Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Писмо до Патријархот на Српската Православна Црква (07.12.2006)

До                                         
Неговата Светост,
Архиепископ Пеќски,  
Митрополит Белградско-карловачки и
Патријарх Српски г. г. Павле
Б Е Л Г Р А Д

 

 Ваша Светост,

 

Повеќедецениските разговори меѓу комисиите, со мали прекини, за отворените прашања меѓу Македонската и Српската Православна Црква, за жал, не донесоа обострано прифатливи решенија. Ниту нашите две средби во Патријаршијата во Белград и во манастирот во Раковица не ги подобрија релациите меѓу нашите две Цркви. Сега, пак, подолго време сме без комуникација, без меѓусебни посети и разговори.

Големиот апостол на мирот и проповедник на Словото Божјо, на многу страни по светот и по Македонија, ни советува: Кажувајте си ја вистината секој на својот ближен (Ефес. 4, 25), со цел да ја истакне улогата на дијалогот, односно дека до вистината може да се стигне само преку искрени братски меѓусебни разговори.

Токму затоа Ви се обраќаме и со ова писмо, за да Ве известиме за изразената согласност на членовите на Светиот Архиерејски Синод на  Македонската Православна Црква, со која прифаќаме и нудиме дијалог, затоа што сметаме дека нема алтернатива за меѓусебните разговори, особено кога меѓу две Цркви постои некаков спор. Затоа, оставаме на Вас, Ваша Светост, да предложите членови на Српската Православна Црква - и на кое ниво, и во кое време, и на кое место да се обноват разговорите меѓу двете наши сестрински Цркви. Потоа, Ние би го направиле изборот на претставници на Македонската Православна Црква и, доколку Ви е прифатливо, нудиме гостопримство за почеток на разговорите.

Изразениот, пак, став на членовите на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, од последното Ваше заседание, а во врска со нерешеното македонско црковно прашање, дека црковниот спор треба да се реши со дијалог и на тој начин односите меѓу двата братски народи да се негуваат и продлабочуваат, го разбираме како израз на евангелска љубов и архипастирска грижа, го примивме на знаење, го разгледавме и зазедовме ваков став.

Впрочем, само со добра волја и меѓусебна љубов ќе покажеме дека сме достојни последователи на вечниот Архиереј и на нашите свети претшественици.

Поздравувајќи го Вашето богољубие, ги поздравуваме и членовите на Светиот Архиерејски Синод, односно Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, посакувајќи ви добро здравје и изобилни добрини од Господа, со благопожелби за лесни пости и честити празниците што ни доаѓаат.

Ваш во Христа Господа брат, 

 

                П О Г Л А В А Р  НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

        АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

+ СТЕФАН

 

back.gif (1338 bytes)

Vesti