Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)



Спектар


   ИНТЕРВЈУ - МИТРОПОЛИТ БРЕГАЛНИЧКИ, Г. АГАТАНГЕЛ

   Непријателите на МПЦ ја отпеаја лебедовата песна

ОНИЕ ШТО НАПРАВИЈА НЕРЕД ВО ЦРКВАТА СЕГА СЕ ОБИДУВААТ ДА НАЈДАТ НАЧИН ПОВТОРНО ДА СЕ ВОСПОСТАВАТ НЕКАКВИ КОНТАКТИ. ОЧИГЛЕДНО СФАТИЈА ДЕКА МНОГУ СЕ ОГРЕШИЈА         ПРЕД МАКЕДОНСКИОТ ПРАВОСЛАВЕН НАРОД И ДЕКА ТАКТИКАТА НА ЗАПЛАШУВАЊЕ И УЦЕНА, ВООПШТО НЕ ДАДЕ ПЛОД. НИЕ, МАКЕДОНЦИТЕ И ОВОЈ ПАТ ИЗЛЕГОВМЕ ПОБОГАТИ НА    ДУХОВЕН ПЛАН

  Ваше Високопреосвештенство, во Македонија се живее тешко. Луѓето, сепак, не ја изгубија волјата. Вербата во Бога и во Црквата остана најмоќното оружје на верниците, пред се во    одржувањето на соживотот и зачувувањето на мирот. Европа покажа дека го цени тоа со доделувањето на кандидатски статус на Македонија за членство во ЕУ. Што за црквата значи овој чекор напред за државата? 
- Факт е дека македонскиот народ го краси исклучително трпение. Тоа го покажал многупати низ својата тешка, но во исто време и славна историја. Неговото трпение и незлобие, како и подготвеноста за мир и толеранција спрема другите, немале безличен карактер. Македонецот е насаден врз добра и плодна почва, врз делата на славните македонски синови и од антиката и од христијанската цивилизација. Многупати низ историјата дувале секакви незауздани и опасни ветришта, кои се заканувале да го уништат, поинаку да го накалемат или погрешно да го насочат растењето на плодното македонско дрво. Но, за наша среќа, коренот секогаш бил доволно длабок и надежта во Божјата правда - доволно силна за да не одбрани од искушенијата на дивите ветрови. Така било секогаш, така е и сега. Бог секогаш знаел да не награди и да се одзве на нашите повици, на нашето чекање и нашето трпение. Не бадијала е опишан токму во Светото писмо, настанот со светиот апостол Павле, кога на сон му се јавува Македонец кој бара од него да дојде во Македонија и со својата проповед да го спаси и раководи народот. За Македонија се вели дека е библиска земја. Таа во Библијата не е спомната во лош контекст, туку како добар и корисен пример за другите народи и држави. Мислам дека Европа ова добро го знае. Можеби, таа сега ќе треба да ни помогне за многу работи, но верувам дека нема да заборави што направи Македонија и македонскиот народ за нејзиниот целокупен развој и цивилизација. Од Македонија тргна продорот на христијанството во тогашната паганска Европа. Христијанството измени многу работи и постави нови и подобри критериуми кога се во прашање слободата, личноста на човекот и меѓусебната толеранција и разбирање меѓу народите. Македонија е земја со мала и немоќна економија, но Европа не е само економија, таа е процес и развој каде што можат да помогнат и најмалите, се
разбира доколку ова успееме да го покажеме и презентираме пред европскиот човек. Приближувањето на Македонија кон Европската унија, верувам дека ќе значи напредок и развој за македонските граѓани, кои во поголемиот дел се духовни чеда на МПЦ.

Повторното активирање на спорот со СПЦ беше обид да ги разниша редовите во МПЦ. Ударот, се чини, со голема помош на верниците беше успешно амортизиран. Сега пак, има дошепнувања за нов дијалог со СПЦ. По се што се случи, подготвени ли сте за нови разговори, иако кога се работи за вистината нема потреба од брзање? 
- Во вашето прашање накусо е даден и одговорот. МПЦ неправедно и неканонски беше нападната и обвинувана од страна на СПЦ. Се направи обид за формирање на паралелна ерархија и Црква. Во оптек се пуштија многу лицемерни подметнувања со задача да ги обработуваат нечесните и валканите политички игри на нашите соседи. Ова добро беше проценето од страна на православните Македонци и обидите реално пропаднаа. Сегашната ситуација е сосема поинаква. Оние што направија неред во Црквата сега се обидуваат да најдат начин повторно да се воспостават некакви контакти. Очигледно сфатија дека многу се огрешија пред македонскиот православен народ и дека тактиката на заплашување и уцена, воопшто не даде плод. Непријателите на МПЦ и на македонскиот народ со ова ја отпеаја и одиграа својата лебедова песна. Ние, Македонците и овој пат излеговме побогати на духовен план. Се радувам што и покрај големите искушенија од ниту една македонска уста не чув зборови со колнење или омраза. Тоа е нашата најголема придобивка од оваа ситуација. Бескрајно му благодарам на Бога што ни даде сили како народ во тешките моменти достојно да издржиме. А, што се однесува до вториот дел од вашето прашање, тогаш одговорот е дека во православната Црква секогаш мора да постои подготвеност за преговори кога на маса се уште, има отворени прашања. Се согласувам наполно дека нема потреба од брзање, зашто и сами рековте дека вистината е на наша страна. Големите и авторитетни Цркви веќе зборуваат дека македонското црковно прашање мора да се реши по пат на разговори. Ние како МПЦ од ова не бегаме, од едноставна причина што и Бог, и каноните, и вистината, и православниот македонски народ се на наша страна. "Ако е Бог со нас, кој ли ќе е против нас?", се вели во Библијата.

Постои големо неединство во православниот свет. Колку МПЦ како "изолирана" Црква успева да создаде пријатели меѓу православните цркви? Се користат ли доволно македонските верници во дијаспората за лобирање во другите земји? 
- Неединството на православните христијани, нивните непотребни караници и мегаломански идеи, мислам дека се нашиот најголем проблем. Можеби е созреано времето за еден сеопшт Вселенски собор каде под раководството на Троичниот Бог овие идеи, проблеми и недоразбирања конечно ќе се надминат. МПЦ иако е формално непризната, сепак, секаде во светот е почитувана од страна на другите сестрински православни Цркви. Речиси од сите Цркви доаѓаат зборови на поддршка и разбирање. Повеќето од нив, исто така, морале да поминат трнлив пат до здобивањето на својата автокефалност. Затоа мислам дека и самите ни ја разбираат ситуацијата. Со оглед на тоа дека поголемиот дел од православните Цркви се наоѓаат на Истокот, а нашата дијаспора во овие земји може да направи малку, бидејќи ги има во многу мал број. Македонската дијаспора на Запад, пак, може да се искористи на друг начин. Со нивно несебично залагање и лобирање, за што сум сигурен дека ќе се стори со голема љубов и ќе се промовира Македонија како авторитетна држава во очите на влијателните луѓе од светот. А, ако државата биде почитувана во светот, тогаш истото ќе се случи и со Црквата. МПЦ со децении се обидува да ја воспитува македонската дијаспора во духот на христијанските доблести, но и во зачувувањето на македонскиот идентитет. Ние како Црква, засега, толку можеме да направиме. 

Со хиротонисувањето на тројцата нови епископи минатата година, МПЦ уште еднаш покажа дека е жива Црква. Кога може да се очекува пополнување на испразнените или евентуалните нови епархии? Можно ли е оваа година да видиме и нови членови во Синодот на МПЦ? 
- Непишаното правило вели дека новите луѓе со себе носат и нови идеи и нов квалитет. Така е и со новите епископи на МПЦ. Тие се познати на македонското општество и се докажани луѓе на планот на духовноста. Се надевам дека Бог ќе им даде сила и благодет да истраат и да одолеат на искушенијата, но и мудро да ја користат одговорноста која им е доверена. За тоа кога ќе добијат епархии, ќе одлучи Синодот, но и побожниот народ. Кога ќе се случи тоа не е прецизирано, но сепак не може да се одложува до недоглед. МПЦ има потреба и од нови епископи и веројатно наскоро и ова можеме да го очекуваме. Ние христијаните не се оптоваруваме со датуми, за нас е битен квалитетот и растењето во добродетелите. Новите епископи треба да ги краси духот на соборноста, духот на Евангелието, но и чувството за предаденост на македонската нација и традиција. Не смееме да заборавиме кои сме и што сме. Нашите предци жртвувале многу за нашата духовна и национална слобода. Во редовите на МПЦ има многу способни и христоносни личности кои заслужуваат да добијат шанса во организирањето и раководењето на Христовата црква во Македонија.
 

Дали во МПЦ, се уште, постои идејата Божиќ да се слави по стариот календар, пред Нова година?  
- За прашањето околу календарот во Синодот на МПЦ официјално се уште не е зборувано. Засега, поголемиот број од православните верници во светот го слават Божик според Јулијанскиот календар. Сметам дека нема некоја посебна причина оваа состојба да се менува. Ако го смениме календарот, автоматски ќе се смени датумот на многу статични празници, на кои е навикнат македонскиот православен верник. Ќе се смени датумот на Илинден, на свети Никола, на свети Климент... Се поставува прашањето дали е вредно да се менува календарот, зашто е спорен само еден ден во годината, при што ќе страдаат останатите денови. Но, календарот не е догматско прашање и ако дојде до негово менување на ниво на целата православна екумена, тогаш не гледам причина и МПЦ да не се прилагоди на одлуките од Соборната црква. Моментално состојбата воопшто не ми се допаѓа, зашто едни православни браќа веќе го слават Христовото раѓање, а другите се се уште во пост. Мислам дека во најскоро време треба да се реши ова прашање, кое на ниво на чествување на еден од најголемите христијански празници создава неединство. Крајно време е да покажеме единство и сериозност.
 

Основната задача на Црквата е да зближува, но и да простува. Им простивте ли Вие, Високо преосвештенство на луѓето кои Вам или на Црквата Ви погрешија во 2005 година? 
- Ви благодарам за прашањето. Се надевам дека годинава ќе зборуваме само за теми поврзани со покајанието и простувањето. Јас искрено му благодарам на Бога што ни го дал светото простување, зашто само така ќе можеме да напредуваме како личности. Величината на човекот се гледа по тоа колку е подготвен да прости. Евангелието многупати зборува за оваа тема. Ние кои имаме намера да го поддржаваме Христа во се и да ги спроведуваме Неговите начела во животот, се разбира дека мораме да простуваме. Христос како мерка за љубовта ја поставил спремноста да се љуби дури и непријателот. Кој го постигнал ова го заслужил уште сега Царството Божјо. Христос рекол: "Не љубете ги само оние што ве љубат вас, зашто тоа го прават и незнабожците, туку љубете ги и непријателите свои зашто така ќе го добиете Царството Божјо". Јас, еве, јавно барам прошка од сите оние на кои свесно или несвесно сум им згрешил. Ги просам нивните молитви пред престолот на Бога. Воедно на сите православни верници, духовни чеда на Македонската православна црква, би сакал да им ги честитам божиќните и новогодишните празници и да им посакам во мир, љубов и меѓусебно разбирање да ја поминат годинава.
  

Собирање на семејството - мал Бадник  
Традиционално на Бадник, а некаде и на Василица, се крши лепче со паричка. Кога според Црквата е поправилно да се прави тоа?
 
- Традиционално некои православни Македонци кршат лепче со паричка и на Бадник и на Василица. Според учењето на Црквата лепчето со паричка (кравајчето) има своја симболика поврзана со Рождеството Христово. Паричката го симболизира Богомладенецот, а лепчето утробата на Богородица. Кравајчето не се сече со нож, туку се крши, симболизирајќи го со тоа натприродното раѓање на Спасителот Господ Исус Христос. Гледано од овој аспект можеби е поправилно ова да се прави на Бадник, но мислам дека не е погрешно да се крши лепче и на Василица, кога всушност започнува и Новата година. Кршењето на лепче со паричка се прави во кругот на семејството, а христијанството гледа на семејството како на еден вид мала Црква. Членовите на семејството се воспитуваат и преку добрите традиционални обичаи. На Нова година добро е да си посакаме добри желби, да го помолиме Бога да ни дарува поплодна и побериќетна година од претходната, како на материјален така и на духовен план. Секое собирање на семејството треба биде како еден вид мал Бадник, кога сме нетрпеливи да се сретнеме и да му се поклониме на штотуку родениот Месија. Па според ова, кршењето лепче и на Василица не е погрешно.       

ВЕЈЦЕ - мачеништво или херојство?  
Синодот најави иницијатива за прогласување маченици на загинатите бранители во 2001 година кај Вејце, како и на македонскиот херој, Карпош. До каде е реализацијата на овој предлог и каква е процедурата за прогласување на маченик?
 
- По ова прашање мораме да бидеме исклучително внимателни, зашто не смееме да го помешаме херојството со мачеништвото. И Карпош и загинатите бранители кај Вејце во свеста на македонскиот народ засекогаш ќе останат како личности кои ја бранеле народната слобода и кои со својот хероизам се бореле за подобра иднина на македонскиот човек. Кога некој се прогласува за свет маченик не се оценува начинот на неговата смрт, туку неговото сведоштво дека Христос, Синот Божји, се воплоти и воскресна формирајќи го Царството кое не е од овој свет. Ниту еден маченик не останал во сеќавањето на Црквата заради неговата национална припадност, туку токму заради неговата наднационалност, неговата истрајност кон прогонувачите и заради непаѓањето со духот, како и верата во Божјата правда и суд. Светиот првомаченик Стефан, кој станал пример за останатите маченици, починал со зборови на благослов кон неговите мачители. Истото го направил и Господ Исус Христос на Крстот, што значи маченикот е личност подобна на Христа во љубовта и трпението. Ова, според Каноните на Светата црква е појдовната точка кога некој се прогласува за маченик. Затоа ова прашање не смееме да го политизираме, а за останатото ќе се погрижи живиот Бог. Тој секогаш во историјата наоѓал начин да ги посочи небесните жители. Не гледам причина да не биде така и сега.
     

Дејан МИШЕВСКИ 

Преземено од Вечер

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva