Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Прилог: Историски преглед на МПЦ.

Прилог на пропратниот акт (14.06.2005)

ИСТОРИСКИ ПРЕГЛЕД НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Македонската Православна Црква (МПЦ), како легитимна наследничка на Охридската Архиепископија (ОА), своите почетоци ги има од апостолско време, од времето на второто и третото патување на светиот апостол Павле со своите сотрудници низ Македонија, кога ги формирал и првите христијански заедници на балканска и европска почва (Дела 16, 9-12 и Рим. 15, 19 и 2. Кор. 8, 1).

Духовниот живот на просторот од Република Македонија и во ранохристијанкиот период е на мошне високо рамниште, што се потврдува и со учеството на нејзините Епископи на вселенските и помесните собори (светиот Епископ Ахил Лариски - Преспански на Првиот Вселенски собор 325 г.; Епископот Евагриј од Хераклеја Линкестис на Сардикискиот собор 343-344 г.; Квинтилиј на Ефескиот 449 г. и на Четвртиот Вселенски собор, а на Цариградскиот 533 г. Бенигнус од Хераклеја и др.).

На овие наши простори уште во 6-от век постои автокефална црква - Јустинијана Прима, што ја основал најпознатиот црковен и државен правник, светиот цар Јустинијан, со седиште во Јустинијана, денешно Скопје.

По згаснувањето на Јустинијана Прима, по околу три века, во 893 година, настапува реевангелизација и духовна ренесанса, со организирањето на Црквата од страна на најнадарениот ученик на Светите браќа Кирил и Методиј - Свети Климент Епископ Велички. Неговата епархија била основа за создавање на Охридската Архиепископија како автокефална црква, почнувајќи од времето на Самоиловата држава (997-1018), па сѐ до нејзиното укинување (1767 г.).

Угледот на Охридската Архиепископија, чии поглавари се потпишувале и како Архиепископи на Јустинијана Прима, бил огромен, па затоа ниту византискиот император Василиј II, по поразот на Самоиловата држава во 1018 година, ниту српскиот цар Душан Силни по заземањето на Македонија (XIV в.), не ја укинале, туку дозволиле во нивните држави да постои и таа - и Охридската Aрхиепископија, како автокефална Црква, покрај Цариградската, односно Пеќската. Таа дури по падот на Смедерево под Отоманската империја, во 1449 година, до обновувањето на Пеќската Патријаршија во 1557 г., повторно воспоставила јурисдикција врз епархиите на Пеќската Патријаршија, по неканонското одвојување од Охридската Архиепископија во 1219 година, на чело со Свети Сава Немањиќ.

На територијата на Отоманската империја на Балканот, Портата дозволила да има само една автокефална Црква, па затоа 1766 година ја укинала Пеќската, а 1767 и Охридската Архиепископија. За последнава правени се постојани обиди за нејзино обновување од страна на македонскиот народ, особено во времето на востанијата во Македонија (Разловечкото 1876, Кресненското 1878/9 година и Илинденското 1903 година). Посебно конкретен обид за обнова на Охридската Архиепископија направил Скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов, кон крајот на 19 век.

Тоа е, впрочем, време кога автономните и суверени држави и православни народи на Балканот, прогласуваат или обновуваат автокефални Цркви (на пр. Грчката, Српската, Бугарската и Романската).

По Првата светска војна, Кралството на СХС, во полза на Српската Православна Црква, ги доби 7-те епархии во Вардарскиот дел на Македонија.

На почетокот од Втората светска војна, српските Архиереи и српското свештенство ја напуштија Македонија, која потоа потпадна под јурисдикција на Бугарската и дел под Албанската Црква.

Во периодот од 1919 г., односно 1922 г., епархиите во денешна Република Македонија, се знае на кој начин, се приклучени кон обединетата Српска Православна Црква и во таа состојба ќе останат до 06 април 1941 г. Од таа дата, па сѐ до денес, de facto, Српската Православна Црква воопшто не е присутна на просторот од Република Македонија! Значи, цели 65 години!

Обновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, започна уште на првата наша слободна територија, односно на 20.10.1943 г., на Свештеничкиот собир во Издеглавје (Охридско), а на 5 и 6 март 1945 г. - на Првиот Црковно-народен собор во Скопје, во присуство на над 300 делегати, свештеници и мирски лица, донесена е Одлука за обнова на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква.

Бидејќи, по Втората светска војна, Православната Црква во НР Македонија остана без Архиереи, беше одлучено свештенството и народот да изберат Архиереи, а хиротониите да ги извршат Епископи надвор од СФРЈ. Но, државната политика го спречи тоа и ја принуди Црквата во НР Македонија тоа прашање да го решава со Српската Православна Црква, која имаше претензии над Македонската Православна Црква. Српската Православна Црква ги сметаше за свои, и Црквата и народот во НР Македонија - не признавајќи дека постои македонски народ и затоа инсистираше да го врати поранешниот скопски митрополит Јосиф кој, како недомороден владика, ја напушти Македонија на почетокот на Втората светска војна. Иницијативниот одбор за организирање на Македонска Православна Црква ѝ предлагаше на Српската Православна Црква кандидати за Епископи домородци (Македонци), а Српската Православна Црква не ги прифаќаше туку нудеше асимилирани Македонци (Срби) кои би работеле за српската националистичка кауза. И покрај сите ветувања, во времето на управувањето со Српската Православна Црква од страна на Патријархот Викентиј, дека предложените кандидати од Иницијативниот одбор за организирање на Македонската Православна Црква ќе бидат потврдени од Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква, тоа не се случи, па немајќи друго решение, во октомври 1958 г. беше свикан Втор Црковно-народен собор и беа избрани предложените Епископи, а Топличкиот Епископ Доситеј, по потекло Македонец, од викар на Српскиот патријарх Герман беше избран за поглавар на Македонската Православна Црква .

Тогаш беше донесен и Устав на Македонската Православна Црква, како самостојна Црква.

Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква, пак, со Одлука бр. 06/1959 г., на обновената Охридска Архиепископија, односно на Македонската Православна Црква, ѝ ја призна САМОСТОЈНОСТА. Единството меѓу Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква беше договорено да биде изразено преку персоналната унија на српскиот Патријарх, кој се потпишуваше како Патријарх Српски и Македонски, односно Патријарх на Српската и Македонската Православна Црква (види акт бр. 9 март 1963 г., и 8 април 1963 г.). При посетата на Скопје на патријархот Герман, на 19 јуни 1959 г., од негова страна, во сослужение на српските Архиереи од неговата придружба и Архиепископот Доситеј е извршена хиротонија врз архимандритот Климент, идниот митрополит Преспанско-битолски. Значи, како Македонската Православна Црква сме се стекнале со уште двајца канонски Архиереи, покрај поглаварот - Архиепископот Доситеј. На тој начин запазено е благодатното апостолско преемство во нашата Света Црква!

Но, набрзо Српската Православна Црква започна со ревидирање на својата Одлука за САМОСТОЈНОСТА на Македонската Православна Црква, па затоа Македонската Православна Црква инсистираше Српската Православна Црква да ја престави пред другите помесни Православни Цркви, но таа упорно тоа го одбиваше и ја негираше САМОСТОЈНОСТА на Македонската Православна Црква со раскинувањето на персоналната унија. Затоа Македонската Православна Црква, за надминување на недоразбирањата, побара автокефалност од Српската Православна Црква. Српската Православна Црква го одби барањето на Македонската Православна Црква и тогаш Македонската Православна Црква беше принудена самата официјално да ја прогласи возобновената автокефалност на Охридската Архиепископија, свикувајќи Архиепископски црковно-народен собор во 1967 година, како, впрочем, што биле возобновени или прогласени одделни православни цркви (од возобновената автокефалност на Пеќската Архиепископија - Српската Православна Црква; од Трновската Патријаршија - Бугарската Православна Црква итн.), вклучувајќи го во најново време и прифаќањето од другите Православни Цркви на автокефалноста на Албанската Православна Црква.

Сепак, давањето автокефалност на една Црква е работа во која учењето и разбирањето на Православната Црква е мошне недоследно и покрај фактот што ова прашање е многу важно. Имено, на некои древни Цркви, коишто ја загубиле високата ерархија и матичната држава, по возобновувањето на државата или високата ерархија, им се признава и автокефалност, а на други, како и на Македонската Православна Црква, се бара да минуваат низ процесот на автономија. На Македонската Православна Црква, иако претставува возобновена древна Црква, и по 60 г. од возобновувањето, ѝ се оспорува автокефалноста, а согласно 17 правило од Четвртиот Вселенски собор и 38 правило на Шестиот Вселенски собор, имаме канонско и историско право на тоа, бидејќи сме древна Црква и имаме суверена држава.

Во Православието има недоследност и по прашањето кој ја дава автокефалијата: Мајката Црква или Цариградската Патријаршија, па се случува некои Цркви да добијат и по двапати автокефалност, како што е случајот со Полската и Чехословачката; други, пак, да добијат автокефалност од Мајката Црква - како Американската Православна Црква, а останатите Цркви (Црквите од грчкото јазично подрачје) да не ја признаваат, но и покрај тоа да сослужуваат со нејзините Архиереи.

Македонската Православна Црква, во повеќе наврати од 1967 до 1991 год., инсистираше да воспостави дијалог со Српската Православна Црква, но беше одбивана. Во тој период, на ниво на Комисии, се остварија само две средби: во 1978 г., во манастирот на Св. Прохор Пчињски и во 1979 г., во манстирот на Пресвета Богородица во Калиште, кај Струга, но без успех. На овие средби главна тема било прашањето за компетентноста кој може да дава автокефалија. Комисијата на Српската Православна Црква тоа прашање сметала дека ѝ припаѓа на Вселенската Патријаршија или на идниот Вселенски собор, наспроти поранешниот нејзин став дека тоа е во надлежност на Мајката Црква. Значи, секогаш Српската Православна Црква, по ова прашање, се однесувала според моменталните нејзини интереси и прилики.

Поради ваквиот став на Српската Православна Црква, делегација на Македонската Православна Црква го посети Цариградскиот Патријарх г. Вартоломеј, на 16 март 1992 г., во Фанар. Таму беше остварена средба и со српскиот Патријарх г. Павле и беше постигната согласност дека проблемот со автокефалноста на Македонската Православна Црква треба да се разреши со дијалог меѓу Српската и Македонската Православна Црква.

На 15 и 16 април 1992 г., се одржа средба меѓу комисиите на Српската и Македонската Православна Црква, во манастирот на Пресвета Богородица во Калишта, Р. Македонија и по предлог на Неговото Високопреосвештенство Загребско-љубљанскиот Митрополит г. Јован - Претседател на Комисијата на Српската Православна Црква, се донесе заеднички став да се воспостави евхаристиско единство меѓу Архиереите и свештенството на Српската и Македонската Православна Црква, а прашањето со автокефалноста да се решава по пат на дијалог.

Синодот на Македонската Православна Црква го прифати овој став, а Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква го одби и веднаш потоа донесе противни одлуки на тоа, и за првпат направи чекор да навлезе во јурисдикцијата на Македонската Православна Црква во Република Македонија, поставувајќи администратор за т.н. српски епархии во Република Македонија. Најверојатно ова се случи затоа што пропаднаа сите планови на Србија за конфедерација на Македонија со Србија. Последните акции на Српската Православна Црква за промена на името на Р. Македонија, е зачудувачки спротивна на државната Одлука на Србија и Црна Гора, која ја призна Република Македонија, по нејзиното осамостојување 1991 г. И покрај ваквото грубо мешање и навлегување на Српската Православна Црква во јурисдикцијата на Македонската Православна Црква, што беше игнорирано од свештенството и од православниот народ во Р. Македонија, Македонската Православна Црква продолжи и понатаму да го развива дијалогот со Српската Православна Црква, којшто беше неуспешен.

Потоа, од своја страна, за решавање на овој спор, Српската Православна Црква наметна една предлог-спогодба, која на секоја средба на Комисиите се доработуваше. Но, кога Македонската Православна Црква, во Ниш на 17.05. 2002 г., предложи свој докумет, сличен на понудениот од Српската Православна Црква, Комисијата на Српската Православна Црква го отфрли и, злоупотребувајќи ја довербата на членовите на нашата Комисија, подметна работен документ, од пред две поранешни средби, па затоа Комисијата на Македонската Православна Црква инсистираше да се стават парафи на работниот документ од Ниш. Ставањето на парафите врз работниот предлог-документ беше грубо злоупотребено, и тој таен документ беше објавен во медиумите, со цел и на тој начин да се изврши притисок врз Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква за да го прифати документот. Но, и Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква и целото свештенство, монаштво и народот во Македонската Православна Црква тој документ го отфрлија (исто, како што порано Архиерејскиот Собор на Српската Православна Црква, го отфрли ставот за заедничкото сослужување, донесен во Калишта, во 1992 год.).

Архиерејскиот Собор на Српската Православна Црква го прифати овој документ, но го фалсификува во најчувствителниот негов дел - уставното име на Република Македонија, кое го преименува во Поранешна Југословенска Република Македонија (види: документ Ниш 17 мај 2002 и Светиот Архиерејски Синод на Српската Православна Црква бр.38/2002). На тој начин, Српската Православна Црква, покажа дека нејзината намера е да ја злоупотреби Македонската Православна Црква, која го има мнозинскиот народ во Република Македонија (67%), за да повлијае да се промени уставното име на Република Македонија, а со тоа и името на Македонската Православна Црква, јазикот, културата и сѐ што е посебност на македонскиот народ.

Српската Православна Црква за спроведување на своите намери, со цел да помогне во сменувањето на уставното име на македонската држава и Црква, најде сојузник, во лицето на поранешниот Повардарски Митрополит Јован, којшто од Македонската Православна Црква беше избран и хиротонисан, а заради докажани канонски престапи беше расчинет, за кој српскиот Епископ Пахомиј, на една телевизија рече: Одамна баравме таков човек.

Поттикнат од гордоста, властољубието и среброљубието, одметнатиот некогашен Архиереј, целосно застана на страната на Српската Православна Црква, негирајќи го името на сопствената држава - Република Македонија и на Македонската Православна Црква и, откажувајќи се од своето потекло, се стави на страната на националистичките пропаганди, насочени против Македонската Православна Црква и Република Македонија, за што беше целосно подржан од Српската Православна Црква.

Српската Православна Црква, прифаќајки го него, најде уште двајца кандидати, надвор од клирот на Македонската Православна Црква кои беа противканонски избрани и хиротонисани од Српската Православна Црква и со нив направи српски егзархат, којшто, всушност, е фиктивна (без народ), наводно, автономна српска Црква во Република Македонија, именувана како Православна Охридска Архиепископија (ПОА), злоупотребувајќи го името на нашата древна Охридска Архиепископија.

На последното заседание на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква, во мај 2005 година, Српската Православна Црква на т.н. ПОА ѝ додели Одлука на наводно автономна Црква, а против Македонската Православна Црква ја прошири Одлуката од 1967 г., изопштувајќи го, покрај Архиереите и свештенството на Македонската Православна Црква, и целиот православен народ во Република Македонија, доколку остане во заедница со Македонската Православна Црква.

Овој чин на Српската Православна Црква предизвика огорчување, не само кај македонскиот народ и другите православни, туку и кај сите граѓани што живеат во Р. Македонија, дури и кај српскиот православен народ во Србија и Црна Гора.

Значи Српската Православна Црква, порано, еднострано и со зла намера, непокажувајќи ни основни знаци на евангелска љубов кон Македонската Православна Црква, ја прекина евхаристиската заедница со Архиереите, свештенството и монаштвото, а со последнава одлука и со целокупниот православен народ во Македонската Православна Црква. Затоа, Македонската Православна Црква молитвено се обраќа до Вас и до Вашата Света Црква за да ја покажете Вашата евангелска љубов кон нашиот народ и Црква Божји, кои скоро 2000 години живеат според учењето на Светата Православна Црква, Светото писмо и Светото предание.

Ве молиме, Македонската Православна Црква да ја прифатите како Ваша најпонизена сестра во Христа Господа - Главата на Православната Црква.

Знајте и тоа дека, наоѓајќи се во ваква состојба, по овие притисоци од Српската Православна Црква, нашиот народ е изложен на дополнителни притисоци од разни секти, а некои интелектуалци од Македонија дури заговараат излез во некакви унии.

Доколку имате потреба од повеќе информации, подготвени сме да Ви ги дадеме во заеднички разговори, кај нас или кај Вас.

Ваша Светост, доколку не примиме од Вас и од Вашата света Црква знаци на евангелска љубов, а заради ваквиот неискрен однос на Српската Православна Црква кон нашата Света Црква и нашиот православен народ, бидете уверени дека гревот кон Македонската Православна Црква ќе го носи на совест целото Православие.

Ваш во Христа Бога брат и сомолитвеник,

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
+ СТЕФАН

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva