Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

 

 

Илјадници луѓе се поклонуваат пред одарот на Тоше

Илјадници расплакани обожаватели на Тоше од неговото родно Крушево, од цела Македонија, пријатели и колеги од странство, се поклонуваат пред ковчегот со посмртните останки на македонската поп-ѕвезда која ненадејно згасна вчера изутрина на автопат во Хрватска.


 

По црковниот обред во црквата Пресвета Богородица, посмртните останки на Тоше Проески со посмртни звуци на Воениот оркестар и со марш на почесниот вод на РМ беа пренесени до одар на платото пред споменикот Македониум во Крушево. Семејството, најблиските, роднините и пријателите, потресени, ја допираат сликата на Тоше и неговиот ковчег прекриен со државното знаме.

Меѓу првите, пред одарот на Тоше се поклони и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, која ја преживеа сообраќајната несреќа во Хрватска. Цвеќе положија неговите другари, учениците од основното училиште и од гимназијата во Крушево, композиторот Григор Копров, како и актерката и водителка Весна Петрушевска, од името на естрадните ѕвезди. На комеморацијата во Македониумот е и владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски, делегација на Собранието предводена од претседателот Љубиша Георгиевски, претставници на МПЦ, на локалната самоуправа, претставници на дипломатскиот кор...

Посмртните останки на Тоше Проески, со државни и со верски почести, во 13.30 часот ќе бидат погребани на Градските гробишта во неговото родно Крушево.

По повод погребот на Тоше Проески, Владата го прогласи денешниот ден за ден на жалост, а на вчерашната седница постхумно го прогласи за заслужен граѓанин на Република Македонија.

На централниот плоштад Македонија во Скопје и во сите други македонски градови и денеска се собираат луѓе, кои со палење свеќи му оддаваат последна почит на Тоше.

 

 

Посмртните останки на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, со хеликоптер на АРМ синоќа беа пренесени од Хрватска во Македонија. На аеродромот Александар Велики во Скопје ковчегот го пречекаа членови на неговото семејство и владина делегација на чело со премиерот. Веднаш потоа ковчегот со телото беше префрлен на лафет и со возило испратен во неговиот дом во Крушево, според желбата на неговото семејство.

Македонската мегаѕвезда Тоше Проески загина вчера рано изутрина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Хрватска. Неговите сопатници Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓевски се здобија со телесни повреди. Возачот Ѓорѓевски, кој има повреди на главата, е задржан на лекување, но не е во смртна опасност.

Несреќата се случила кога џипот фолксваген туарег, во кој биле Тоше, неговата менаџерка и возачот, удрил со голема брзина во полуприколка на камион, по што туарегот се извртел и удрил и во заштитната ограда на автопатот.

 

 

Светските гласила за Тоше Проески

Пејачот со ангелски глас, балканската поп-ѕвезда, македонски пејач со нежен изглед - ова се само дел од епитетите со кои домашните и странските гласила известуваат за смртта на Тоше Проески.

Странските медиуми, поради неверојатниот успех на пејачот во цела бивша Југославија и атрактивниот изглед, го нарекоа балкански Елвис Присли, а неговата трагична смрт ја карактеризираат како голема трагедија што погоди многубројни обожаватели на Балканот.

Британскиот весник Хералд пишува за Тоше како претставник на Македонија за евровизискиот натпревар во 2004 година кој со својот добар изглед и романтични балади ги освои срцата на многубројни фанови низ цела поранешна Југославија.

Канадски интернет-портали го именуваат Проески како пејач со моќен глас и детски изглед, кој работеше со неколку големи уметници како што е рок-легендата Џеф Бек, а земаше часови и кај познатиот маестро од Њујорк Вилијам Рили.

Официјалните страници на Евросонг исто така ја пренесоа веста за смртта на Тоше Проески, потсетувајќи на неговиот спектакуларен настап на натпреварот во 2004 година.

Речиси сите најголеми хрватски гласила објавуваат извештаи за денешниот погреб на Тоше во неговото родно Крушево и за денот на жалост со кој Македонија и' оддава почит на оваа мегаѕвезда.

- Почина великиот македонски и балкански пејач - објави синоќа во ударниот термин Албанската национална телевизија, во опширен прилог илустриран и со снимки од настапот на Великиот Тоше во Тирана пред три години.

Словенечката новинска агенција СТА објави детаљна биографија на поп-пејачот со музичко образование од областа на класичната музика.

Симон Трпчески: Замина најталентираниот пејач на Македонија

Македонскиот пијанист од светски ранг, Симон Трпчески, со шокираност ја прими веста за трагичната смрт на Тоше Проески.

- Многу е тешко и излишно да се каже што и да е во вакви моменти. Сигурно дека на секој Македонец во земјата и во дијаспората кој покажувал радост и почит кон човекот што несомнено беше најталентираниот пејач на Македонија, во моментов му е многу тешко - се наведува во изјавата на Трпчески, соопштена во Лондон, пред неговата серија концертни настапи.

- Тоше беше мој личен и семеен пријател и колега со кого имав прекрасна соработка, но пред се', многу добар и искрен човек, секогаш подготвен да одговори со позитивна енергија и со неговата карактеристична насмевка - изјави пијанистот Трпчески, кој денешниот концерт во Лондон ќе му го посвети на Тоше како израз на лична почит и споделување на тагата за неговата трагична смрт.

 

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva