Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Димитар Мирчев
Православија како србославија

Понекогаш ми станува жал за српскиот народ. Сепак ни е соседен, пријателски, добронамерен; сепак, наспроти се, сме делеле толку многу од заедничката историја, судбина, отпори и стремежи. Кој тоа го зарази со вирус дека на овој наш заеднички, балкански простор, токму тој е избраниот од Бога народ, народот-ослободител, водач, првоборец, дека токму тој е народот што треба да владее со сите нас во опкружувањето? Кој тоа му ја внуши идејата дека тој е најсилниот, најхрабриот, најумниот, најдржавотворниот народ во околината, дека тој од Бога е предодреден за хегемон на Балканот?


Како никој низ историјата да не можеше барем малку да го симне на земја, па и по толку несреќи, катаклизми и порази? Некој беше напишал, пред четврт век, дека тоа е единствениот народ што ги велича своите порази и од нив прави историски легенди. Па нека, тоа е некако внатрешно психички. Ама, ако е малку накај надвор психички, тоа веќе понешто ќе ги засегне околните народи. А тие, бидејќи се без историја или со туѓа историја, и бидејќи се "ослободени" од Србите, би требало да се повинуваат, па да молчат, па да играат според нивната палка. И се тоа ме потсетува на Радоје Домановиќ и на прекрасните алегориски сатири "Данга", "Страдија" и "Размислувањата на еден обичен српски вол", особено за тоа како народот си допушта да го води слеп водач, односно како ќе си дозволи да го водат слепци. И денес, после се што се случи во овие десет, дваесет години, Радоје Домановиќ, со Данга и размислувањата на обичниот српски вол, е повеќе од актуелен.

Малку се имаат изменето само околностите. Југославија е зад нас, зад нас се Сплит и Вуковар, Сараево и Сребреница, зад нас се ЈНА и Косово, па белите орли, кокардите, аркановците. Но, не е се зад нас. Ратко и Радован се тука некаде, меѓу нас , Слобо мисли на нас, Војче Шешељ е само привремено отсутен, но Томо достојно го заменува. Вук е дури и во власта, а и Коки е доста кооперативен: цело време игра топло-ладно со својот колега-наивец од Скопје. Потребно е да се има цел и кауза, а тоа бездруго е тука, од тоа никогаш не сме се откажале. Потребно е да се има вина и виновник за тоа што ни се случи и се уште ни се случува, но и тоа не е проблем: меморандумот на Добрица од 1986 г., се уште е на сила, зашто Србија се уште е губитник. Кој, според меморандумот е виновник? Коминтерната и Тито, бидејќи како најголема нација во кралска Југославија, ја обвинија за хегемонизам, империјализам и профитерство, а освен тоа измислија некои мали и нови нации со кои Србите требаше да бидат еднакви, а тие нации- некакви Македонци, па Црногорци, па Босанци, па дури и Словенци, историски ниту лук јале ниту лук мирисале. А највиновни се Хрватите и Албанците, кои секојпат гледале да ги изништат српските победи на бојното поле. И така на Србите им наметнаа чувство на историска вина. А денес се виновни и Унијата и НАТО, како што беа виновни и Геншер, папата, Весли Кларк, Кофи Анан и Киро Глигоров, да не говориме за Медлин Олбрајт. А кој ќе не води и кон што, кон која голема историска победа?

Колегата-социолог Слободан Антониќ, пред три години ја објави драгоцената студија "Заробена земја. Србија во владеењето на Слободан Милошевиќ". Антониќ релјефно покажува како Слобо ја привлече и ја искорумпира сета српска елита, па и онаа опозициската, која е денес на власт. Како таа елита, впрочем не многу различно од нашата, од бугарската или албанската на пр.. (оваа последната пак остана уште и на пазарно-марксистички позиции), конвертираше од комунистички во националистички и на крај во квазиграѓанско-националистички води. За својата власт, интерес, моќ, таа мораше да стекне некаков легитимитет, а црквата (човекови права на вероисповед и верски слободи), беа идеален канал за верски етнопопулизам и легитимитет. Тука ниту Солана, ниту Буш, ниту Дорис Пак или Оли Рен, не можат да приговорат.

И така, во Србија, превлада таа елита која како слепиот водач на Домановиќ му се наметна на народецот, со прикаската дека се слични на Германците и Јапонците, кои ја изгубија војната, ама со економијата и духот (читај црквата), станаа победници. Така Србославија ќе се первертира во Православија. Тоа е во тек. СПЦ е самопрогласена за надлежна православна црква на просторот на бивша Југославија. Не само во Македонија, туку и во Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора. Насекаде, кој год се појави на венчавка или крштевка или обред во православна црква, го запишуваат како Србин. Не само во Србија или Војводина, за што пред некој ден пишуваше Гојко Илиевски од Панчево. Насекаде. Во Љубљана, мака мачеа годиниве, тие што се Петровски да не ги запишуваат како Петровиќи. И во таа колотечина е и срамната епизода со Зоки Вранишковски. И српските државни економски санкции. И статусот на македонското малцинство.

Нашата држава односно "државници" воопшто не сфатија дека не се работи за црквено прашање, туку за меѓудржавно и за прашање на суверенитетот. Дека тоа не е прашање на автокефалност на МПЦ туку на "автокефалност" на државата. И оттука, го криминализираа без потреба сиромавиот Зоки, кој не е ништо друго освен алчен, амбициозен и бескрупулозен мангуп. Наместо да дигнат светска и европска галама дека српската држава врши, со креатурата на охридската егзархија, политичко-верска и националистичка агресија врз Македонија, нашите државници ќе се најдат во небрано, па ќе се правдаат со независност на Битолскиот суд, па понизно ќе се откажат од венците на "Прохор Пчињски", со што српската држава, не црква- крајно ја навреди и понижи македонската. И уште, да допуштат нам да не фаќаат за уши заради човековите права на Зоки, кога српската држава ги крши правата на едно цело национално население овде. Чиста комика е Шешељ, овој пат во својство на загрижен борец за човекови права, да собира половина милион потписи за ослободување на Зоки, а Мери во врска со предметот да бара информација од битолскиот суд.

Или, пак, да дозволуваме без демарши и протести, оној наводен стручњак за јавно право од Бостон, да дезавуира цело едно правосудство, а човекот очигледно се разбира во нашето законодавство и судство исто толку, колку што Митре од Тасино Чешмиче, се разбира во јавното право во Бостон.

Во сево ова има смисла критиката и повикот на Мирјана од Хелсиншкиот комитет. Крајно време е државата да се секуларизира и да престане со симбиозата и идилата со црквата. Да престане да ја копира српската држава во тој поглед. Да престане со државни акции за заштита и признавање на црквата, како што тоа го чинеше веќе десетина години; бидејќи со тоа ја потврдува тезата дека и црквата и верата ни се вештачки. Крајно време е, наместо тоа, да го спречи надворешното мешање во нашите внатрешни работи. Salus ula extra ecclesiam? Зарем нема спас надвор од црквата?

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva