Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

 

 

МИРКО ЃОРЃЕВИЌ

Радикалните политичари повеќе од СПЦ го кочат признавањето на МПЦ

 

Коштуница форсира политика на клерикализација, при што заборава дека црквата се вплеткува каде што не и' е местото, вели професорот

БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА

Професорот Мирко Ѓорѓевиќ спаѓа меѓу врвните српски интелектуалци кои отворено го критикуваат тамошниот црковно-државен дил кој и' штети на Србија, но и пошироко. Неговиот збор има посебна тежина и кога ја критикува СПЦ, бидејќи важи за исклучителен познавач на православието. Тој е писател, преведувач и колумнист во многу бившојугословенски редакции, но и соработник во престижните париски весници Монд и Фигаро.

Српската православна црква писмено и' одговори на МПЦ дека е подготвена за продолжување на дијалогот. Како Вие, како исклучителен аналитичар на црковните состојби, гледате на овој чекор?

- Тоа е многу добра информација за која не прочитав ниту збор во овдешниот печат. Значи, сепак, полека се пробива мислата дека потезите на црковен Белград кон Македонската православна црква биле избрзани и дека се направени грешки. Прва од грешките е што се одеше на воспоставување на т.н.охридска архиепископија поставена од Белград со архиепископот Јован, но проблемот е и историски. Охридската архиепископија никогаш не потпаѓала под лоното(крилото) на СПЦ. Св. Сава од неа со одвоил во јули 1219 година и основал црква, која останала да живее како дел на вселенската црква. Со Јован е направена и верска, но и црковно-политичка грешка, зашто во странство создаваа некаква си црква која се обидоа да му ја увезат на македонскиот народ кој не ја сака, зашто тој веќе си ја има МПЦ. Затоа, сега на највисоко црковно ниво треба да дојде до квалитетно поместување напред со признавање на автокефалниот статус на МПЦ и, со црковен јазик кажано, да се направи и оној формален канонски отпуст и двете цркви да живеат независен црковен живот. Неволјата е во тоа што прашањето веќе не е само црковно, туку меѓудржавно. Помеѓу МПЦ и СПЦ не постои ниту еден догматски проблем, ниту во алузија, не постои ни еклисиолошка пречка и овие две цркви се во догматско, канонско и литургиско полно единство. Тие служат иста литургија и се исповедаат на ист начин. Единствено што ги дели е организационото прашање. Се заборава и во Македонија и во Србија, дека автокефалноста воопшто не спаѓа во сакралните прашања, туку е организација на црковната држава. Тоа е, знаете, како што би кажале комунистите, чисто организационо прашање и ништо повеќе. Нешто што е секундарно. Но, сепак, се плашам од политичарите кои многу пати кумувале, но на лошо.

Вие нагласувате дека учењето е потполно исто, но ќе Ве потсетам на една изјава на патријархот Павле кој еднаш рече дека МПЦ и СПЦ немаат иста вера. Како го објаснувате ова?

- Да, но таа изјава јас ја доживеав како обична грешка на возрасен човек, зашто тоа го рече еднаш и никогаш не го повтори. Во продолжение на овој свој исказ патријархот се обиде да говори дека во МПЦ се јавуваат знаци на етнофилетизам. И, видете историски парадокс - пред тоа имавме цел период на етнофилетизам и затоа, често нагласувам, а во јануари на таа тема говорев и во Париз, дека етнофилетизмот на Балканот е непрележана болест во сите цркви. Затоа и се случува, црквите одвреме-навреме да престанат да бидат цркви и понекогаш дури и се претвораат во политички партии, иако етнофилетизмот од православието официјално е осуден уште на Соборот во 1882 година. Оваа порака на патријархот јас ја разбрав и на поинаков начин - па, во неа видов дека тој сака да каже дека се работи за лоша болест, дека црквата е црква, а не политичка партија. Многумина заборавија дека во таа беседа тој додаде и уште нешто, како попатно, но важно - дека ниту државата ќе управува со црквата, ниту црквата може да управува со државата, што значи, прати предупредување, зашто со владиците и со патријарсите наголемо се манипулира, и тоа секаде.

Кој е главниот кочничар на продолжувањето на дијалогот?

- Нерешевањето на проблемот се должи на лошата спрега меѓу структурите на моќта во епископатот на СПЦ и политичарите кои ова прашање го држат како карта во ракавот и кои од тоа прават свои сметки. Ќе објаснам со прост пример. Нашиот патријарх неодамна рече дека тие немаат ништо против македонскиот народ, јазик ниту пак против државата, но темната сенка доаѓа од политичарите. Да не заборавиме дека дел од епископатот во Белград е само парче од прикаската, бидејќи имаме други, многу повлијателни центри на моќта кои постојат кај политичарите, во Академијата на науките, и во делот на клерикализираната јавност во Србија. А тие поаѓаат од тезата која не ја кријат, а која јас само ја цитирам - дека македонскиот јазик е измислица на Коминтерната, дека македонската држава е минлива... На нивна жалост, тоа воопшто не е точно. Македонците се посебен народ, со свој јазик и култура и имаат полно право да се борат за својата црква. Но, тука има една опасност, зашто од напорите да се зачува црква, политичарите сакаат да направат атрибут на својата политика. Тоа не е случај само во Македонија, сличен хаос е присутен и на православниот Исток. Да не заборавиме дека автокефалија бараат 12 цркви на просторот на православната екумена. А на православниот Исток постои непишано правило - своја незавизна држава, своја црква, така што барањето на Македонците е легитимно. Повторувам, го правите истото што св. Сава го направил во јули 1219 во Никеја, кога служејќи се со итрина и вештина, добро го проценил и го искористил безвластието во кое немал кому да му се обрати и создал црква. Затоа, велам, автокефалноста е секундарна работа, битна е верата. За жал, многумина автокефалноста ја доживуваат како да е тоа се'. Затоа, СПЦ треба да ги изврши формалностите и да и' даде канонски отпуст на МПЦ за автокефалност и да и' се овозможи воведување во диптихот на православните цркви. Со тоа би се случило нешто големо и добро за Македонците, ама и за нас Србите, бидејќи ќе имаме еден проблем помалку. Ништо нема да загубиме, а односите на државите нема да бидат затегнати.

Колку што Ве разбрав, МПЦ како реалност потешко им паѓа на одредени политичари во Србија, отколку на духовниците на СПЦ.

- Да, политичарите се поголем проблем. Моментално на политичката сцена во Србија, значи дури и по падот на Милошевиќ, има националистичко-конзервативна структура која ја оличува нашиот премиер Коштуница, кој е непопуларен и неодлучен и кој не се снаоѓа. Тие сили многу ја кочат разврската. Сепак, ме радува што во средбата на претседателите на двете држави - Тадиќ и Црвенковски, имаше многу разумни тонови, како држави да се држиме настрана, да ги почитуваме секуларните вредности и да се обидеме да го потпомогнеме излезот од овој спор.

Дали СПЦ воопшто е подготвена да го прифати ексвладиката Јован, бидејќи на архијереите на Вашата црква добро им е познато неговото минато?

- Од некакви науми тој да се прифати и да се унапреди, мислам дека се откажаа и барем во последните една и пол година такво нешто не се спомнува. Згора на се', тоа не би било никакво решение. И да ја земеме таа хипотеза, и да се повлече и вториот потег - да му се даде автокефалија, не може да се заборави фактот дека устројството на црквата не е во негови раце. Тие одовде можат да му дадат што сакаат, но Вранишковски доби само фиктивна титула. Да ве потсетам, историски, на Јован без земја, само што во нашиов случај станува збор за Јован без црква.

Во последните две децении СПЦ е можеби најконзервативната институција во Србија. Постои ли подготвеност за внатрешни реформи?

- Таа оцена дека е конзервативна сила во општеството е точна, но тоа е случај со многу цркви на православниот Исток каде што конзервативизмот го доживуваат како доблест, што за нас кои се занимаваме со таа проблематика, ова е голема енигма. Кога се вели - реформи во црквата - ви тврдам, на владиците им се крева косата на главата и веднаш прашуваат какви реформи, црквата не е исто што и општеството... Но, тоа не е точно. Нашите браќа католици направија коперникански пресврт со Вториот ватикански концил кога ја осовременија црквата за таа да проповеда во новото време. Нашата црква е конзервативна сила зашто тие велат дека се држат до преданието. СПЦ го плати долгот на идеологијата на голема Србија кај Милошевиќ и затоа една моја студија, која е преведена на повеќе јазици ја насловив - Воениот крст на СПЦ. Вистина е дека сега црквата во Србија е моќна и е во спрега со државата, но се заборава дека многу епархии кои и' останаа во други држави, ги поседува само формално. Во новиот Нацрт-устав на Европа на Жискар Дестен се вели дека црквата и државата не ја одвоиле комунистите, туку Христос и тоа е вистина и - де јуре и де факто. Во Уставот на Европа има една убава идеја - црквите во православието да се организираат според митрополитски систем, да бидат организирани според постојните градови, а не да и' бидат приврзок на државата. Тоа е со цел да се изгуби националниот предзнак, зашто Европа се гради на еден друг принцип - сите по малку да се откажеме од суверенитетот. За жал, во Србија, а и во Македонија, суверенитетот се подразбира на средновековен начин. Имајте го наум страшниот факт кој важи за целото православие - последниот Вселенски собор се случил пред рамно 1.200 години и од тогаш ништо не е сторено. Згора на тоа ние на Балканот сме и малку фрустрирани. Можеби е добро што сега на чело на Вселенската патријаршија е г. Вартоломеј кој има малку пошироки видици, но наидува на големи отпори. Тој се обидува да гледа преку националните рабови, зашто православието може да се уништи во етнофилетизмот.

Велите, г. Вартоломеј се обидува да гледа подалеку, но зошто тогаш толку цврсто се држи за грчкиот блок цркви кои во себе содржат многу недоследности, работи несоодветни на православието?

- Тој е во мошне незавидна состојба, пред се' затоа што по потекло е Грк, а е турски државјанин. Видете, само колку храбро се бори со Света Гора и со тамошните зилоти. Во Белград велат дека секој екуменизам е ерес, што би требало да значи дека ние со католиците не би смееле ни да разговараме, што е најголема глупост. Г. Вартоломеј сослужува со римскиот папа, бидејќи и нему му е јасно дека, ѕидот кој ги подели христијаните во 1054 година, белким не е до небото.

Кога во Србија се засилија врските меѓу црквата и државата?

- Врската се официјализираше на фамозниот митинг на Газиместан во 1989 година кога имавме неверојатна сцена поради која таа вечер ме викаа од сите страни на светот - за првпат заедно се најдоа знамето со српот и чеканот и онаа со крстот. Тогаш започна сојузот на тронот и олтарот. Таа врска во времето на Милошевиќ беше многу силна, бидејќи, мора да признам, со црквата тој манипулираше многу вешто. Тој ја помагаше, а таа му даваше духовна логистика и така се' повеќе и повеќе. Имавме надеж дека со падот на Милошевиќ состојбата ќе се врати на нормала, но со години наназад Коштуница форсира политика на клерикализација, при што заборава дека со тоа црквата се воведува во сите пори на животот и се плете онаму каде што не и' е местото. Знаете, не можете да осветувате јавна куќа, се знае што е свето, што е профано. Рускиот теолог Булгаков многу убаво вели дека православната црква не би смеела да се врзува ниту за еден режим, зашто кога тој ќе падне, црквата останува вдовица.

Иако сте верник, Ве обвинуваа дека стравувате од државата божја?

- Да, токму така. Но, знаете, нема шанси во денешно време, Србија да стане православен Иран, како што говореа некои, што не значи дека меѓу владиците нема православни ајатоласи. Ги има, се разбира, но Србија живее во секуларна Европа. Она што сериозно и го забележувам на црквата е тоа што заради спрегата со власта, жртвува две големи работи - мисионерството кое и' е сведено на нула и хуманитарната дејност. Во црквата е присутна корупцијата, и тоа не е специјалност само на СПЦ туку воопшто.

Каква е објективно улогата на патријархот Павле?

- Тоа е човек со нескриена харизма и со примерно христијанско живеење. Цело време во периодот на тешките воени времиња на Милошевиќ одржуваше некаков вид рамнотежа, нудејќи изјави од типот - Да бидеме луѓе, Господ не' гледа, Не сакам ни најмала, а не голема Србија по цена на ниту едно невино убиено дете... и тој ја следи оваа своја теза. Сепак, патријархот е во поодминатите години и неговата улога не е голема, зашто е дел од структурата - прв меѓу еднаквите. Освен тоа, веќе се води битка за негов наследник.

Не е јасно, како тогаш г. Павле можел да толерира состојба првите луѓе од неговото опкружување да бидат директно вклучени во активности поврзани со воени профитерства, со убијци...

- Неговиот симпатичен одговор на ова прашање гласи: Јас сум прв по честа, но не и по власта, јас ја немам моќта, така што ни останува надежта дека ќе дојдат некои други, помлади генерации, кои ќе ги поместат работите од мртвата точка.

Знам дека не сакате да прогнозирате, но сепак, ќе Ве прашам во кого од српските владици го гледате наследникот на г. Павле?

- Тешко е да се прецизира, но можам да споменам владици за кои сигурно знам дека имаат одредени квалитети. Пред се', шабачко-валевскиот Лаврентие, или косовско-липљанскиот Теодосие, кои спаѓаат меѓу луѓето со најмногу слух за новото време, кои ја изразуваат полната свест дека во СПЦ нешто мора да се реформира. Конзервативните сили, како што е познато, повеќе се склони да бидат во дил со власта. Од историјата на православието е познато дека во крајна линија изборот на патријархот зависи од влијанието на државата, од политичарите.

Не стравувате ли дека на тронот може да се појават бившите воени профитери?

- Тој страв постои, но мислам дека, сепак, тоа е невозможно. Но, едно е што јас мислам и посакувам, а друго е распоредот на политичката моќ, од која често зависат многу нешта, така што никогаш не можете да бидете сигурни. Еве, ќе ви дадам пример, ние на тронот на милешевската епархија го имаме Филарет, кој не само што е воен профитер и финансиски моќник, туку и за време на војната во Славонија се сликаше качен на тенк со митралез и таа слика го обиколи светот. Додека Милошевиќ беше жив, овој владика јавно изјавуваше дека оди во Хаг за да ја бакне раката на вождот и јавно ги заговара таквите милитантни ставови.

Какви се релациите на црковен Белград со Цариград и со Москва?

- Па, со Вселенската патријаршија сега не се добри зашто во белградскиот црковен печат се води вистинска кампања против патријархот Вартоломеј, затоа што ја прифаќа соработката со католиците. Како што реков, овде се смета за ерес да се општи со инославните, што не е добро, зашто тој е примус интер парес, прв меѓу еднаквите. Значи, тој не ни е никаков папа кој ги одредува нештата. Што се однесува до РПЦ, односите се исклучително добри и можам да речам дека никогаш во историјата влијанието на Руската црква врз СПЦ не било поголемо. Русија во Белград има две амбасади. Едната е на руската држава, а втората е претставништво на РПЦ кое се вика Подворје, па влијанието е огромно. Тоа, се разбира, не е секогаш добро и многу посакувано. Се плашам дека во прашање се подлабоки, политички мотиви отколку христијанската љубов.

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva