го дарува со Својата благодат, макар и најмалку да бидем сличен на Оној, Кој како слуга дојде во овој свет и со Своето смирение, понизност и голготско страдање ни го покажа патот на крстот како единствен пат кон задобивање на вистинска слава, воскресение и живот вечен.

Брегалничката епархија низ својата долгогодишна историја даде големи и значајни архиереји на нашата Света Црква. По возобновувањето на нашата древна Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, би ги спомнал блаженоупокоените Митрополитот Наум и Архиепископот Ангелариј, кои трудољубиво работеа на оваа нива Господова и сега постојано во Небесната Црква се молат за народот Божји од оваа епархија, којшто денес и јас го примам под своја закрила.

Им благодарам и на моите претходници, мудри пастири на Светиклиментовото стадо Христово, Блаженејшиот архиепископ Стефан и Митрополитите Горазд и Агатангел, кои го утврдија во верата богољубивиот народ во оваа епархија и сведочеа за вистината Христова, за да можеме денес ние заедно и многубројни да го славиме Троичниот Бог.

Пример во епископството, во побожноста, во љубовта, трпеливоста и жртвата за поверениот ми народ Божји, нека ми бидат многуте свети епископи, светиот Иларион епископот мегленски, светиот епископ велички Гаврил Светогорец, којшто е гордост и радост за нашата епархија и за градот Штип, како и светиот Николај Мирликијски, во чијшто храм е и тронот на древната Брегалничка епархија.

Возљубени мои духовни чеда, успех во моето епископско служење ќе биде вашиот евангелски богоугоден живот, исполнет со покајание и радост, со ревност за чување на чистотата на православната вера и со надеж на воскресение и вечен живот.

Браќа свештенослужители, преподобни монаси, богољубиви православни христијани, нека Господ Бог н направи едно стадо и еден пастир, сите заедно да работиме за наше спасение, да почнеме да го живееме Царството Небесно, за да продолжиме и да живееме вечно во вечноста со Небесниот Архипастир, нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Благодатта на Господа Исуса Христа и љубовта моја нека бидат со сите вас во вечни векови. Амин.

 

back.gif (1338 bytes)

Vesti