Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Божикно послание (30.12.2006)

СТЕФАН

 ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И
ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ -

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

   

Христос се раѓа - славете Го!
Христос слегува од небесата - пресретнете Го!
Христос е на Земјата - вознесете се...

Возљубени чеда во Господа,

На овој светол и величествен ден го прославуваме спасоносниот настан во историјата на човековиот род - раѓањето на Синот Божји, Господ Исус Христос. Неговото доаѓање на Земјава во таа неповторлива ноќ ги загреја срцата на витлеемските пастири, ги зарадува мудреците од Исток и го утеши сето Адамово потомство. Единородниот Син Божји на Себе прими тело човечко, за да го ослободи човештвото од оковите на гревот, од темнината и незнаењето и, дарувајќи му спасение, го упати кон вечната правда и вистина. Затоа, сите кои разбраа и поверуваа, еднодушно Го восхвалија новородениот Богомладенец, Го возвеличија Богочовекот и Спасителот на светот, зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме (Дела 4, 12).

Возљубени наши духовни чеда,

И ние денес да се радуваме и да Го воспеваме новородениот Богомладенец, Кој се јави меѓу луѓето да донесе мир и љубов. Бог слезе на Земјата за човекот да се воздигне на небото! Да се радуваме и веселиме зашто се послушани молитвите на богоугодниците и исполнето е ветувањето на Отецот небесен, дека ќе дојде време кога ќе биде испратен Месија, за да ги помири луѓето со својот Создател. Да се радуваме и веселиме, зашто преку Пресвета Дева Марија - новата Ева - се роди Спасителот на човечкиот род. Дојде долго очекуваниот Емануил, на Кого се надеваа старозаветните праведници и за Кого говореа и пишуваа пророците. Светна Ѕвездата што го најавуваше изгревањето на Сонцето на правдата и Светлината што не заоѓа. Се јави Утешителот на страдалниците, Избавителот на поробените, Лекарот на болните, Надежта за правдољубивите и Востановувачот на еднаквоста меѓу сите луѓе на Земјата. Ете зошто денешниот ден е ден за славословие, радост и благодарење. Затоа, да пријдеме заедно со ангелите и да Му оддадеме слава на Господа, да воскликнеме со благодарност за Неговото неизречиво милосрдие и за Неговата бескрајна љубов што ја покажа кон човечкиот род.

 Возљубени чеда на нашата Мајка - Македонската православна црква,

На денешниот торжествен празник, испраќајќи ви мир Божји и архипастирски благослов, чувствуваме голема црковна и национална радост и заради јубилејната годишнина која треба да ја одбележиме во годината што доаѓа. Да се радуваме на неизмерливата милост Божја, зашто по молитвите и застапништвото на светите Климент и Наум, Охридските Чудотворци, како и на трпението што го имаа и жртвите што ги поднесоа и дадоа многубројните македонски духовници и великани, ќе бидеме удостоени да го прославиме големиот и значаен јубилеј - 40 години од целосното возобновување на древната Охридска архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

Денес, на овој светол празник, да се потсетиме и на тој значаен историски настан, зашто во 1967 г., со богомудрата Одлука на соборјаните во древната Света Софија во Охрид се исправи историската неправда од 1767 г., кога неканонски и од друговерна власт беше укината нашата славна Архиепископија. Да се потсетиме, но и да се поучиме од минатото, заради сегашноста и иднината наша. Во овие тешки времиња, времиња со искушенија за нашата Македонска Православна Црква и за нашиот благочестив народ, будно да ги чуваме богоугодните и родољубиви подвизи и дела на нашите претходници. На тоа сме должни особено да внимаваме, зашто со возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија, всушност, ѝ се вратени славата и достоинството на нашата Света Црква.

Во јубилејните чествувања на тоа воскресенско дело особено место му припаѓа на возобновителот и прв поглавар, блаженоупокоениот архиепископ Доситеј. На овој наш втор свети Климент, заради богоугодното и родољубиво дело, заради далекувидноста, храброста и мудроста со кои застана пред народните желби и пред жртвите, напорите и обидите на сите кои копнееја да се обнови светиклиментовиот трон, му должиме вечна благодарност, чест и почит. По двевековното духовно ропство, тој наш Мојсеј успеа да го најде вистинскиот пат по кој, со Божја помош и преку волјата на домородните свештенослужители и богољубивиот народ, ѝ го возобнови некогашното достоинство на нашата славна Охридска Архиепископија. Затоа, како негови следбеници, да го чуваме неговото богоугодно и рамноапостолно дело и да продолжиме по патот на нашите славни претходници.

 

Возљубени празникољупци,

Божик не е само црковен, туку и домашен, семеен празник. А христијанското семејството е мала црква. Сѐ што се случува во него треба да е одраз на она што се случува во Црквата Христова. Семејството треба да биде училиште на добродетели и прв олтар при воспитувањето на децата. Токму тука - во сопствениот дом, треба да се научи првата азбука на верата. Да Му се доближиме на Бога - и Тој ќе се доближи кон нас (сп. Јаков 4, 8)!

Поведението на возрасните и примерот на родителите се највлијателни при формирањето и воспитувањето на децата. Само покрај благочестиви родители можат да растат примерни деца. Затоа потребно е на семејството да му посветиме поголемо внимание, а Светото Евангелие да биде постојано четиво за сите. Таа Блага Вест веќе дваесет столетија изградува најдобри духовни и морални личности. Колку повоцрковено семејство, колку поупатени во верата, толку повеќе можност децата и младите да растат во атмосфера каде и со збор и со дело се живее по правилата и законите на Црквата. Поучи го детето на почетокот од патот и тоа нема да скршне од него и кога ќе остари (Изрек. 22, 6).

Децата најпрво ја откриваат и доживуваат љубовта во семејството, а подоцна, растејќи телесно, и духовно ја препознаваат во светото Евангелие. Само вистинската љубов, љубовта чиј темел е науката Христова, раѓа и негува благородни и просветени личности, со кои се подмладуваме како богољубив народ. Затоа, како чеда на Македонската Православна Црква, повикани сме да создаваме благочестива атмосфера во своите домови, со која ќе им дадеме можност и на оваа и на идните генерации духовно да проодуват и растат.

Како народ на верата, да не дозволуваме лесно да се раскинуваат брачните заедници, туку да градиме заедница врз вистинска љубов, со која ќе го чуваме Божјиот благослов и родителската радост. Бракот е подвиг кој се остварува со многу љубов и голема жртва, жртва за Бога, за семејството, за децата...

 

Возљубени,

Отецот наш небесен, Кој ни Го даде Својот Син на Земјата, нека нѐ утврди во градењето на благочестиви семејства, како заедници кои спасуваат. Празничнава икона на новородениот Спасител нека биде постојано пред нашите духовни очи, за да ја чувствуваме семејната радост и радоста на рожбите.

Со овие празнични желби и архипастирски совети ви го честитаме денешниот светол и величествен настан, посакувајќи ви овие празнични и сите денови да ги поминуваме во мир и разбирање. Ве повикуваме, возљубени чеда, и овде во Татковинава и секаде по светот, сите заедно, исполнети со евангелска љубов и божикна радост да се поклониме пред новородениот Спасител и заедно со ангелите да запееме: Слава на Бога во височините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја (Лука 2, 14).

Христос се роди - навистина се роди!

Честито и од Бога благословено Новото Лето!

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

+ СТЕФАН

 
со членовите на Светиот архиерејски синод

на Македонската православна црква


КИРИЛ, Митрополит Полошко - кумановски
ПЕТАР, Митрополит Преспанско - пелагониски и
администратор Австралиско - новозеландски
ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско - кичевски
НАУМ, Митрополит Струмички
АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
МЕТОДИЈ, Митрополит Американско - канадски
ПИМЕН, Митрополит Европски
ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски

 

На Рождество Христово, Божик,
2006/7 лето Господово

 

back.gif (1338 bytes)

Vesti