Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

mpc%20vo%20poz.jpg (12847 bytes)

Grb_na_List.jpg (32587 bytes)

Архиерејска Божествена Литургија на Божик во соборниот храм во Скопје (08.01.2006)

На празникот на Рождеството Христово, во соборниот храм на Свети Климент Охридски во Скопје, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот Европски г. Горазд и викарниот Епископ Велички г. Методиј отслужи Архиерејска Божествена Литургија. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, меѓу кои и претседателот на Р. Македонија г-дин Бранко Црвенковски, и повеќе значајни личности од политичкиот и општествениот живот. Денес, на празникот на Соборот на Пресвета Богородица, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан заедно со Митрополитот Горазд и епископот Методиј отслужи Божествена Литургија во црквата на Света Петка во Скопје.

Утре, Божествена Литургија во чест на Светиот првомаченик Стефан, Архиепископот ќе отслужи во црквата на Светиот великомаченик Георгиј во скопската населба Чаир.

 

 

           

 

 

 

 

         

 

  

Божикна порака на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

 

Еве, возљубени празникољупци, пак сме исполнети со радосната и сѐ спасоносна блага вест, која што ангелите, во онаа ноќ, им ја објавија на витлеемските пастири, веста неслушната во дотогашната историја на светот и човекот, веста дека се родил Спасителот, кој е Господ Христос. Таа вест, е најголемата тајна на севкупната вечност! Рождеството на Богочовекот е суштината на христијанската вера и главна вистина на Светата Црква. Синот Божји Единороден, роден во вечноста, се родил и во времето! Таа тајна на Света Троица, постанала тајна на силата и човекољубието Божјо. Оттаму, најголемата тајна времето е најголема тајна во вечноста! Зашто спасението на луѓето не дојде ни од човек ни од земјата, туку дојде од најголемата височина од Бога. Таква била милоста и такво било достоинството на човекот Самиот Бог да слезе од небото на земјата, само за да го спаси човечкиот род. Во таа од Бога дадена и откриена вистина е смислата на Божик, смислата на денот на Христовото Рождество. Затоа, празнувањето на Божик не е обичен обичај, не е некаква традиција или само ден за честитки и подароци. Тој празник е спасоносен настан и дар за сите дарови, ден во кој ни е откриено единственото ново под сонцето. Христовото Рождество е полнота на времето, исполнување на пророштвата, надежите и очекувањата на старозаветните праведници, како и почеток на новото време, на времето што ја осветлило темнината на вековите и време кое што го осмислило севкупното постоење. Затоа, Божик е Живот на животот, Вистина на вистината и Песна над сите песни! Тој ден и настан се повик за мир, разбирање и добра волја меѓу сите созданија, а пред сѐ меѓу луѓето. Да празнуваме како вистински Богољупци и човекољупци и на дело добротворци и миротворци. Да празнуваме учествувајќи во радоста за сите луѓе и за сите времиња.

 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

 

                                  

 

 

back.gif (1338 bytes)

Makedonska Pravoslavna Crkva