Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

 

Скопје (12.01.2007)

На Божик, на Празникот на Рождеството Христово, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше на Божествената Литургија, во сослужение со митрополитот Горазд и свештеници од Скопската православна епархија. На Литургијата, меѓу бројниот верен православен народ, присуствуваа и Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Љубиша Георгиевски, Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски, Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Ѕвонко Муцунски, како и Претставникот на Делегацијата на Европската заедница во Република Македонија, г. Ерван Фуере.

 

 

 

Божикна порака на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан:

Христос се раѓа славете Го, 
Христос слегува од небесата пресретнете Го,
       Христос е на земјата, вознесете се

          Вака веќе две илјади години пее светата Црква за спасоносниот настан што се случил во тоа рано витлеемско утро. Синот Божји, примајќи човечко тело, се родил како Богочовек, за да ја изврши спасоносната мисија да го помири човекот со Бога, да го врати единството меѓу земјата и небото. Затоа тој настан е над сите настани во историјата на човечкиот род и оттогаш се слави во сите времиња и по сите краеви на земјата.

Овој празник е денот што го очекувале старозаветните пророци, денот по кој копнееле старозаветните праведници, денот што им бил ветен на сите што Го барале Господа, денот во кој по природа совршениот Бог се родил како совршен човек...

Спасителот Христос се родил еднаш за секогаш и за сите насекаде. Еве, тоа спасоносно дело трае, продолжува и ќе трае, зашто под небото нема друго име кое спасува, освен името на Исуса Христа. Таа тајна на спасението се повторува во душата на секој богољубец, на секој Божик, во овие поминати дваесет столетија. Се менуваат времињата и вековите, се менуваат приликите политички и економски, се менуваат идеологиите и сфаќањата... Вечна останува само вистината за светот и човекот, вистината дарувана одозгора, од Бога.

Божик, празникот на Христовото Рождество, сиот е во знакот на небоземната радост и песна: Слава во височините на Бога, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја... Врз оваа ангелска песна се потпира целото свето Евангелие и сета мисија на Црквата. Па, што ѝ е попотребно, и денес, на земјата од мирот, мирот меѓу народите и државите, мирот во семејствата, мирот во секого од нас? Што, нам, на луѓето, ни е попотребно од добрата волја и денес, меѓу сите нас, и добрата волја во секого од нас?

Слушајќи ја и денес оваа ангелска песна, потребно е да размислуваме за да можеме да ја сфатиме спасоносната вистина и убавина на Божик и на сите наши празници. Големината на секое празнување е во тоа што на чудесен начин тој настан е повторно присутен и се доживува во сета негова суштина и светост. Божик не нѐ потсетува само на тоа дека треба да бидеме добри, чесни и примерни луѓе, туку и дека треба да потврдиме на дело дека сме вистински чеда Божји.

Христовото Рождество е настан за сето човештво и го доживеале и ќе го доживуваат сите што нашле милост и ја разбрале полнотата на времето. Затоа овој празник е на сите: на секого посебно и на сите заедно. Во него учествуваме толку, колку што сме подготвени да се радуваме. Нашиот народ знаел да опомени: кај и да си - пред Божик, по Божик дома да си, со цел да ја почувствуваме семејната радост на празникот и, секако, да дадеме свој прилог во чествувањето на спасоносниот настан...

Возљубени, еве нѐ во пресрет и на овогодишното чествување: па да ги отвориме вратите на нашите души и срца за да може и во нас да се всели небесната радост што на земјата ѝ ја донесе Несместливиот, Оној Којшто пред две илјади години слезе од небесните височини и се смести во јаслите на Витлеемската пештера... А Господ доаѓа само кај оние коишто подготвени сакаат да Го дочекаат и да Го примат. Ако небото Го дочека со песна, ако земјата Му понуди пештера, ако мудреците Му донесоа скапоцени дарови, ако пастирите Го славословеа што ние ќе Му принесеме на Спасителот за овој празник?

Како богољубив и народ на верата, каде и да сме, во Татковината или ширум по светот, да направиме сѐ што им доликува на вистинските празникољупци, за да можеме подостојно да го дочекаме и прославиме овој спасоносен настан: и во своите храмови, и во своите домови, и во своите души. Да покажеме и повеќе правда и праведност, да принесеме повеќе чисти срца и души и, во времето што е пред нас, да молиме Новородениот Богомладенец да ни дарува повеќе мир и љубов, повеќе слога и благослов, за да можеме достојно да го поминеме и овој Божик и сите други празници и денови. Амин!

Христос се роди! На многу години!

             

back.gif (1338 bytes)

Vesti