Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

 

 

Интервју со поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан

 




 

 

10 јули

Архиепископот охридски и македонски г.г Стефан, по повод 40-годишнината од возобновувањето на Македонската православна црква, во интервју за МИА се осврнува на развојот на МПЦ во изминатите четири децении, на дијалогот со СПЦ, на Законот за верски заедници...

 

На 17 јули се одбележува 40-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, период во кој таа се соочи со бројни последици. Како го оценувате развојот на МПЦ во изминатите четири децении?

Годинава се навршуваат 40 години од возобновената автокефалност на Охридската архиепископија - темелот на Македонска православна црква. Изминаа четири децении од богоугодната одлука на Синодот и соборјаните - и македонскиот народ да има своја самостојна Црква, која единствено Христос Господ ќе го има за своја Глава, а таа Црква, пак, за својот народ ќе се грижи како вистинска Мајка. Доволни му беа туѓинските возглавувања и духовни поробувања, кога, откако ќе ја присвоеја црковната власт, го третираа народот како посвоен, а во него, наместо чеда, гледаа пленето паство... На тој одлучувачки чин од јули 1967-та се решивме, откако како народ успеавме на дел од Македонија да имаме своја држава, како федеративен дел од повоена Југославија. Духовната тиранија повеќе не можеше да опстои. Како народ за се можеше да прифати да биде и понижен и изневерен, но не и во име на Господа и за својата Црква. Воскреснувајќи ја по точно две столетија славната Охридска архиепископија, беше исправена неправдата, и тоа, не на некоја институција, туку токму нему - на Божјиот народ од ова парче македонска земја.

 

Како резултат на возобновената автокефалност се отворија Богословијата и Богословскиот факултет, се обнови монаштвото, се изградија и се градат нови, а се обновија и се обновуваат старите цркви и манастири, се намножија потребните епархии, се отворија македонски цркви и манастири ширум светот: во Австралија, САД, Канада... На оваа и на ваква Црква има на што да се радуваат и апостолот Павле и Македонката Лидија, и светите Климент и Наум, и Прличев и Теодосиј, и Натанаил и Мисирков, а таа е таква по нивните несебични заложби и како дар од небото. Паметиме какви беа, и тоа со децении и столетија, а знаеме какви се сега, и Плаошник и свети Наум, и Бигорски и Рајчица, и Вељуса и Водоча, и Зрзе и Осоговски, и Марков и Лесново, и многу, многу други. Но, неспоредливо најважна и најцврста од сите градби е онаа изѕидана во душите на овој народ.

 

 

И по 40 години Македонската православна црква наидува на оспорувања и е принудена да го докажува своето право на самостојност. Дали има позитивна промена во односот на сестринските православни цркви кон МПЦ?

 

 

Македонската православна црква е природна и канонскa продолжителка на древната Охридска архиепископија. Таа со векови била црква на православниот народ кој живеел во оваа наша библиска земја. Познато е дека со ослободувањето или со создавањето на самостојни православни држави, како на Балканот така и меѓу православните народи ширум светот, секоја од нив, сосема разбирливо, обновила или организирала своја црква. Но, иако некои од нив завладејувале со територијата на Македонија, никој никогаш не се обидел да ја обнови Охридската архиепископија, иако за тоа имале можност.

 

Македонската православна црква, како и другите помесни православни цркви, ја живее полнотата на Црквата Христова, која, пак, според својата суштина - е една и неделива. Нејзиното единство е загарантирано од нејзинот Основач, кој е Еден - Господ Христос, па во Негово име никој нема право некого насилно да отстранува, да негира, да отфрла. Повеќе не само да нема Елин или Евреин, туку сите сме единствени во Христа. Се разликуваме во љубовта и по делата. МПЦ во ништо не се разликувала, ниту сега се разликува од другите сестрински цркви. Нашето верување, како и учењето и преданието на нашата Црква, се темели на истите извори, на истите канони и догми кои што ги признаваат и се раководат сите православни цркви. Ние не бараме друг принцип од оној по кој се признаени и Српската православна црква и претходно другите православни цркви.

 

Повеќе од очигледно е дека суштината на проблемот е комплексен и не е само црковен. Всушност, спорот најмалку е црковен, оти ако беше таков, тој веќе одамна ќе се разрешеше на црковен начин, со љубов, врз основа на вистината и взаемната почит. А кога во име на Црквата и на Бога некој богохулно се обидува да спроведува политички платформи за чисто овоземни царства и интереси, со што од Божјата Црква се прави богоборно орудие за туѓа погибел, црковниот ум се помрачува, а благословениот јазик занемува, па во името на Бога и Црквата се повикува на решавачки битки за земни надвладувања. Ние, пак, нема да се подведеме на таквите хабитуси, но само ќе речеме: Господи прости им, не знаат што прават (Лука 23, 34) - иако знаат!

 

 

Има ли нови најави за продолжување на прекинатиот дијалог меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква и за поинтензивна комуникација со другите православни цркви?

 

 

Во моментов, како што е познато, разговорите со Српската православна црква се во мирување, а условите за дијалог се значително отежнати со упорноста во обидите за инсталирање на паралелна црковна ерархија. Последните постапки на Српската православна црква, односно поставувањето на уште еден српски владика за Македонија, јасно укажуваат дека, и покрај декларативното прифаќање од нејзина страна на нашиот предлог за продолжување на разговорите, постои недостиг од искреност во намерите да се изнајде правилно и праведно решение. Што се однесува, пак, до врските со другите православни цркви, нив ги одржуваме на начин и со можностите што тоа ни го дозволуваат. Се негуваат постојните релации со архиереи од другите сестрински цркви, но некогаш тоа е на академско или на факултетско, а некогаш и на парохиско ниво.

 

 

Македонската православна црква изрази незадоволство од некои одредби во новиот закон за верски заедници со кои се предвидува полиберално верско регистрирање. Дали МПЦ е подготвена на компромис за ова прашање?

 

 

Постојаното повикување дека верските заедници во Македонија се против либерализација на Законот за верски заедници е парадоксално! Зошто црквите и верските заедници би се заложувале за некаков нелиберален модел кој би ги ограничувал, не нечии, туку токму нивните права и слободи? Мислењето на верските заедници во Македонија е дека предлог законот е прифатлив и одговара на потребите на верниците во  Македонија, и тоа е заеднички став на МПЦ, на Исламската верска заедница, на Католичката црква, на Евангелско-методистичката црква и на Еврејската заедница. Донесувањето на сите закони се прави врз основа на барањата и на потребите на граѓаните и ги штитат интересите на граѓаните во земјата, каде што тие закони се донесуваат. Со тоа што одредени политички структури, дипломати, па дури и воени организации се заложуваат за прашања од, навидум, религиозен карактер, се разоткрива суштината на некои проблеми. Предлог текстот на идниот Закон е подемократски од законите во нивните земји, што регулираат иста или слична тематика.

 

Затоа, во нашиов случај не е Црквата таа која треба да се подготвува да прави компромиси, бидејќи ако се прифатат оние сугестии кои упатуваат на проблематични решенија, а кои се во името на божемната либерализација водат кон подмолна анархичност, кога сегашните советници, откако ќе си ја извршат задачата, ќе си заминат, државата и народот ќе бидат тие што ќе треба да ги сносат последиците.

 

                                                                                                                      Рената Пепељугоска

 

Преземено од ПРЕМИН ПОРТАЛ: www.preminportal.com.mk

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva