Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Богојавление 2007

На празникот на Богојавление - Водици, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент, како и бројно свештенство од Скопската православна епархија, чиноначалствуваше со Светата Златоустова Литургија во црквата на светиот великомаченик Димитриј во Скопје. Веднаш потоа беше осветен и поставен камен-темелник на возобновениот театар, објект кој се наоѓа на местото на стариот скопски театар што бил срушен со катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Проектот по кој ќе се гради театарот е на архитектот Јован Стефановски - Жан.

Големиот Богојавленски Водосвет беше извршен на реката Вардар, од Камениот мост, пред повеќе од десет илјади верници, на кои Архиепископот им се обрати со следниве зборови:

Да Му благодариме на Бога за денешнава радост, за радоста на празникот, за радоста со која го очекуваме и дочекуваме, за радоста со која го празнуваме денешниов настан Крштевањето на Синот Божји во реката Јордан од Претечата Јован.


Денешново побожно и молитвено фрлање на светиот крст во благословените води е чин што се повторува веќе две илјади години. Преку чествувањето на Богојавление, си споменуваме на Христовото спасоносно влегување во реката Јордан, доживувајќи го и Христовото, но и своето крштение. Господ Христос, влегувајќи во водата, ни го покажа патот кој, преку водата води во вечен живот.


А водата, односно крштението, е вратата преку која се влегува во царството на вечната заедница со Бога!

На овој ден, сите македонски води се богојавленски води, секоја река и езеро - сета наша вода е македонски Јордан!

Да празнуваме со радост и мир, да празнуваме со желби за подобри денови и времиња, и за Македонската Православна Црква и за Република Македонија и за сите народи и земји! Амин. Бог се јави!


Честито кумство и честито на оној што ќе го извади светиот крст од водите на Вардар!


Годинава кумови на Водици беа членовите на семејството Крстовски, Адријана со родителите, Добре и Слободанка, а фрлениот крстот го дофати 21-годишниот Влатко Петровски од населбата Илинден.


back.gif (1338 bytes)

Vesti