Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

 

ИНТЕРВЈУ: АКАДЕМИК БЛАЖЕ РИСТОВСКИ ЗА ТОА КОЛКУ ЈА ЗНАЕМЕ МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА И СУДБИНА, КАКО НИ ЈА ИНТЕРПРЕТИРАЛЕ И НА КАКВИ МАТЕМАТИКИ БИЛА И Е ПОДЛОЖЕНА

ИМА(ЛО) ТЕШКИ ПАЗАРИ ЗА СМЕТКА НА МАКЕДОНИЈА


- Точно е дека уште не си ја знаеме сопствената историја. Други со векови ни ја интерпретирале по своја кројка нашата историска судбина

Академик Ристовски, се јавивте во една ТВ-емисија безмалку шокиран од фактот колку ние, Македонците, многу малку си ја знаеме сопствената  историја. Зошто е тоа така?  
- Точно е дека уште не си ја знаеме сопствената историја. Други  со векови ни ја интерпретирале по своја кројка нашата историска судбина. Современите Македонци во Република Македонија се профилирани од српскиот и бугарскиот образовен историски ракурс, од "југословенскиот" калап и од сопствената усно пренесувана историска традиција. Во другите делови од македонскиот народ решавачко влијание имаше бугарската, грчката и албанската државна политика, просвета и пропаганда, иако сеуште се чува и народната традиција.  

Македонското образование започна дури од крајот на 1944 година, но тоа ги понесе и атавизмите и наслагите од минатото и духот на 30-тите години. Тогаш се следеше главно социјалистичката "жица" кај некои македонски дејци и револуционери и според тоа се определуваше нивната "напредност" и се правеше историската валоризација. Освен тоа, во образовниот процес потенцирано беа внесени и "словенските" развојни правци, во голема мера пренесени и од руската/советската историска наука и идеологија од 19 и 20 век.  

Македонската историска научна мисла е затемелена главно во втората половина на 19, но појасни национални видици се поставија дури од почетокот на 20 век. Тогаш се појавија и националните корифеи од Македонското научно-литературно другарство К. Мисирков и Д. Чуповски и нивните бројни приврзаници во земјата и во странство и беа поставени научните темели на македонската историографија. Многу печатени сознанија дојдоа кај нас многу доцна, па дури и денеска уште не се стигнати до свеста на нашиот народ.   

ГОЛЕМА ЗБРКА 

Не мислите ли дека голема збрка во врска со нашиот идентитет и потекло е направена и со тоа што паралелно егзистираат две тези: едната дека датираме од Словените (6 век) а другата од античките Македонци, пред Христа? Од каде да тргнеме и на што да се потпреме?  

- Навистина има голема збрка што уште повеќе беше потенцирана од политичките структури по 1998 година. За балканската историографија немаме многу релевантни, научно верификувани податоци за најстарата етно-културна состојба. Тоа се однесува и за македонските простори. Но треба да се знаат некои елементарни вистини.  Ние сме Македонци, зашто историјата, етнографијата, филологијата и географијата не создале такви. Како такви, ние сме и Словени, зборуваме  с л о в е н с к и  јазик и имаме  с л о в е н с к а  култура. И треба да се знае дека и словенското именување го води коренот токму од Македонија и се распространило преку словенскиот писмен јазик по кирило-методиевската мисија во 9 век. Ние сме посебен народ, зашто етнокултурните историски процеси низ вековите не профилирале како етно-културна и географска одделна целина. Ние зборуваме на посебен македонски јазик, зашто на овој етнографско-географски простор со вековите се диференцирал со карактеристики што се специфични  за нас и се разликуваат од другите меѓусебно блиски словенски јазици.  

Во нашата крв, како впрочем и кај сите други народи, се влевале разни етнокултурни притоци. Во нас, како ген, култура, историска традиција итн. низ милениумите се мешале, се проткајувале многу етнички конци - антички Македонци, Илири, Тракијци, Пајонци Дарданци, словенски племиња (Славини) и други разни и различни етнички составки што во овој географски простор минувале или се задржувале и создале народ што со векови веќе го носи македонското име, независно од сите мешања што ги налагала историјата.   

Грците, на пр., се до формирањето на современата држава немаа единствено име, а Бугарите го зедоа името на државотворната малубројна азиска орда во 7 век, но продолжија да го зборуваат словенскиот јазик. Албанците се декларираат Илири, а тоа со ниеден валиден аргумент не можат да го докажат. На историската сцена тие се појавуваат многу доцна во средновековјето и не се знае точно дали, кога и од кои азиски предели стигнале на Балканот. Впрочем, дали Французите и Германците се Франки? Кои се Римјаните? Итн. Современите европски нации го носат државното обележје, независно од сите етнокултурни миксации во историјата. Повеќе од два века и Македонците свесно го култивираат македонското како свое обединително национално и државотворно име (тогаш неоспорувано од никого).  Го цитиравте во една прилика Ѓорѓија Пулевски: "Славјаномакедонците ги сметале за македонски сите држави што не владееле. За свои ги сметале сите кралеви и цареви што не владееле". Кое е Вашето објаснување? 

- Пулевски во својата обемна Историја тргнал од библиските времиња, па стигнал до неговото време. Етничката историја тој ја започнува од античките Македонци што исто така ги сметал Словени, но и сите држави и владетели што ја владееле Македонија низ историјата тој ги сфаќа и како свои. Пулевски имал логично размислување и така ја претставил и историјата. 

ДЛАБОКИ КОРЕНИ 

Во контекст на сфаќањето на Пулевски додавате дека работите треба да се постават во светлината на минатото, но со усет за иднината? 

- Само заснована врз минатото и врз културното духовно и материјално наследство нашата држава и може да опстане во иднината. И треба конечно да се разбере дека Македонците и Бугарите си имаат посебни етногенетски и историски корени. Дури и по словенска линија ние сме два света: тие во основата се Анти, а ние Славини. Тие во 7 в. формираа одделна бугарска држава, а ние формиравме славинии. Се до 9 в. немавме и не можевме да имаме никаков допир. Напротив, Методија Солунски како стратег во Брегалничко ја бранеше византиската граница токму од бугарските ханови. Делото на Кирила и Методија нема никаква врска со Бугарија, туку беше во основата антибугарско. Климент и Наум се вратија во Македонија и ја развија духовно-културната дејност во својата диецеза, определена од архиепископот Методија.  
Треба конечно да се разграничиме во историјата. Секоја држава без сопствено минато претставува вештачка творба, без корен и без иднина. Затоа некои недобронамерници наивно не таксираат така и ни бараат корени во Коминтерната или во Тито. Македонија си има своја, долга и континуирана историја. Независно од повремените допири со соседите.
 

Во нашата етногенеза го носиме името од античките Македонци, сме наследиле од нивната култура и од нивната крв. Но, Грците сметаат дека имаат ексклузивно право на нив, иако нивната  идентификација со античките Македонци мислам дека почнала некаде на почетокот на 20 век.  Наспроти бројните докази (Демостеновите "Филипики, Библијата...) кои прават јасна дистинкција меѓу Грците и Македонците. Постојат и тврдења дека Грците дале 30 милиони долари за затворање на македонското прашање. Исто така, што е и Ваша оценка, дека пактот меѓу СФРЈ, Грција и Турција, склучен 1953 година бил на штета на Македонците. Сево ова говори дека на штета на Македонија се правеле бесрамни историски/политички пазари?  

- Уште во 19 век европската наука и политичките интереси ги поврзаа современите Грци со античките Македонци. Во тоа време не беше политички афирмиран посебниот македонски ентитет, а античката држава Македонија го употребувала како официјален грчкиот јазик, како јазик на повисока култура, иако Македонците си имале свој и различен од грчкиот јазик. 

А пазари имало многу за сметка на Македонија и во новото време. Но во 1953 година други беа политичките пазари на Коча Поповиќ во Атина, поврзани и со склучувањето на тројниот Балкански пакт. СФРЈ всушност античкото македонско историско наследство го признаваше како само грчко, иако не само Демостен и Библијата зборуваат за посебен македонски ентитет, различен од Елините.


РЕФЕРЕНДУМ ЗА АЛБАНИЗИРАЊЕ  

Сметате дека и денес има пазари?  

- Тешки пазари се прават и сега. Заборавивте ли веќе дека со пазарот со Ахмети за поделбата на општините ние половина Македонија со референдум ја албанизиравме? Со пазарот за гласовите за Пенов нели го направивме и Скопје двојазично, па им дадовме на Албанците дури и посебна "албанска" општина што стигнува до центарот на градот. Во неа сега се прави невидено етничко чистење - со молчаливо одобрување од власта! Не гледате ли дека деновиве од "научна" трибина под сводот на највисоката научна институција во македонската држава јавно и најофицијално се прокламира и двојазичноста на Скопје, зашто божем тоа историски било албански град, на историска албанска територија - во согласност со Платформата на Албанската академија на науките од 1998 година! И само врз основа на фактот што краткотрајно било седиште на Косовскиот вилает! За сите други е јасно дека никогаш порано во историјата немало албанска нога во Скопје. Меѓутоа, тие денеска и Турците си ги бројат, како што вели еден тетовски универзитетски историчар, како Албанци (по верата)! Всушност, Косовскиот вилает е создаден дури во 1892 година заради чисто политички потреби на султанска Турција, па и целата администрацијата беше пренесена од Призрен во Скопје.  

Очигледно, образованието, како моќно оружје може да биде ставено и во "повозвишени" цели? 

- Да, страшно е тоа што денеска тетовските универзитети идеологизираат и индоктринираат идни "учки". Случајно ли првата државна прослава на Скендербег се прави во македонската престолнина и дури потоа во Приштина и во Тирана? Па и првиот споменик на албанството се гради токму во срцето на Скопје по повод 600-годишнината од раѓањето на албанскиот национален херој Скендербег, и тоа истовремено со државно неофицијализиран троен празник - "Денот на албанското знаме", "Денот на независноста на Република Албанија" и "Роденденот на командантот на УЧК Адем Јашари"!  

Таков монумент на албанскиот кнез веќе се извишува во Дебар, а се најавува и во Кичево - како иден албански град-меѓник. Затоа и Али Ахмети вели дека "ги остварува патоказите на Скендербег" како "стратегиска ориентација", па "секогаш кога се соочува со политички дилеми се навраќа на делото на Скендербег", уверен дека "работите одат кон подобро". Тој на драстично симболичен начин на овие државно поддржани празнувања јасно ни кажа: "Денеска се остварува тоа што го најавив во Шипковица пред четири години. Тогаш се постави биста на Скендербег во Приштина, а јас ветив дека ќе го донесеме Скендербег и во Скопје". Се во тој дух и градоначалникот на Чаир не потсети: "Ова е историски ден за граѓаните на Скопје и за граѓаните на Македонија, затоа што со официјализирањето на албанскиот јазик и на знамето, како и со поставувањето на камен-темелникот на споменикот на Скендербег, Скопје се качува на местото што го заслужува". А примитивецот терорист Ф. Велиу дрско ни се закани: "Денеска го славиме и денот на промовирањето на сензационалната УЧК, 28 ноември 1997 година. УЧК е најуспешната војска на векот. Ние сме тие што ќе ја продолжиме големата заклетва за одбрана на албанското знаме. Тука не е крајот!".

ЗЛОВЕШТА ФЕШТА 

Па, добро, државата даде аманет за прославата... 

- Точно, иако вакви празнувања не беа предвидени со Програмата за прослави во оваа година. Под покровителство и со огромни средства на македонското Министерство за култура, зградата на славниот "Илинден" со целата величина беше поцрвенето прекриена со најголемиот црн орел... И така мирно "Скопје слави!", додека прословутиот Буџаку смирено не теши: "Секогаш било и ќе биде така!"...  

А нашите јасновидци свечено ни воведуваат "ново граматичко време, блиско-идно време, со што нашата македонско-албанска комуникација ќе се забрза"... 
Така сега секој странец што денеска и утре ќе помине низ центарот на Скопје ќе го види единствениот споменик во престолнината (споменикот на Делчев е надвор од градот, во паркот!) на "сеалбанскиот национален херој" и нагледно ќе сфати во која и каква држава дошол. Затоа и градоначалникот на многуилјадното етнички прочистено скопско Арачиново (каде што до Втората светска војна немаше ни еден Албанец!) сега гради најголем споменик на "трите Албании"! Избрканите арачиновски Македонци уште со глад протестираат...
  

Навистина, имаме ли уште македонска држава?! Не случајно и г. Нимиц спокојно си го избриша националното обележје Македонци во својот последен и од нас широкоградо прифатен предлог! 

Затоа утре, кога сегашните македонски "државници" ќе бидат исправени пред народниот суд за национално предавство, нека не ја забораваат и оваа зловешта "фешта"...  Исправањето на една неправда со рехабилитацијата на Ченто е само еден од примерите за политичката интонираност на македонската историја, за што, секако, се заслужни и подобните или рамковни историчари. До кога така?    


- Така ќе биде се додека рамковните историчари ни кројат наставна програма за нашите деца за да учат триделна рамноправно распоредена историја: еден дел за македонската, еден дел за албанската и еден рамноправен дел за вкупната соседска и светска историја. И се додека албанските деца во Македонија и натаму неконтролирано ќе ги игнорираат македонските и ќе учат од учебниците од Тирана и Приштина. 

Основа да го поставам претходното прашање ми е актуелната ситуација кај нас. Пред очи ни се "дошминкува" историјата. Политичарите тврдат, а дел од историчарите се согласија дека е тоа во интерес на заедничката иднина на сите во овие простори. Дали градиме заедничка иднина?  

- Заедничката историја за заедничката иднина треба и да се гради заеднички. Денеска, меѓутоа, Албанците во Македонија си градат своја иднина и ја сонуваат границата скоро до Штип, како што стои во нивната национална програма скроена од Албанската академија на науките непосредно пред антимакедонската завојувачка војна на Ахмети (2001).

Тие се борат за полна рамноправност на нивниот јазик на целата државна територија и ноншалантно ги приопштуваат сите муслимани во Македонија во албанското етничко стадо. А фактички, етнички Албанци има помалку од 18% во нашата држава! Ќе го исправи ли некој флагрантно фалсификуваниот попис - одобрен само од "меѓународната заедница"? 

Македонскиот народ е збунет. Официјално остана недефинирано што ни се случи тогаш. А Вие сте дециден: во 2001 година имало војна. Тогаш треба да има победници и победени?  

- Па победникот Ахмети, покровителот на "камен-темелникот" на Скендербег, во центарот на Скопје на албански јавно препорача: "Противниците не треба да се понижуваат откако ќе се совладаат". Тие треба мирно, без употреба на секогаш подготвениот калашников, просто да се завладеат...  
А македонскиот народ кротко си трае, си гледа и си трпи - "збунет"...
До кога?   

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva