Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

 

Нова хиротонија за Епископ
(13.07.2005)

На празникот на Светите апостоли Петар и Павле, во соборниот храм на Светиот великомаченик Димитриј во Битола, се отлужи Архиерејската Божествената Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, викарниот Епископ Велички г. Методиј, и со бројни свештенослужители од сите епархии на Македонската Православна Црква. На Божествената Литургија Архиепископот г.г. Стефан го ракоположи архимандритот Климент за викарен Епископ Хераклејски. На Литургијата присуствуваа претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-дин Цане Мојаноски, повеќе пратеници во Парламентот на Владата на Р. Македонија,  ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, г-дин Ѓорѓи Мартиновски, и многу други државни претставници. Многубројниот верен народ од цела Македонија, кој присуствуваше на хиротонијата на Епископот Климент се причести со Светите Христови Тајни.  
 

 

 

Беседа на викарниот Епископ г. Климент Хераклејски,

одржана на денот на неговата хиротонија во Битола,

на Петровден 12 јули 2005 год.

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,      

Возљубени  во Господа браќа и сестри,

 

            Стоејќи пред овој свештен и евхаристиски собор кој е воден и возглавен од Вас, Блажењејши Владико, со архиереите, ереите и народот Божји во Македонија, се осмелувам да го исповедам она што го гледам, а тоа е сјајот и отсјајот на светлината која што не е од овој свет а заради устројство на Црквата испратена во светот. И додека во мене неодминливо е чувството по благодатниот чин на епископско ракополагање  дека Он расте во мене, во моето скрушено срце како Сонце, гледајќи во Вас, со Новиот Богослов славословам: Луѓето ги правиш да бидат во обличје Божјо и во нив да се вообличи нигде Несместивиот... та, да блесне, ко што заблеска мојот Бог, штом воскресна. Оваа неизгаслива светлина со векови ја топли душата на нашиот македонски народ, чиј што плод на соборно покајание сме. Од род во род, измиена од солзите, длабочината на неговото срце се избиструва за да стане светло око со кое тој ја гледа божествената светлина  која исходи од Отецот, која ја покажа Синот на Тавор, и која сега и овде Духот ни ја дава како живот.

            Во историјата оваа нетварна светлина е фокусирана во тајната на Крстот и Воскресението. Актуелниот епископ во Македонија смирено го носи својот епископски крст кој во духовно и неукрадливо наследство го доби од Светиот Апостол Павле и од Свети Климент, наречен нов Павле од првоерарсите на Охридската Архиепископија. Го доби за да Го следи Христа, продолжувајќи го делото на искачување кон Голгота. Го наследи за да биде распнат во распнатата Црква и да воскресне во воскресната Црква, сведочејќи ја светлината на воскресението во Македонија. Богопросветлениот епископ  од личен опит знае дека Голготскиот крст и небесната слава се едно и исто и затоа не само што не се плаши неговото срце, туку е подготвено и да Го носи. На повик од Светиот Архиерејски Синод, избраниот епископ, ја напушта својата монашка келија за да го понесе епископскиот крст меѓу луѓето и да го посведочи она што е суштествено.

Да сведочиш денес, значи да веруваш во животот допрен од вечноста. Молитвата е искуство на вечниот живот. Епископот е сведок на Евангелието. Но ако зборовите на епископот не носат живот, тие стануваат само празнословие кое не е ништо друго туку предавство на Евангелието. Да надгледува, да биде епископ не се согласил заради моќ, туку од истоштание (себепразнење), воден од личната состојба на духот која бара да му се принесе животот на другиот. Тој знае дека треба да биде украсен со  Христовата скрушеност, и со таква скрушеност, кротост и благост Македонската Православна Црква мора постојано да зрачи ако сака луѓето да ја препознаат како своја духовна мајка. Да ја препознаат онака како што јас ја препознав, затоа што токму овде во Македонија бев сведок на своето сопствено духовно раѓање во болка и познав дека Светиот Дух е Господ, а нашата света Црква,  многуплодна носителка на Неговата благодат, која изобилно духовно раѓа личности, кои стојат пред Лицето на Живиот Бог.

 

 

                  

    

 

Затоа Му благодарам на Триипостасниот Бог за сите дарови кои ги добив по Негов план и устројство. Роден сум во историско време и простор кои овде во немирниот Балкан самите по себе се крст. Овде, моите телесни родители ме раснеа љубејќи ме, а оние кои духовно ме раѓаа ме учеа да љубам. Бескрајно сум им благодарен. Кога старец Софрониј од Есекс ми напиша дека се моли Мајката Божја да ми го покаже патот до Нејзиниот Син, пророчки ја наговести Нејзината Градина на Света Гора. Со ништо заслужен, мојот двогодишен престој таму го сметам како голем дар од Богородица. Монашкото име Климент го добив од благодатниот Григоријатски игумен Георгиј, страдален старец со срце на мајка и татко. Повикот на Мајката Црква и усвоениот опит (за тоа дека заплетените конци на природните закони се расплетуваат од таинственото делување на Светиот Дух) беа пресудни со мојот постар брат Наум од Света Гора да се вратиме во Македонија.

По дванаесет години живот поминати во манастир, се согласив на нивата Господова да му содејствувам на Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар како негов викар. Во оваа духовна релација со Вас Високопреосветен Владико, неминовно ќе ги минуваме Христовите стадиуми на крст, гроб, симнување во ад и тридневно воскресение. Но, токму затоа, верувам дека нашата заедница е повеќе од доверлива бидејќи е заедница во верата во Распнатиот и Воскреснатиот Господ. Нашето содејство ќе биде за благоустројство на Црквата во Преспа и Пелагонија и ако биде така, уверен сум дека одовде, светлината на локалната Црква ќе се озари и на универзалната Црква. Бидејќи нашиот повик е апостолски, што значи универзален, исто таква е и нашата одговорност.

Особена архипастирска грижа чувствувам за младиот човек во Македонија кој е жестоко искушуван и крајно напрегнат од секојдневниот стрес и од стравот пред неизвесната иднина. Да му овозможиме на современиот човек да го слушне гласот на Црквата преку зборот на Епископот кој треба да биде топол, благ, човечен и пред се егзистенцијален, за да допре во внатрешниот свет на другиот. Следејќи ја неговата драма да му посведочиме за тоа дека во Христа не постои трагедија. Предлагам како единствен критериум на квалитетот на неговото живеење, за почеток, да ја прифатиме неговата искреност.

Од денес како архиереј, посветен сум на Бога и на Неговата Црква, во служба на Крстот и Евангелието. Ќе Му служам Нему и на народот кој е Негово наследство, на начин на кој што Тој самиот не поучи велејќи ... поголемиот помеѓу вас да биде како најмалиот, и тој, што е старешина, да биде како слуга. Зашто кој е поголем: тој што седи на трпеза, или оној што слугува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга. Како слуга на Бога ќе му служам на овој народ Божји актуелизирајќи го етосот на жртва за другиот, етос кој исходи од светата Евхаристија и од подвижничкиот живот.  На патот кон Дома нема да останам глув на неговите воздишки, ниту ќе се одвратам од мирисот на неговите рани, туку ќе се угледам на Христа кроткиот и смирен по срце кој како милостив Самарјанин излева вино и елеј на раните човечки за да ги исцели од смртната болка. Сите овде присутни ве молам помолете се да биде така, а јас ќе се осмелам да ги кажам зборовите на Апостолот кој вели: Господи, Ти дејствувај! Време е Господ да дејствува! За да се прослави Сесветото Име Негово, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!


back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva