Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Интервју: Светиот Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори (15.01.2006)

Светиот московски и патријарх на цела Русија Алексеј Втори веќе петнаесет години е духовниот водач на православните христијански верници на Руската Православна Црква. Неговиот и авторитетот на РПЦ се фактори што влеваат надеж дека подготвеноста да се посредува во решавањето на спорот помеѓу МПЦ и СПЦ ќе роди плод. Тој вели дека понекогаш е потребно стрпливо чекање и сесрдна молитва за да се реши проблемот. Неговата биографија му дава право за такво мислење. Пред да дојде на престолот на РПЦ многу години стрпливо учел и духовно се усовршувал, кои на крајот придонесле на виделина да излезат неговите способности да ги решава и најтешките проблеми. Роден е како Алексеј Михајлович Ридигер во 1929 година, во Талин, Естонија, во многу религиозно семејство. Во 1940 година е ракоположен за ѓакон, а по дведецениско образование во 1961 година е хиротонисан за епископ Талински и Естонски. Во ноември истата година е назначен за заменик-претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија. Во 1964 година станал постојан член на Светиот синод на РПЦ, а до 1979 година е и член на Комисијата на Светиот синод на РПЦ за прашањата на христијанското единство и меѓуцрковни односи. За ленинградски и новгородски митрополит е назначен во 1986 година, а по само четири години, во 1990 година, на Соборот на РПЦ е избран на московскиот патријаршиски престол.

Ваша светост, Рождеството Христово е еден од најголемите христијански празници, празник е на раѓањето на Исус Христос, на добрата волја и на мирот меѓу луѓето. Во каква состојба, според Вас, православните христијани го дочекаа тој празник годинава?

Без сомнение, Рождеството Христово е еден од најголемите празници на Православната Црква, и не е случајно што на овој празник му претходи период на пост. Постот е време на посебен подвиг на покајание. Постот им помага на христијаните да се концентрираат на внатрешниот молитвен живот, да ја исчистат совеста од гревовите и да се помират со ближните. Кога совеста е чиста, Господ му дарува на човека благодатно утешение и радост во
 Светиот Дух. Ако христијанинот достојно го поминал времето на постот, тој го пречекува Рождеството Христово во добро расположение на духот и во мир со блиските луѓе.

Кои задачи на Православната Црква во светот ги сметате за најважни?

Главната задача на Православната Црква, несомнено, е проповед на Евангелието на Господ Исус Христос. Таа задача, која произлегува од самата природа на Црквата, ќе е најприоритетна за сите времиња. Другата задача, која е мошне важна, е зацврстување на братските врски помеѓу помесните Православни Цркви. Проповедта на Евангелието не е можна без љубов. "По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе" (Јован 13, 35) и тие зборови на Спасителот се основа за меѓуправославните односи, како и за односите на секој христијанин со луѓето околу него. Не
смее да се заборава и на развојот на соработката со инославните цркви, која е насочена кон заедничкото утврдување на христијанските етички вредности во современиот свет, кој сѐ повеќе се оддалечува од духовните извори на европската христијанска традиција.

На кој начин се градат односите помеѓу Руската Православна Црква и државите на чија територија таа богослужи? Што значи секуларниот карактер на државата?

Светите апостоли ги учеле христијаните да и се потчинуваат на власта независно од нејзиниот однос спрема Црквата. За среќа, денес заемното дејствување на Руската Православна Црква со државите на Заедницата на независните држави и балтичките земји што ја сочинуваат нејзината канонска територија по правило се гради врз заемно почитување и немешање во работите на другата, при тоа што уредувањето на државната власт во сите постсоветски земји има секуларен карактер. Меѓутоа, ние не го третираме принципот на секуларноста на државата како радикално стиснување на верата од сите сфери на живеењето на народот, како отстранување на Црквата од решавањето на задачите од јавно значење или одземање на правото таа да ги оценува активностите на власта. Тој принцип, според нас, исклучиво подразбира извесна поделба на ингеренциите меѓу Црквата и власта под услов тие да не се мешаат една на друга во работата. Црквата може да биде одделена од државата, но не може да биде одделена од народот со кој ја дели заедничката судбина.

Нема целосен консензус за автокефалност
Често слушаме дека успехот на православната мисија е попречен од разединетоста на Православните Цркви, како и од несогласувања меѓу народите на православна вера. Што е потребно за да се постигне православно единство?

Црквата е една и "вратите на пеколот нема да ја надвладеат" (Матеј 16, 18). Затоа не можеме да кажеме дека не постои православно единство. Нашата задача е само да го распознаеме единството во суштината на Црквата. Основата на тоа единство е општењето во молитва и во Евхаристија меѓу Црквите. Најважниот предуслов за црковното општење е љубовта, според зборовите на Христа: "По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе" (Јован 13, 35). Меѓу народите и меѓу луѓето недовербата или непријателството се премостуваат со враќањето кон заповедта за евангелската љубов. Таа љубов ги уништува пречките и станува основа за воспоставување целосно и сестрано општење меѓу поделените народи и луѓето.

Сметаме дека недостигот од единството е последица и на пробелмите со признавањето на автокефалниот статус на одделни Православни Цркви. Зошто се јавуваат таквите проблеми? Се создава впечаток дека во Православието има неколку гледишта за добивањето автокефалност.

Навистина, досега не е постигнат сеправославен консензус за тоа каква треба да биде процедурата со која на одредена Црква ќе и се дари автокефалност. Во канонската традиција на Црквата таа процедура не е јасно дефинирана и затоа постојат различни приоди и интерпретации за неа. Сите помесни Цркви признаваат дека е потребна дефинитивна согласност за тоа прашање, и тоа е една од целите на иден собор на Православната Црква.

Едни Цркви сметаат дека автокефалниот статус може да го дава Мајката Црква, други, пак, веруваат дека таа улога ја има Вселенската Патријаршија. Дали ќе се изработи општопризнаен начин?

Прашањето што го поставивте беше разгледувано на Меѓуправославната подготвителна комисија, која се состана во рамките на подготовките за Светиот и велики собор на Источната Православна Црква. Иако на седницата беа забележани различни приоди кон процедурата на давање автокефалност, сепак беше постигната согласност за низа клучни елементи на таа процедура. Беше утврдена важната улога на Црквата, од која канонски зависи Црквата што бара афтокефалност. Мајката Црква треба да ги оцени постојните црковни, канонски и пастирски предуслови за автокефалност и за тоа да ги извести другите помесни Православни Цркви. Исто така беше истакнато дека е неопходно да се постигне консензус меѓу помесните Православни Цркви.

Дали сметате дека во практиката политичките фактори влијаат врз решавањето на прашањето за автокефалноста?

Во историјата на Црквата има примери како различни фактори, меѓу кои и политички, влијаеле при здобивањето автокефален статус. Но на крајот на краиштата признавањето на Полнотата на Вселенското Православие од страна на другите помесни Цркви (...) беше од канонски причини. Според светиот апостол Павле, кај христијаните треба "сѐ да се врши како прилега и уредно" (1 Коринт. 14, 40), особено ако сѐ тоа е важен настан, како што е здобивањето црковна самостојност.

Нема да бидеме судиjа
Претходното прашање е поврзано со проблемот на Македонската Православна Црква. Овој проблем постои веќе четири децении и сѐуште неизвесно дали ќе се реши поради ставот на Српската Православна Црква. Што Вие мислите за тој проблем?

Поделбата болна за целото Православие се појави во 1967 година, кога Православната Црква во Република Македонија еднострано ја прогласи својата независност од Српската Православна Црква. Сметам дека едно толку важно прашање може и треба да биде решено само со братски преговори и со почитување на црковните канони. Треба да се остане верен на црковното Предание, на црковните вековни закони. Но истовремено треба да се покажува братска љубов, стремеж кон постигнување поголемо заемно разбирање, кон сфаќање на околностите на животот на двата народа и да не се бара еднострана полза, туку сеопшто добро.

Македонската Православна Црква инсистира на автокефалниот статус, а Српската Православна Црква е подготвена да разговара само за статус на автономна Црква. Дали би можело да се смета за решение одредницата самостојна Црква?

Прашањето за статусот на Црквата во Македонија не треба да се решава без Српската Православна Црква, од која се одделија македонските епархии, а при тоа да се почитува мислењето на целата православна полнота. Можеби користењето на определбите самостојна или самоуправна Црква би помогнало преговорите да излезат од ќор-сокак и би придонесло да се надмине сложената ситуација.


По сето она што се случи со владиката Јован, кој се припои кон Српската Православна Црква, што мислите Вие за целата работа? Дали Српската Црква имаше право да формира црковна структура каква што е таканаречената православната охридска архиепископија? Во Македонија таа се смета за парацрковна организација.

Ние сме свесни дека Белград и Скопје имаат различни погледи на овој проблем. И Руската Православна Црква во овој случај не е повикана да игра улога на судија. Таа може само да даде братски совет и го прави тоа и во дијалогот со српската и во дијалогот со македонската страна. Сметаме дека и покрај тешката ситуација, која настана откако во затвор се најде еден од јерарсите на Српската Православна Црква, можностите за преговори не се исцрпени и преговарачкиот процес мора да биде обновен.

Имаме предлози за прифатливо решение

Покрај со непризнавањето на автокефалниот статус, Македонската Православна Црква се соочува со проблемите за употребата на нејзиното име. Влијателната Еладска Православна Црква се противи на употребата на уставното име на Македонската Православна Црква. Што Вие мислите за ова? Дали може некоја Црква да оспорува име на друга?

Тоа е многу осетливо прашање, кое ги засегнува националните чувства на различни народи. Имаме предлози за прифатливо решение на ова прашање. Но сега, во оваа фаза, би било преурането тие да се разгледуваат по медиуми.

Дали Православните Цркви се координираат меѓу себе кога треба да заземат став за некои прашања? Имено, дали постои коалиција помеѓу Српската и Еладската Православни црква за прашањето со Македонската Православна Црква наспроти ставот на други
Цркви што имаат позитивно мислење за ова прашање? Дали понекогаш Руската Православна Црква учествува во таквата "координација"?

Секоја помесна Православна Црква внатрешните проблеми ги решава независно и самостојно донесува одлуки, но за прашањата од општоправославно значење, како и за прашањата на верата, ниедна автокефална Црква не може да донесува одлуки еднострано, без да го има предвид мислењето на другите помесни Цркви. Секако, Московската Патријаршија, заедно со другите Цркви, учествува во разгледувањето на прашањата од општоцрковно значење.

Какви се односите помеѓу Руската Православна Црква и Вселенската патријаршија? Дали постои "ривалство"?

Ривалството меѓу Црквите го руши нивното единство и е во спротивност со самата природа на Православната Црква. Кога некои ученици Христови се обидоа меѓусебно да се натпреваруваат, Христос им одговори: "Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга!" (Матеј
 20, 25-26). Секако, постојат несогласувања во односите помеѓу Руската и Константинополската Црква, како што понекогаш има недоразбирања дури и во најсложните семејства, но ние секогаш се трудиме да ја паметиме заповедта на Христа за единство (Јован 17, 21) и тоа ни помага да бараме решенија за постојните проблеми.

Етнофилетизмот е еден од проблемите во Православието. Дали според Вас, е можно наскоро Православните Цркви да се откажат од националните одредници во своите имиња и повторно да ги употребуваат првобитните имиња, според градовите во кои е катедрата на поглаварот?

Јас не би ја поврзувал употребата на имињата на народите и на земјите во одредниците на помесните Цркви со појавата на етнофилетизам. Тие имиња повеќе се одраз на историската поврзаност на Црквите со одреден народ. Меѓутоа, во имињата на некои цркви (Константинополската, Александриската, Антиохиската, Ерусалимската) е одразена поврзаноста на Црквата со градот каде што се наоѓаше или се наоѓа катедрата на Нејзиниот поглавар. Црковната традиција ги признава и двете практики на именување на Црквата. Би сакал да истакнам дека, во согласност со Уставот на нашата Црква, таа се именува и како Руска Православна Црква и како Московска Патријаршија, односно се почитуваат и двете традиции.

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva